Македонија ја испоти Шпанија

 

Македонската кошаркарска репрезентација, добро го испоти европскиот првак Шпанија, во натпреварот одигран синоќа во Сантиаго де Компостела, кој домаќинот го доби со 66:61 по четвртини 21-13, 17-8, 13-24 и 15-16.

Иако загубија, сепак кошаркарите на Македонија покажаа, барем во едно полувреме, дека имаат карактер, особено кога играат максимално ангажирано во одбраната, побрзо и покреативно во нападот.

Како резулат на таквата игра на 6 минути и 30 секунди до крајот на натпреварот Македонија стигна до израмнување 54:54, а имаше и напад за водство. Сепак, видлив беше заморот и се уште не доволната физичка подготвеност на македонските кошаркари, кои не успеаја докрај да направат комплетен резултатски пресврт.

Марк Гасол со 17 поени и 8 скови, заедно со Хозе Мануел Калдерон кој придодаде 10 поени, беа двајцата најефикасни во репрезентацијата на Шпанија.

Владо Илиевски со 14 поени беше најпрецизен во нашата селекција. Ѓорѓи Чековски постигна 11, а Лестер Бо Мекејлеб, Тодор Гечевски и Дамјан Стојановски дадоа по 10 поени. Капитенот Перо Антиќ кој оствари 11 скокови, не успеа да реализира ниту еден шут од игра (0/7), па натпреварот го заврши само со 2 поени постигнати од линијата за слободни фрлања.

Вечерва од 21 часот во Лео, Шпанија и Македонија ќе го одиграат вториот контролен натпревар, кој за двете селекции е дел од подготовките за претстојното Европско првенство во Словенија од 4 до 22 септември. 

21.08.2013 - 08:41
Фото: 
Кајгана

најчитано сега