Посни манастирски рецепти за сите кои постат
Посни манастирски рецепти за сите кои постат за празникот Успение на Пресвета Богородица.
ЌОФТИЊА ОД ЛЕЌА
леќа, хељда, морков во ист сооднос (на пр. по ½ шолја од сите)
средината од 2-3 парчиња стар леб
по желба праз/кромид/лук/магдонос
сол, бибер, кари, вегета
Леќата се вари околу 30 мин. (да биде цврсто зрното) и се цеди. Хељдата се мие, се вари во малку вода (колку да ја покрие), првата вода се фрла; во втората вода се додава сол; кога ќе ја впие целата вода тогаш е сварена. Морковот се бари на пареа или се вари (ако се употребува праз истата постапка како за морковот). Зеленчукот се сечка на ситно, се меша со леќата и хељдата (ако нема хељда, може ориз или просо), се додава сув леб и се зачинува по вкус. Смесата се меша убаво, се остава да отстои за да го впие вишокот течност, се обликуваат ќофтиња (или ќебапи). Се редат во тавче посипано со брашно (може палента или презла место брашно) и се печат во претходно загреана рерна до 200°С околу 40 минути до 1 час.
ПАШТЕТА ОД ОРЕВИ
4-5 компири
250 гр. мелени ореви
1-2 лажици доматно пире
1-2 лажици сенф
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, ситно сечкан млад лук и кромид по вкус
Компирите се лупат, се варат (како за пире); кога ќе се свари водата се одделува (не се фрла, по потреба се додава во пирето). Компирот се пасира, се додаваат оревите и другите состојки. Се меша со миксер и се дотерува по вкус со зачините.
ХУМУС
200-250 гр. печена леблебија се меле во мелница за кафе. Се додава сенф, сол, сок од ½ лимон, млака вода колку да се добие густина на паштета. На крајот се додава толчено лукче по вкус.
КРЕМ-СУПА
основа за крем-супа:
4-5 компири
2 лажици таан
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, копар/магдонос
Излупените компири се варат во толку вода колку да се покријат компирите. Кога ќе се сварат се вадат од водата и се ладат. Изладени се ставаат во блендер со 1 чаша ладна вода, таан и лимон. Се блендира и се истура во водата во која бил варен компирот. Се додава толку вода колку да се добие густина на крем-супа. Се остава да зоврие и се зачинува со сол, бибер и копар или магдонос.
Ова е основен рецепт за крем-супи на вода. Може да се употребуваат многу комбинации: компир + морков, компир + печурки, компир + грашок, компир + спанаќ, компир + праз, компир + брокула и сл.
25.08.2017 - 17:01
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа