Горан Ѓуровски: Сатирата станува политика кога ќе ја платиш, а политиката станува хумор и сатира кога е преплатена

 

Зевзек Ѓуро е лик од хумористичната емисија „Зевзекманија“ . Во интервју за Прес24, зборува за хуморот, сатирата и политиката... Вели дека и сатирата може да стане политика, а и политиката сатира... се е до парите..

- Сатирата станува политика кога ќе ја платиш, а политиката станува хумор и сатира кога е преплатена, вели Ѓуровски во интервјуто за Прес24.

-Општество без хумор е тажно општество. Депресивно општество... Слично како што е она нашето денес во кое сметам дека ни фали уште многу хумор и сатира. Овде единствени забавувачи и најголеми ѕвезди на тоа поле ни се се уште политичарите. Тоа му доаѓа како надрихумористи, вели Ѓуровски во интервјуто.

За него македонската политичка сцена е непресушна инспирација за сатира што ја заменува и глупоста како основна инспирација кога станува збор за хуморот.

-Денес глупоста и политиката се како брат и сестра... Колку поголема глупост, толку поголема популарност кај публиката... Јазикот на глупоста е посилен од јазикот на аргументите... Живееме во општество каде пцовката и простаклукот ни е единствен аргумент во политичката дебата. Нели е тоа глупаво и воедно инспиративно?, вели Заевзек Ѓуро.

-Ако живееш за хуморот, ќе живееш и од него. Тогаш публиката сериозно ќе те сфати и ќе сака да те гледа... Но, ако не живееш за хуморот, тогаш си само еден обичен актер аматер кој ќе да биде платен од политиката... Едноставно мораш да дишеш заедно со публиката, порачува Горан Ѓуровски, зевзек новинар во Зевзекманија во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Обично велат дека за хуморот се зборува тогаш кога општеството е во една коматозна состојба... Хуморот служи за бајпасирање на нервозата кај граѓаните, или за нешто друго?

ЃУРОВСКИ: Хуморот служи за релаксирање на народот, а сатирата е еден вид информирање на народот. За разлика од хуморот кој релаксира, сатирата информира и предупредува. А некогаш дава и можни решенија. Сетете се на скечот на „Топ листа надреалиста“ за источно и западно Сараево, на кој тие што ги следеа горко се насмеаја, но не ја сфатија содржината на предупредувањето. Се случи катастрофа, на која подоцна бевме сведоци. Значи тие се да релаксираат и да предупредат. Односно да не натераат да размислиме со насмевка.

ПРЕС24: Значи сатирата е визионерска политика?

ЃУРОВСКИ: Значи некој вид анализа и визија...    

ПРЕС24: Дали хуморот и сатирата се политика, или политиката е сатира и хумор?

ЃУРОВСКИ: Политиката е содржина за хуморот и сатирата, особено на ова наше балканско подрачје, кое изобилува со смешни политичари. Затоа имаме појава и на сатирични политичари, како што се примерите во Хрватска и Србија, а можеби наскоро и во Македонија.... Никој не знае.. 

ПРЕС24: Има разлика меѓу глупоста како вечна инспирација за хуморот и политиката?

ЃУРОВСКИ: Па... политиката изобилува со глупости, на што сме самите сведоци гледајќи дневно-политички информативни и дебатни емисии. Денес глупоста и политиката се како брат и сестра... Колку поголема глупост, толку поголема популарност кај публиката... Јазикот на глупоста е посилен од јазикот на аргументите... Живееме во општество каде пцовката и простаклукот ни е единствен аргумент во политичката дебата. Нели е тоа глупаво и воедно инспиративно?

ПРЕС24: Дали политиката и хуморот се како петок и сабота, или пак зло и добро?

ЃУРОВСКИ: Па не може да се каже дека секоја политика е зло... Некогаш нечија политика можеби во моментов не ни се допаѓа, но за една историска дистанца да утврдиме дека тоа била добра политика. Така и со хуморот... Може денеска да не се насееме на скечот, но по 10 години повторно да го прегледаме и од се срце да се насмееме. Така што не можеме да ги разграничиме што е добро и лошо... има добра политика и добар хумор и лоша политика и лош хумор...

ПРЕС24:  Кога сатирата станува политика, а кога политиката хумор и сатира?

ЃУРОВСКИ: Сатирата станува политика кога ќе ја платиш. А политиката станува хумор и сатира кога е преплатена.

ПРЕС24: Има ли платена хумор и сатира?

ЃУРОВСКИ: Има.. постојат случаи во светот. Одреден хумористи сатиричари работат на кампањите на одредени политичари во светот. Во една од кампањите на Обама еден од најзаслужните за неговата победа беше еден стендап комичар... Тогаш хуморот што го произведува е политички...

