Продолжуваат обуките на тимовите од Итните медицински служби

 

Министерството за здравство продолжува со реализација на проектот за континуирана медицинска едукација на тимовите од Итните медицински служби (лекар, сестра и возач), кои работат во рамки на здравствените домови низ Македонија. Станува збор за организирање брзи и ефикасни дообуки за екипите за итна медицинска помош за третман на пациенти со итни состојби од кардиоваскуларна и трауматска природа.

Ова денеска на прес-конференција го истакна Јован Грповски, државен советник во Министерството за здравство, кој рече дека целта е постојано унапредување на работата на службите на Итна медицинска помош, земајќи го предвид значењето на континуираната поддршка на докторите од ИМП при соочувањето со секојдневните предизвици во работењето, а со цел на пациентите да им биде пружена најдобрата, квалитетна и брза здравствена заштита.

- Континуираната медицинска едукација ја вршат врвни лекари од универзитетските клиники пренесувајќи го своето долгогодишно знаење и искуство на вработените во Итните медицински служби. Досега се поминати четири викенди-доедукации или вкупно 24 тимови од итните служби во државата биле дел од процесот на доедукација, согласно содржината на протоколот за итна медицинска помош или поточно со содржина за згрижување на итни состојби и трауми, кардиолошки состојби, невролошки состојби, состојби кај деца и труења, посочи Грповски.

Доедукацијата, укажа тој, ја вршат реномирани доктори од универзитетските клиники кои се распоредени во шест специјалистички тимови, поделени во следните специјалности: специјалисти по анестезија со интензивно лекување, кардиологија, педијатрија, токсикологија и неврологија.

Грповски рече дека тим лидери се: проф. Марија Шољакова-специјалист од областа на реанимација, проф. Аспазија Софијанова-педијатрија, проф. Елизабета Србиновска-кардиологија, проф. Виктор Камиловски-трауматолог, д-р. Андон Чибишев-токсикологија и д-р. Емилија Цветковска-невролог.

- Досегашниот процес на континуирана медицинска едукација се реализира според највисоки очекувања. Едукациите се одвиваат со практични вежби и демонстрации на кукли, ппт презентации, дисеминација на материјали за натамошно читање, високо стручни дискусии, размена на мислења и што е најважно, посебно внимание се посветува на создавањето професионално дружење и релација меѓу лекарите од Скопје и останатите градови, истакна Грповски.

На 14 и 15 септември, нагласи тој, ќе бидат опфатени ИМП тимовите од здравствените домови од Струмица, Радовиш, Штип, Кочани, Пробиштип и Берово. На 5 и 6 октомври со процесот на доедукација ќе бидат опфатени и медицинските тимови од Здравствен дом Скопје (5 тима) и еден од Здравствен дом Гевгелија.

-Едукациите продолжуваат и во останатите градови (последната работилница е предвидена за 8 и 9 февруари 2014), а по завршување на првиот циклус обуки се планира отпочнување нов циклус во сите градови. Значи, како следен циклус на обуки повторно се почнува од почеток, со цел продолжување на континуираниот процес на едукација на здравствениот кадар од службите на ИМП, додаде Грповски.

07.09.2013 - 13:04

најчитано сега