Червар: Битката за името се води и на спортско поле
Лино Червар тренерот на македонскиот вицешампион Металург, по натпреварот со Пик Сегед даде изјава за македонските медиуми во која порача дека битката за името на Македонија се води и преку спортските натпревари.
- Металург е клуб со 80% македонски ракометари и најдобро може да го промовира името на Македонија и културата на македонските граѓани во Лигата на шампионите, во Европа и во светот. Битката за идентитетот и за името на Македонија не се води само на политичко поле, борбата се води и на спортско поле. Македонските спортисти од разни спортови извонредно ја водат таа битка, и тоа треба да се почитува. Јас не сакам да бидам поголем Македонец од тие кои се родени во Македонија, но никој не може да ми забрани да ја сакам мојата втора татковина, Македонија. Не може да ми забрани да ги сакам и да ги почитувам македонските граѓани и спортисти, истакна хрватскиот стручњак.
Червар ги потенцира тешките услови во кои работат неговите ракометари, но нагласува дека тоа не е пречка да се стигне до посакуваниот резултат.
- Ние сме клуб кој работи во невозможни услови, во едно складиште, во еден подрум без стакла, каде што и нема стакла туку дупки, кои ги лепиме со селотејп. Тоа се условите во кои работиме и постигнуваме успеси, а стигнавме и меѓу најдобрите осум екипи во Европа. Им порачувам на сите во спортот и надвор од него дека мораат да ги почитуваат и да ги штитат македонските спортисти. Тоа е тоа што сакав да ви го кажам, и јас, како Лино Червар, е ставот на предводникот на „Метлурзите“.
Тој смета дека со пласманот на тимот од „Автокоманда“ во Лигата на шампионите, неправдата е исправена, а според него вистинскиот шампион на Македонија е токму Металург.