Во студентските домови има место уште за 3.106 студенти - втор Конкурс на Министерство за образование

 

Министерството за образование и наука денеска објави втор Конкурс за сместување во студентските домови за 2013/2014, со кој слободни се 3.106 легла во десет домови низ Македонија за кои студентите од втора и од повисоките студиски години може да се пријавуваат до 6 септември.

Од 6.369 слободни места во првиот конкурс, објавен на 15-ти минатиот месец, комисијата ги прифатила апликациите на 2.147 студенти и толкав е бројот на пополнети места. Одбиените или не ги исполнувале условите, или немале целосна документација или дале неточни податоци за примања во семејството, што не се совпаѓале со тие од Управата за јавни приходи. Некои апликанти си го зголемувале и  просекот на оценките.

 - Во законски утврдениот рок 4.799 студенти аплицирале електронски. Од нив 3.740 имаат приложено документи, при што Комисијата утврди дека речиси 43 проценти од апликациите се со неточни податоци, односно не се идентични со податоците во доставената документација. Детектирани се екстремни случаи каде студентот во електронската апликација навел дека нема никакви семејни примања, а УЈП констатира годишен прилив од речиси 6 милиони денари. Во друг случај апликантот не пријавил годишен приход од 1,4 милиони денари, во трет пријавил плата на родител од 15.000 денари, а документацијата вели 48.000 денари, рече министерот Спиро Ристовски денеска на прес-конференција.

Тој ги повика студентите кои на првиот оглас  не доставиле документација или не во целост да аплицираат и на интернет-страницата www.smestuvanje.mon.gov.mk да ја преземат пријавата. Огласот важи и за тие што дале лажни податоци од кои, рече Ристовски, можеби некои го направиле тоа несвесно и без да очекуваат дека податоците се проверуваат.

- Сакам да ги мотивирам студентите од сите градови во Македонија, независно од нивниот статус, економска состојба, семејна ситуација, да аплицираат електронски на новиот оглас зашто правичноста во распределбата на студентските соби и понатаму ќе ни биде основниот критериум по кој ќе ги рапределиме и во вториот оглас овие студентски легла. Ниедна ургенција или влијание нема да биде пресудно. Првпат се објавува втор, а ако треба ќе објавиме и трет оглас, се додека леглата не ги добијат студентите на кои тие навистина им се неопходни, рече Ристовски.

На предлог на Владата, Собранието на РМ во вторникот донесе измени на Законот за студентски стандард. Со нив студентските легла во домовите ќе бидат распределувани по точно утврдени критериуми и категоризација на студентите. Следува разрешување од функцијата и високи парични казни за директорот на Студентскиот центар (од 7.500 до 15.000 евра) и за управителите на домовите (од 5.000 до 7.000 евра) ако допуштат прекршување на Законот. Државниот просветен инспекторат ќе прави контроли во домовите и со извештаи ќе ја информира Владата. 

30.08.2013 - 13:30

најчитано сега