А политиката станува хумор и сатира кога е преплатена, односно кога веќе политичарите и елитите материјално доволно ќе се задоволат, тогаш почнуваат да не забавуваат со глупости кои не замајуваат...

ПРЕС24: Можно ли е општество без хумор?

ЃУРОВСКИ: Не е возможно.. Бидејќи општество без хумор е тажно општество. Депресивно општество... Слично како што е она нашето денес во кое сметам дека ни фали уште многу хумор и сатира. Овде единствени забавувачи и најголеми ѕвезди на тоа поле ни се се уште политичарите. Тоа му доаѓа како надрихумористи...

Лично сум разочаран од фактот што млади луѓе на социјалните мрежи коментираат содржини од собраниски канал на МРТВ. Тоа кај мене го вклучува алармот да одам да се качам на некоја планина и да викам... Е затоа сме ние тажно општество...Затоа единствен лек ни се антидепресивите... 

ПРЕС24: Што ја убива смислата за хумор? Стравот, несреќата, сиромаштијата, државата?

ЃУРОВСКИ: Сите тие заедно на свој начин. Стравот да не изгубиш егзистенција, државата може ако сака да влијае на тој страв. А кога сте сиромашни не ви е до смеа.

ПРЕС24: На што повеќе се смееш, кога ја гледаш својата емисија или кога ја подготвувате?

ЃУРОВСКИ: Лично ја се смеам кога ги следам оригиналните нивни политички стендап шоуа... И потоа сериозно ги пренесувам како лик во скечовите... Тие се нашата хумористична инспирација... и пу..пу... освен за празници инспиративно настапуваат секој друг ден...

ПРЕС24: Молчат или не се присутни?

ЃУРОВСКИ: Само слика... нема тон.. Но и тогаш добивам инспирација... кога ќе видам со свеќа и јајце во рака...

ПРЕС24: Кој ти е омилен лик за инспирација?

ЃУРОВСКИ: Па, двајцата лидери на водечките партии... и главатарот на државата, нормално... По некогаш се јавуваат и некои споредни ликови.. кои ги има па ги снемува... имаат само епизодна улога...

ПРЕС24: Дали Зевзекманија е Македонија?

ЃУРОВСКИ: Па... да... Зевзек е турски збор што значи шегобиец,  а македонската почва е плоден расадник на секаков вид шегобијци. Зевзекманија е емисија која го опишува нашето секојдневие... И се обидуваме како што споменав и претходно.. да анализираме и предупредиме... На пример бевме први кои преку скеч предвидевме дека нема да се случат избори... ниту во април, ниту во јуни... но тоа не се должеше на нашите визии, туку од обична информација... Врз база на такви информации и дневни случувања се кројат сценаријата за Заевзекманија. Односно додека политичарите го прават сценариото за Македонија, ние за нијанса во нашето сценарио сакаме да го подобриме нивното...

ПРЕС24: Како се справувате со прстите на политиката.. Допираат ли до вас, сакаат ли да ги читаат однапред вашите сценарија за емисијата?

ЃУРОВСКИ: Единствено што дозволуваме е да ги допреме нивните прсти кога се поздравуваме на улица... До сега не сме имале никакво мешање и интервенција од страна на политичари и сме многу среќни и задоволни што тоа се уште е така... Сметаме дека не сме еднострани и ниедна револуција не може да не обои... Истовремено сме шарени и црвено-жолти... Со други зборови релаксирани и неоптоварени со боја и идеологија... Тоа што е добро, добро е.. тоа што е лошо, лошо е... Но, не сметаме дека ние можеме нешто да подобриме.. тоа не е наша задача... Нашата единствена алатка е хуморот и сатирата...

ПРЕС24: Политичарите кога се смеат на вашите скечови, се смеат на Вас или на нивната глупост?

ЃУРОВСКИ: Па мислам дека се смеат на добара изведба, а никој нема да ја признае сопствената глупост...

ПРЕС24: Мислиш ли дека политичарите, и воопшто граѓаните го разбираат хуморот во неговата основана цел?

ЃУРОВСКИ: Па.. мислам дека не го разбираат... особено не сатирата... Го доживуваат како моментална катарза... и не се замараат со содржината... Повеќе сакаат раскажување вицеви, отколку плескање на вистината в лице на сатиричен начин...Така и не доживуваат како раскажувачи на вицеви, што ниту од далеку не сме...

ПРЕС24: Се живее од хумор или се живее за хумор?

ЃУРОВСКИ: Ако живееш за хуморот, ќе живееш и од него. Тогаш публиката сериозно ќе те сфати и ќе сака да те гледа... Но, ако не живееш за хуморот, тогаш си само еден обичен актер аматер кој ќе да биде платен од политиката... Едноставно мораш да дишеш заедно со публиката...

 

 

 

18.04.2017 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега