СДСМ готви изборен бојкот?

Бојкот на опозицијата на евентуалните предвремени парламентарни избори е најверојатната разврска, откако денеска премиерот Груевски ја фрли ракавицата и побара од СДСМ или да изгласа свој извештај бидејќи во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара ново соочување со граѓаните. Груевски за одлука на СДСМ му даде рок од само еден ден. Премиерот на денешната прес конференција рече дека очекува СДСМ до утре да се произнесе, дали прифаќа, сама да го изгласа извештајот или е подготвен да излезе на соочување со граѓаните. 
Анализата на последните изјави на Заев како и на ставовите кои раководството на СДСМ денеска ги соопшти на брифингот со новинарите, прифаќаето на опцијата, сами да изгласаат извештај е тешко веројатна. Во прилог на ова оди и ставот на партијата дека сака извештајот да биде одраз на вистината и „реално да ја лоцира“ одговорноста за случувањата во Собранието од 24 декември, минатата година. Ваквиот предлог на Груевски, за СДСМ ќе значи дека извештајот нема да биде признаен од најголемата владејчка партија, што во суштина, значи дека на Бихаќка, не е исполнета зацртаната цел, ВМРО-ДПМНЕ да ја превземе одговорноста за собраниските инциденти. 

„Без признание од страна на власта во форма на констатации за уставните прекршувања на 24ти декември не ја испраќаме суштинската порака: дека одговорност мора да има и дека вакви настани никогаш повторно не смеат да ни се случат.  Извештај на комисијата без заклучоци за Уставни прекршување е извештај, колку да се има извештај. Со тоа се лажеме самите себе, ја лажеме домашната но и меѓународната јавност. Формален извештај за маскирање на “црниот понеделник„ за СДСМ беше и é непостоечка опција“ - рече Заев на денешната прес конференција.

Оттука, станува јасно, дека просторот за менавар на СДСМ значително се стеснува, односно прифаќањето на предвремените избори, бар според изјавите на Заев е единствениот одговор на предизвикот кој денеска го постави Груевски. Од друга страна, ситуацијата дополнително ја усложнува краткиот рок кој Груевски го остави за одговор. Доколку во понеделник се распушти Собранието, практично нема време да се усвојат измените на изборната регулатива на кои инсистира СДСМ и кои се услов за партијата да учествува на избори. Груевски краткиот рок го оправдува со Извештајот на Европската комисија кој треба да го добиеме на 16 октомври.

Во ваква ситуација, СДСМ најверојатно ќе се обиде да го пролонгира рокот за распуштање на Собранието и изборите ќе ги условува со измените на изборните закони.
Но очигледно ВМРО-ДПМНЕ однапред е подготвен за такво сценарио, особено ако се има предвид дека премиерот, денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека изборите не може да зависат од како што рече, желбата на СДСМ да учествува на нив.

Расплетот со варијантата избори е всушност повторување на овогодишното сценарио, во кое Црвенковски беше „бетонот“ на отпорот, а Заев, партиската струја која влечеше кон договор со ВМРО-ДПМНЕ за да се учествува на соочувањето со граѓаните.
Помалку од половина година подоцна Заев се соочува со истата ситуација, која најверојатно, ќе се обиде да ја реши на истиот начин очекувајќи различни резултати

АС

 

 

 

24.08.2013 - 23:30

најчитано сега