Груевски: Веќе една година работиме на инвестицијата со која се фали Заев
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека холандската инвестиција што вчера ја најави струмичкиот градоначалник Зоран Заев е инвестиција на која како Влада работат цела година.
- Тоа е инвестиција која ја работиме цела година. Тргна од нашиот промотори и амбададор во Холандија, а потоа ја преземаа министрите Веле Самак и Агенцијата за странски инвестиции. Беа кај мене пред локалните избори, но тоа јас не го објавив, бидејќи тоа е култура на однесување со инвеститорите. Беа и кај вицепремиерот Владимир Пешевски и кај повеќе владини министри кои ги носеа да посетат многу локалции. Веќе сме во финална фаза на потпишување на договор за државна помош, така што се надеваме дека сето тоа ќе успее, изјави Груевски по посетата на македонската кошаркарска репрезентација пред Европското првенство во Словенија.
Тоа што Заев одлучил вчера да објави и да си ја препише инвестицијата на себе, како што рече Груевски, му го остава на него и на неговите карактерни склоности.
Градоначалникот на Струмица вчера најави холандска инвестиција во струмичкиот регион со која ќе се отворат нови 250 вработувања.