Реџепи: Потребна е поголема религиска писменост која ги отвора видиците за големите сличности на различните религии
Јасмин Реџепи, аналитичар и добара познавач на религиите, од невладината Легис, кој собра голем број позитивни реакции кај Христијаните, поради неговиот став да застане зад правото на слободно верско уверување на родителите и децата и нивната јавна манифестација преку Бадниковите поворки, во интервју за Прес24, вели дека децата се оние кои секогаш најмногу се радуваат на празниците, а верските права се уставно загарантирани и секоја искрена иницијатива не треба да биде осудувана.
-Јас сум убеден дека намерата на родителите и на децата била искрена и чиста. Што се однесува до организаторот, тој треба да се произнесе за својот став. Доколку посетата на градоначалниците била со цел да се предизвика поголемо внимание во однос на заживување на традицијата, или пак да се пренесе одредена порака до градските татковци за поголема грижа за потребите на децата во тие општини, тогаш тоа не ми изгледа проблематично. Но, доколку зад иницијативата стои намера за рекламирање на одредена партија или власт, што лично не ми изгледаше како такво, тогаш тоа преставува проблем, вели Реџепи во интервјуто.
Тој потенцира дека смата секуларност на системот претставува баланс меѓу световното и верското во едно мултиконфесионално општество, и е гарант за правата на граѓаните за верски права и слободи.
-Тоа што е потребно кај граѓаните и институциите е да одржуваат сенс за толеранција кон различностите, смета Јасмин Реџепи.
Во интервјуто одговара и на тезата што поединци ја заговараат дека религијата и религиозните луѓе се причина за нетолеранција.
-Религиите сами по себе, како и верниците, припадниците на истите, не се фактор за меѓуверска нетолеранција или конфликти. Религиите во својата суштина учат на почит и љубов, како и на прифаќање на соседите. Напротив, тоа се забележува само кај оние кои глумат религиозност, искористувајќи ја религијата во политички цели и играјќи со чувствата на верската припадност. Верската припадност е дел од идентитетот на различни етнички заедници, која воедно е и дел од заеднички идентитет, што ја прави религијата поголем фактор за кохезија. Затоа е потребна што поголема религиска писменост која ги отвора видиците за големите сличности на различните религии, а што ќе води до поголема меѓусебна почит и толеранција, вели Реџепи.
Тој смета дека поглаварите на верските заедници во Македонија имаат голема одговорност за градење на меѓурелигиска почит и тоа мора да го манифестираат јавно.
-Сѐ додека не ги гледаме поглаварите на големите верски заедници како често седат на иста маса славејќи и почитувајќи меѓусебни празници или едноставно пиејќи кафе и разговарајќи за предизвиците на современите проблеми, нема да видиме како истото се отсликува во политиката на институциите кои ги предводат. Тука сметам дека Комисијата за односи со верските заедници треба да има поголем улога како иницијатор, каде проблемите на верските заедници со државните институции не би смееле да бидат причина за немање дијалог меѓу нив, вели Јасмин Реџепи од Легис во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Една Ваша последна колумна предизвика многу позитивни реакции, пред сѐ кај православните христијани. Се однесуваше на вашата поддршка за настаните од Бадник. Зошто застанавте во одбрана на правото родителите и децата за јавна манифестација на верските чувства?
РЕЏЕПИ: Верските права се уставно загарантирани за сите граѓани во земјава и тоа е преосетлива тема за да може така лесно да се дискутира за неа или да се заземе став со кој би се негирале истите. Јас објаснив во мојата колумна за искуството кое сум го имал како дете и стојам на ставот дека децата највеќе се радуваат на овие празници. Доколку родителите своеволно одлучиле да им ја пружат таа радост на своите деца, не треба никој да ги спречува во тоа. Религијата не функционира со сила, туку со љубов и убеденост. Доколку постојат елементи на наметнување, тогаш надлежните институции треба да го утврдат тоа и да го спречат во иднина.
ПРЕС24: Главната критика за тој настан беше дефиниран како злоупотреба на децата за политички цели, бидејќи биле во посета и на некои од градоначланиците, а од друга страна и за злоупотреба во верски цели, бидејќи биде дел од таа Бадникова поворка. Сакам да Ве прашам дали тоа може да се толкува од оваа гледна точка, или пак тие критики беа мотивирани можеби од некои други причини - политички да речеме?
РЕЏЕПИ: Јас сум убеден дека намерата на родителите и на децата била искрена и чиста. Што се однесува до организаторот, тој треба да се произнесе за својот став. Доколку посетата на градоначалниците била со цел да се предизвика поголемо внимание во однос на заживување на традицијата, или пак да се пренесе одредена порака до градските татковци за поголема грижа за потребите на децата во тие општини, тогаш тоа не ми изгледа проблематично. Но, доколку зад иницијативата стои намера за рекламирање на одредена партија или власт, што лично не ми изгледаше како такво, тогаш тоа преставува проблем. Исто така, се надевам дека подготовките во училиштата биле вон времето за настава и не биле причина некои од децата од друга вероисповед кои не зеле учество да се чувствуваат дискриминирано или маргинализирано. Тука треба многу да се внимава за да не се одрази негативно кај другите.
ПРЕС24: Во Македонија честопати се зборува дека се крши секуларноста на државата, притоа како аргумент се користат тезата дека верските заедници своите активности мора да ги ограничат само во рамки на дворот на своите институции. Колку таа формулација е реална за она што е во суштина секуларност?
РЕЏЕПИ: Под секуларност подразбираме дека државата е одделена од религијата по својот устав и закони и не се меша во работата на верските заедници сѐ додека тие не ги прекршуваат уставот и законите, дека државата е неутрална и не фаворизира една религија пред друга или нерелигиозноста пред религиозноста и обратно, дека државата треба да се грижи верските права и слободи да бидат спроведени без при тоа да бидат нарушени правата на другите, дека државата треба да се грижи да не постои дискриминација на верска база, дека државата треба да е посредник во можните спорови меѓу верските заедници и така натаму. Верниците се граѓани на оваа држава и како такви се неодвоив елемент од институциите кои ја сочинуваат.
Прв пример: Секуларност е кога е дозволено девојче со шамија да посетува настава во училиште, а кршење на секуларноста би било забраната девојчиња со шамии да посетуваат настава или наметнување шамија за сите девојчиња кои посетуваат настава.
Втор пример: Секуларност е кога при церемонијално отворање на некоја државна институција или објект од високо значење се повикуваат и преставниците на сите верските заедници, кршење на секуларноста е богослужење од страна на претставници на само една верска заедница.
Трет пример: Секуларност е предметот Запознавање со религии во основното образование, а кршење на секуларноста е немањето таков предмет или наметнувањето на истиот со задолжителен избор на религија.
Четврт пример: Секуларност е кога саботата и неделата се неработни, па евреите и христијаните можат да се посветат на своите неделни молитви, додека кршење на секуларноста е кога муслиманите немаат ниту еден слободен час во петок на пладне за својата неделна молитва.
Петти пример: Секуларност е кога државата согласно законот обезбедува место за градење верски објект на едно подрачје барано од некоја верска заедница, а кршење на секуларноста кога државата дава дозвола за градење на верски објект во централното градско подрачје за најголемата и за две помали верски заедници, но не и за втората по големина верска заедница.
Секуларноста е принцип кој ги заштитува правата на граѓаните од различна конфесионална припадност или неприпадност, а кој може лесно да биде злоупотребен во забранување на верските права и слободи. Оттука, за да се говори на оваа тема, потребна е добра поткованост од областа на правото и на религиите, посебно оние признати со Уставот.
ПРЕС24: Ако се земе предвид фактот дека Македонија на еден или на друг начин е држава со многу висок процент на граѓани кои се декларираат како религиозни, како да се постигне најдобриот баланс меѓу она што е секуларно општество и основно човеково право на верска слобода?
РЕЏЕПИ: Самата секуларност на системот претставува баланс меѓу световното и верското во едно мултиконфесионално општество, и е гарант за правата на граѓаните за верски права и слободи. Тоа што е потребно кај граѓаните и институциите е да одржуваат сенс за толеранција кон различностите. Зошто да се крева прашина околу поворката од деца кои се радуваат на својот празник, доколку зад тоа не стои политичка иницијатива. Зошто да се шири фобија кон религијата доколку тие деца немале за цел индоктринација или наметнување на својата религија кон другите?
ПРЕС24: Дали под превезот на секуларност во општеството се наметнува пракса на форсирање на некоја форма на полиберална атеизација?
РЕЏЕПИ: Можеби од страна на мал број поединци кои сакаат да ги наметнат своите лични ставови, но не од власта која по својот состав е доволно разнолика и балансирана за да не може така лесно да помине тој став. Но не ме зачудува нивниот став, бидејќи во минатиот период имавме чувство на фаворизирање на религијата, и тоа на само една од повеќето признати верски заедници. Оттука е и тој отпор кон религиите воопшто, кој како реакција носи со себе исто така ризик за прекршување на секуларноста, односно ризик за кршење на верските права и слободи.
ПРЕС24: Ова ве прашувам и во контекст на образованието, но и на еден пример од Европската унија од минатата година кога одлучи дека јавната манифестација на верски обележја на учениците во училиштата е кршење на секуларноста...
РЕЏЕПИ: Тоа го објаснив во еден од претходните примери. Само добро разбрана дефиниција на секуларноста е, и тоа колку, во корист на мултиконфесионално општество како Македонија. Секое мешање во верските права на граѓаните, наместо нивна заштита, е кршење на секуларноста. Ние во Македонија многу добро знаеме колку е битно почитувањето на различностите и дека токму тука се наоѓа клучот на мирот и стабилноста на ова општество.
ПРЕС24: Има и уште една теза која постојано се провлекува во Македонија, а тоа е дека религијата, религиозните луѓе се оние кои предизвикуваат меѓуверска нетолеранција... Кој е Вашиот став?
РЕЏЕПИ: Религиите сами по себе, како и верниците, припадниците на истите, не се фактор за меѓуверска нетолеранција или конфликти. Религиите во својата суштина учат на почит и љубов, како и на прифаќање на соседите. Напротив, тоа се забележува само кај оние кои глумат религиозност, искористувајќи ја религијата во политички цели и играјќи со чувствата на верската припадност. Верската припадност е дел од идентитетот на различни етнички заедници, која воедно е и дел од заеднички идентитет, што ја прави религијата поголем фактор за кохезија. Затоа е потребна што поголема религиска писменост која ги отвора видиците за големите сличности на различните религии, а што ќе води до поголема меѓусебна почит и толеранција.
ПРЕС24: Колку верските заедници како институции се на нивото на одговорноста што треба да го имаат како промотори на меѓуверската почит?
РЕЏЕПИ: Сѐ додека не ги гледаме поглаварите на големите верски заедници како често седат на иста маса славејќи и почитувајќи меѓусебни празници или едноставно пиејќи кафе и разговарајќи за предизвиците на современите проблеми, нема да видиме како истото се отсликува во политиката на институциите кои ги предводат. Тука сметам дека Комисијата за односи со верските заедници треба да има поголем улога како иницијатор, каде проблемите на верските заедници со државните институции не би смееле да бидат причина за немање дијалог меѓу нив.
ПРЕС24: Дали политичките фактори ја сфаќаат суштината од потребата да се избегнуваат манипулации со религијата и верските чувства во мултирелигиско општество какво што е Македонија?
РЕЏЕПИ: И тука би се повикал на КОВЗ која во изминатиот период не беше воопшто активна и критична кон политичките фактори во однос на манипулациите со религијата и верските чувства. Тоа е институција која треба да се грижи за односот во двете насоки држава-верски заедници-држава и за односот на верските заедници меѓусебно.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа