Груевски-Јосиповиќ: Хрватска останува голем поддржувач на евроинтеграциите на Македонија
Премиерот Никола Груевски вчера оствари работен ручек со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Како што информираат од македонската Влада, на средбата, биле констатирани одличните пријателски односи кои постојат помеѓу двете земји, а кои бележат континуиран развој.
- Соговорниците се согласија дека не постојат отворени прашања меѓу двете држави, потенцирајќи дека добрите и пријателски политички односи, како и остварувањето на интензивниот дијалог на највисоко ниво отвора простор за уште поинтензивна економска соработка која ќе донесе напредок на земјите, се вели во денешното соопштение.
Премиерот Груевски истакнал дека унапредување на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и соработката на полето на инвестициите, се приоритети на македонската Влада, и дека Република Хрватска има значење во оваа насока.
На средбата се разговарало и за значајноста за поддршката на реализацијата на стратешките определби на Република Македонија за полноправно членство во Европската унија и во НАТО.
- Во таа насока Премиерот Груевски го информираше хрватскиот претседател за стратешките определби и приоритети во надворешната политика на Република Македонија во контекст на ЕУ и НАТО интеграциите, како и напредокот во реформите кои го прави Република Македонија на тој план. Истовремено Премиерот Груевски ги нагласи реформите и добрите услови кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори, а кои Република Македонија ја прават атрактивна за инвестирање и потенцијална бизнис дестинација за многу заинтересирани инвеститори, се посочува во соопштението.
Премиерот Груевски истакнал дека во Република Македонија постојат повеќе успешни примери на хрватски инвестиции, како што е инвестицијата на компанијата „Агрокор“ во Струмица, што, како што рекол, покажува дека постои сериозен потенцијал за зајакнување на економските односи меѓу државите. Премиерот посочил и дека се добредојдени хрватските инвеститори кои се заинтересирани за зголемување и проширување на инвестициските можности.
Претседателот Јосиповиќ истакнал дека во Република Македонија гледа искрен пријател и дека Хрватска и понатаму ќе остане силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Република Македонија.
Хрватскиот претседател се согласил дека постои добра основа за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави особено на полето на земјоделието, преработувачката индустрија и туризмот.
Соговорниците размениле повеќе информации за споредбените искуства, за предизвиците со кои се соочуваат државите на политички и економски план и за околностите во регионот.