Болни амбиции и државно раскрчмување
Ете дојде и тој ден мандатар на новата „македонска“ влада да ни биде ни помалку ни повеќе туку велепредавникот, фарисејот, луциферот. Човекот кој со странското сценарио во рака не продаде сите без око да му трепне. Човекот на кого само странскиот сценарист и режисер му се Господ, а се друго околу него е потрошена стока без никаква вредност. Човекот кој се нафати да спроведува класичен лов на вештерки со монтирани и незаконски стекнати прислушувани телефонски материјали, човекот кој го создаде неуставниот орган СЈО кој се однесува во системот како класичен егзекутор. Човекот кој со директна упатена уцена и закана во кабинетот на претходниот премиер се удираше во гради дека странците го подготвуваат за нов премиер во државата. Човекот кој гордо и полн со себе јавно се пењавеше во Швајцарија дека во Македонија политиката што тој ќе ја води ќе биде поставена на нови правила што ќе одат над она што е утврдено во Охридскиот рамковен договор, и над Уставот.
Човекот што на своја глава носи аболиција за сторен криминал тежок 8 милиони евра, човекот што е жив фатен како бара мито за работа која е должен да ја врши согласно законот како градоначалник, човекот кој е жив фатен како соработува со матните криминални типови од подземјето, со луѓето од „фабриката“ за штанцање лажни документи, човекот што на само неколку часа од погибието на осумте Македонски херои и синови-полицајци отиде во кумановското „Диво насеље“ да се слика со убијците, човекот што велеше дека е грдо лицето на Македонецот, човекот за кого Македонците се час бугари, час срби, час нешто трето зависно од неговите лични потреби и интереси, човекот кој а отвори уста, а дрско и безобразно лаже, човекот за кого одредени медиуми на кои сега им е „демократски“ навртен му се главни политички непријатели, човекот кој ужива во давањето команди на главната шефица на партиската организација СЈО како побомбастично да ги оцрни луѓето од раководната и пошироката структура на ВМРО-ДПМНЕ без да падне прашина на неговиот нужен пајташ во новата влада, ДУИ.
Демек криминалци биле и се само вмровците кои мора да се сотрат на секаков можен начин, а најголемите тендераши, пљачкаши во земјата и воени злосторници треба и натаму да останат ангели со почесно место во новата „реформска“ влада. Човекот кој уште не седнат на премиерското столче веќе не испокара со сите соседи, човекот кој јавно го негираше легалитетот и легитимитетот на македонското судство и јавно обвинителство.
Човекот кој прв во Македонија целосно го негираше судствотосо јавно кажаните зборови „судот не го признавам“ за да потоа ја промовираше тезата дека ќе направи генерално чистење (бркање) на сите судии. Човекот кој прв го обелодени добро познатиот принцип на работа „ќе изметам се од чистачка до претседател на Судски совет“. Човекот кој ќе правел генерален избор на нови судии според „критериуми што во повеќето земји давале видливи резултати“ (пази молим те, демек се што се сработи до сега по директни инструкции и увид од страна на Европската комисија во делот на реформирањето на судството ништо не чини според стандардите на човекот). „Ниеден судија нема да смее да помисли да монтира судски процеси и ниеден судија нема да помисли да работи за криминалци затоа што криминалците ќе бидат таму каде што им е местото“, рече човекот и ете го остана жив и се токми да ни биде премиер. Човекот се уште ни должи објаснување дали кога јавно и срамно ги обвинува судиите дека монтираат судски процеси и дека соработуваат со криминалци, всушност мисли на своите судски предмети, и на криминалците-пајташи од неговата најблиска околина? Кога клевети и лаже ја ишка мувата од својата капа или така ни се причинува?
Човекот кој со полна уста зборува за почитување на владеење на правото, а е секогаш прв кога треба да се крши Уставот, законите, Деловникот на Собранието. Човеков, всушност, нема поим што значи да владее правото. За него овој поим е мисловна именка. Човекот кој зборува дека кога ќе дојде на премиерското столче веднаш ќе воведе минимална плата од 500 евра, а во неговите фирми со децении врши класична експлоатација на трудот на работниците користејќи ги за минимални 100-130 евра. Човекот кој половина нација ја направи фантомска, човекот за кого резултатите од последните парламентарни и претседателски избори беа најкриминални, а претседателот на Републиката нелегитимен, за по три години да дотрча како зајче во вилата на Водно да го прими мандатот од истиот тој нелегитимен претседател. Човекот кој не изусти ни збор против барањата содржани во Тиранската платформа, туку напротив ги бранеше како најголем албанец меѓу албанците, човекот според кого Македонците се геноциден народ кој не е лошо ако се извини за измислениот геноцид кој како вистина постои само во неговата глава и никаде на друго место. Човекот кој заедно со шарените ги бојадисуваше институциите и органите на кои сега тој ќе им биде шеф, човекот кој ги наградува со пратенички и директорски места луѓето што силно врескаат и се закануваат по живот на сите оние кои се негови неистомисленици, сите оние кои ја зборуваат и повторуваат суровата вистина за Македонија и за Македонците.
Човекот кој нема проблем да свитка кичма за името, за химната, за грбот, за знамето, за територијалниот интегритет, за сувереноста и независноста на земјата, човекот кој има продадена душа на ѓаволот и како таков нема проблем да стори какво било зло на сопствениот народ по цена да дојде еден ден на власт и да го земе под своја контрола државниот буџет за да може апсолутно да корумпира и искористува. Човекот кој дели ресори како да му се донесени од дома, човек кој на сто луѓе им ветува министерски фотељи или директорски места, човек кој а отвори уста а излаже, човекот за кого двојазичноста на цела територија на државата и моделот на кантонизација на државата се одлични политики на кои треба да се работи, човекот за кого неуставниот и неделовничкиот избор на пратеникот Талат Џафери за „претседател“ на Собранието е нормална работа, човекот за кого политичкото насилство е демократска придобивка, човекот за кого предметот „Пуч“ за кој повторно доби „амнестија“, но овојпат од шефицата на СЈО е монтиран предмет, а сите предмети на холивудското биро СЈО против членовите на ВМРО-ДПМНЕ законски предмети за кои мора да постои одговорност, човекот кој нема поим ниту од правда, ниту од право, е тој човек драги мои сограѓани ќе биде наш премиер, наш претставник во наредниот период.
Тој и таков човек ќе служи за пример на младите и на постарите генерации што живеат во Република Македонија, но и на оние 600.000 граѓани кои едвај чекаат сега да се вратат во државата, бидејќи нели нивниот човек дојде на власт, пример како треба да се однесуваат во земјата, со кои луѓе треба да се дружат, каква агенда треба да спроведуваат ако сакаат еден ден и тие да станат премиери на државата. Пример за сите млади генерации на каков пат треба да се фатат за да седнат на премиерското столче. Очај, ужас и дно драги мои. Тешко нам со вакви примероци за примери, тешко и горко на државата со вакви претставници на власта. Тешко на Република Македонија со премиери кои не ги личи да бидат патриоти!
Тања Каракамишева за Дневник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа