Миркуловски: Во Вараждин не чека потешка битка, а еден меч е од големо значење за нас

 

Македонската ракометна репрезентација замина за Вараждин во освојување на нови победи. Таму ги очекуваат три нови големи битки со моќни селекции како Шпанија, Данска и нашиот вечен противник Чешка.

Нашите ракометари имаат три дена за одмор со оглед на тоа што првиот предизвик против Шпанија е на 21 јануари што за нас е позитивно и тоа го потенцира големиот борец Филип Миркуловски.

–Завршивме на првото место во групата, можеби малку неочекувано, но ние верувавме во тоа. Ние не ги криевме амбициите пред ЕП, сакавме да одиме чекор понатаму, не само да ја минеме првата фаза. Имавме три натпревари, два пати победивме, можевме да ја добиеме и Германија, но така требало да биде. Сепак сме први во групата и мора да бидеме задоволни. Во Вараждин не очекува уште потешка група, уште потешка битка. Можеби ако досега бевме изненадување на првенството таму ќе не гледаат со други очи, ќе се подготват многу подобро за нас. Ама и ние подобро ќе се спремиме, имаме три дена за одмор, за тренинг, за тактички варијанти и верувам добро ќе се подготвиме за Шпанија и оствариме позитивен резултат, -вели Филип посочувајќи го мечот со „црвената фурија“ како круцијален во обидот да дојдеме до историски успех.

–Овие три дена одмор добро ќе ни дојдат, повеќе или помалку сите играчи влечат ситни повреди и ќе може да се санираат. Да излеземе на мегдан со Шпанија одморени, според мене тој е најважен меч ако сакаме да одиме понатаму и во полуфинале, а потоа следи Чешка. Ако се слави на тие средби Данска може да биде безначајна, -порача популарниот Жути.

 

 

 

18.01.2018 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега