Започнуваат ископувањата на локалитетот „Визианус“ кај Куманово

Надлежните од НУ Музеј Куманово информираат дека од 10-ти септември, годинава започнува истражувањето на локалитетот „Визианус“.

Со средства одобрени од Министертвото за култура стручни лица ќе започнат со ископување на локалитетот во кој освен археолози од кумановскиот музеј ќе работат и археолози од Музејот на Македонија и студенти по археологија.

- Планираме целосно да ја отвориме градбата за која се претпоставува дека е ранохристијанската црква со што таа ќе биде единствено истражена градба од тој вид во кумановскиот регион,по што ќе следат проекти за нејзина конзервација и презентација пред пошироката јавност, вели директорот на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска.

Како што информираат од кумановскиот музеј,локалитетот „Визианус“ е значајна римска станица, лоцирана на патот кој водел од Скопје (Скупи) кон Ќустендил (Пауталија).

- Локалитетот и претходно беше истражуван од археологот Звонко Николовски во периодот од 2001 до 2004 година кога се откриени градби од римско време,римски гробови и дел од градба за која се смета дека е ранохристијанска базилика, објаснува Цветановска.

Од Музејот се надеваат дека локалитетот за брзо време ќе стане познат и посетуван бидејќи се наоѓа во близина на регионален пат.

04.09.2013 - 16:08
Фото: 
Утрински

најчитано сега