Љупчо Ристовски: Потребен е разум, ѕидот нема да попушти под тврдоглавоста на политичарите

 

Секој неразумен потег во овојаа политичка ситуација може да ја однесеа Македонија во безбедносна криза и од тие причини Професорот Љупчо Ристовски, Претседател на институтот за доблесна и вредносна политика Интегра, вели дека идејата да се формира Влада по секоја цена, без мандат од Претседателот Ѓорге Иванов, во ситауција на масовни протести не е политички исправен чекор.

-Опасни се тие амбиции, на таков начин да се формира владата, без доверен мандат од претседателот Иванов. Ние не сме Словенија, и нивниот исклучок да го пресликаме кај нас како правило. Словенечката политичка култура и општествените односи во тој период, беа и се уште се далеку од нашиве достигнувања на тој план. Поготово што ние сме во фаза на актуелно дезавуиран политички систем, кога сите вредносни основи се поместени од демократската оска, кога се пореметени до крајност односите во политичкиот поредок и општеството се уште функционира по етнички енклави.Не смееме да дозволиме ниту капка крв да се пролее по ниту една цена, посебно не по цена да се преземе власта на таков начин. Разумот мора да надвладее, страстите да се смират, општеството да се релаксира со политика на искрени намери и политички одлуки кои се во интерес на сите граѓани на Македонија, но и на иднината на државата и нацијата, вели Ристовски во интервју за Прес24.

Спорд него, најсоодветна опција во која треба да се бара излезот од политичката криза е дијалогот и ибидот да се формира натпартиска влада со ограничен мандат од 18 месеци, која има за цел да ја амортизира сиостијбата.

-Вредно е барем да се започне сериозно да се промислува околу можниот излез од кризава со концептот на натпартиска влада на широка коалиција, со доминантно натпартиски членови на владата, кој не мора нужно да се само експерти. Потребни се нови ликови, професионалци кои немаат долг спрема ниту еден од политичките првенци на двете доминантни политички партии, кои се независни во своите ставови, и кои со доза на храброст и одважност критички ја опсервираат општествената стварност.Клучните цели би биле реализација на препораките од Прибе, како сериозен исчекор кон добивање на рано отпочнување на преговори за членство, во првите 6 месеци, а со тоа санирање на политичкиот систем и јакнење на демократскиот капацитет на државата, владеењето на правото, поделбата на власта, функционирање на институциите, вредносно ре-постулирање на поредокот во клучните пилари: правдата, слободата и еднаквоста, но и расчистување на сите дилеми кои се појавија на сцената како резултат од претпоставената злоупотреба на позицијата на моќ и влијание преку прислушкуваните разговори, вклучително и сите основани или неосновани сомневања за криминогени активности на носителите на извршна власт во наведениот период од законот, вели професорот Ристовски за Прес24.

Ристовски смета дека во овој момент е потребен разум, кој доколку не преовлада проценката е дека хаосот не ни бега, а следствено и провалијата и бездната исто така.

-Изборот е – ќе внесеме ли малку ум и разум, или и понатаму ќе удираме со главата во ѕид, надевајќи се дека ѕидот ќе стане помек или ќе попушти под силата на тврдоглавоста на сегашните политички првенци. Тие си ја удираат главата, а граѓаните крварат. Тоа нема перспектива, вели Љупчо Ристовски во интервјуто за Прес24.

 

 

ПРЕС24: Претседателот Ѓорге Иванов оцени дека не треба да му го додели мандатот на Зоран Заев за состав на нова влада, поради платформата со која албанските партии го условуваат формирањето на извршната власт. Многу реакции предизвика оваа одлука. Како Вие ја оценувате?

РИСТОВСКИ: Одлуката на претседателот Иванов е последица на еден процес на инсталирање на криза, согласно познатата во политичките науки, Стратегија за кризи проследена со манипулативни тактики според парадигмата: Проблем – Реакција – Решение. Ова е познатата Хегелијанска дијалектика.

Во основа, во првата фаза се креира теза која има потенцијал за предизвикување на криза, но има и доволен потенцијал во себе за анимирање на определена група на граѓанство, играјќи на емоционалната карта со поттикнување на страв кај населението (во нашиов случај, тоа е предизвикување на страв кај македонскиот народ, од федерализација, кантонизација, двојазичност и поделба на територијата по етничка линија, страв од исчезнување на нацијата, губење на татковината и слично), со крајна цел чувството на загрозеност да постане катализатор за или против определена политичка гарнитура. Албанската платформа беше тој вештачки наметнат проблем со доволен потенцијал во себе да катализира реакција кај политичките противници, проблем кој е доволен радикален за да се наметне како мотивациски фактор за разгорување на реакции по етничка линија. Целта на оваа фаза е платформата како “кукавичјо јајце“ да го земе приматот на сцената и опозицијата да започне да го храни, наместо како до периодот претходно, да гази цврсто на разобличување на разорениот политички систем и узурпираната демократија во општеството, процес кој и́ даваше, и и́ донесе сериозна предност до пред изборите. Хранејќи го “натрапникот“ во гнездото на новосоздадената демократска јавност, дополнително охрабрена од изборниот резултат, клучната демократски постулирана оска која обезбедуваше предност во политичката битка се остави да венее и да го изгуби мотивацискиот потенцијал за промени.

Втората фаза е самата реакција која се канализира преку граѓански протести, преку засилено електризирање на јавниот дискурс, заострување на реториката по етничка линија од страна на “опинионмејкерите“ на политичката гарнитура која е носител на проектот, како и создавање и одржување на силни тензии помеѓу конкурентските политички групации. Така вештачки креираната атмосфера на крајна нетрпеливост, до граници на меѓусебна пресметка во контролиран граѓански судир е вовед во третата фаза на понуда за спасителни решенија од истиот креатор на проектот.

Оттука, одлуката на Претседателот Иванов е само последица на рискантното сценарио за враќање на парламентарното мнозинство, по концептот на Ердоган, Турција.

Мојот став од самиот почеток на објавување на т.н. платформа или како сега што ја деноминираа албанските политички првенци Заедничка декларација, беше и́ е дека на платформата не и́ е сезоната, сега. Се́ во животот има своја сезона. Истовремено, ценам и јавно го прокламирам ставот дека идентитетските вредности на албанската заедница, како и на другите заедници кои живеат во Македонија, можат да се унапредуваат во континуитет, но преку политика на искрени намери, наместо политика на скриени намери, но и во едни поинакви околности, во кои ќе има доволно релаксирана ситуација во општеството за сериозен општествен дискурс за овие етнички теми кои се од голем габарит и со историска димензија по иднината на државата и нацијата. Оттука, ценам дека таков општествен договор може да се постигне само во атмосфера на повратена доверба едни во други, во услови на стабилизиран политички поредок, во услови на повратена доверба во институциите на системот и политичките водства, како и во непосредните претфази за влез во НАТО и членство во ЕУ.

Како заклучок, согласно на сево ова, повеќе од било кога стануваат видливи националните приоритети, и тоа владеењето на правото со етаблирана и функционална поделба на власта на законодавна, судска и извршна, демократско профилирање и функционирање на институциите на системот, брза, ефикасна и ефективна завршница на сите процеси во поглед на расчистување на дилемите околу основаноста или неоснованоста на сомненијата и покренатите истражни постапки и обвиненија кои се резултат на содржината во материјалите од прислушкуваните разговори, потоа враќање на политичката сцена на доблесноста, вредностите и моралниот код, како и интегритетот во политиката, отворање на силен процес на внатрепартиска демократија со цел да се изнедрат нови морално профилирани кадри, наместо досегашните морално тешко инкриминирани партиски првенци. За да во едни нови околности го повратиме авторитетот на политиката во општеството и нејзиниот атрибут на доблесност, кој е услов без кој не може да се зачекори во прогрес и просперитет и поквалитетен живот на секоја индивидуа.

ПРЕС24: Дали планот Б на СДСМ и трите албански партии е гласање Влада во Собранието без добиен мандат од Претстедателот. И колку вакво сценарио може да предизвика граѓански судир во државата, ако се има предвид  дека веќе една недела на улиците во Скопје и во неколку градови има масовни протести?

РИСТОВСКИ: Секое непромислено решение кое оди во прилог на понатамошно заострување на односите во политичкиот поредок и општеството, а во правец кон натамошно закрвавување на двете крајно спротивставени и до степен на омраза, политички групации е потенцијална опасност со висок безбедносен ризик, кој може да не внесе во нова фаза на неизвесност по иднината на државата и нацијата.

Од аспект на геополитиката, во такви услови и околности, радикалните структури на соседните држави започнуваат да се будат и да ги анимираат апокалиптичните сценарија за делби и промена на границите, нивните апетити од минатите векови се враќаат на сцена и тоа ништо добро не ветува.

Опасни се тие амбиции, на таков начин да се формира владата, без доверен мандат од претседателот Иванов. Ние не сме Словенија, и нивниот исклучок да го пресликаме кај нас како правило. Словенечката политичка култура и општествените односи во тој период, беа и се уште се далеку од нашиве достигнувања на тој план. Поготово што ние сме во фаза на актуелно дезавуиран политички систем, кога сите вредносни основи се поместени од демократската оска, кога се пореметени до крајност односите во политичкиот поредок и општеството се уште функционира по етнички енклави.

Не смееме да дозволиме ниту капка крв да се пролее по ниту една цена, посебно не по цена да се преземе власта на таков начин. Разумот мора да надвладее, страстите да се смират, општеството да се релаксира со политика на искрени намери и политички одлуки кои се во интерес на сите граѓани на Македонија, но и на иднината на државата и нацијата.

ПРЕС24:  Факт е дека голем дел од граѓаните кои излегуваат на улица деновиве биле поддржувачи на политиките на СДСМ и гласале за СДСМ на изборите. Сега велат дека се изманипулирани?

РИСТОВСКИ: Се позачестени се таквите гласини, и до мене стигнуваат слични информации постојано. Оттука, се потврдува проценката која подолго време ја говорам, дека секое понатамошно инсистирање од страна на СДСМ за албанската платформа или декларација сеедно, за коалицирање со ДУИ под вакви околности на исклучивост, уцени и притисок од албанските првенци, најави за носење на закон за двојазичност во услови кога нема стабилно политичко мнозинство, кога во оваа фаза не постојат услови за сериозна општествена дебата и следствено консензуален општествен договор за редефинирање и унапредување на корпусот на идентитетските права на албанската заедница во Македонија, се дотогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе го билда својот авторитет со перспектива да го поврати парламентарното мнозинство.

СДСМ мора да сфати и прифати дека тоа не е начин да се дојде на власт. Уште помалку е начин да ги исцели раните кои се уште крварат кај нацијата од своето блиско историско минато и злокобниот период на криминална приватизација, узурпацијата на судскиот систем во периодот 1994-1998 година, промената на името, знамето и потпишувањето на Спогодбата со Република Грција без меѓународни гаранти, а да не ги споменувам последиците од сите тие политики во делот на економијата и сиромашните резултати кои ги оставија во наследство.

Сега е крајна фаза во која СДСМ мора да се врати на оската на која цврсто стоеше и на која започна да го враќа својот авторитет во јавноста, во периодот пред изборите од 11 Декември. Период во кој остварија значајна предност со разобличување на автократската методологија на владеење во изминативе 11-тина години, со разоткривање на злокобта на политичката сцена и злоупотребата на позициите на моќ и власт, а посебно во пресметката со политичките противници и неистомисленици, како и со бројните политички одлуки и постапки на дезавуирање на политичкиот поредок и генералното назадување по сите демократски оски на системот.

СДСМ ќе мора да ја увери јавноста дека се длабоко покајани и освестени, но и одлучни дека никогаш повеќе нема да им се повторат крупните историски грешки од минатото, дека ќе внесат нови навики и рутини во политиката со нови луѓе од доверба, морално доблесни индивидуи кои се покажани и докажани по својот демократски капацитет. За сево ова треба многу време, упорност и доследност, но и конзистентен приод во политиката.

ПРЕС24:  Од денешна дистанца излегува дека предупредувањата на ВМРО ДПМНЕ во изборната кампања дека намерата на СДСМ и опзоицијата е редефинирање на државата, се покажаа како точни. Ако според СДСМ целта пред избори беше победа на корумпирана власт, сега од еднаш никој за тоа не зборува, а од друга страна главен актер во создавањето на идната власт е ДУИ, која според СДСМ беше исто корумпирана како ВМРО-ДПМНЕ. Каде е овде здравата логика?

РИСТОВСКИ: Токму таквата замена на тезите во постизборниот период е замката, стапицата и измамата во која запаѓа СДСМ. Претпоставувам дека водени од инструкцијата со која политиката е уметност на можното, тие одат чекор понатаму со претпоставената проценка дека во услови на преземена извршна власт ќе ги имаат контролните механизми во своите раце, дека ќе го имаат буџетот и на тој начин ќе го повратат авторитетот кај своето членство, но и ќе инсталираат победнички менталитет кон кој би се приклониле и дел од неопределените, но и од претпоставено очекуваните вмровски дисиденти, за да на тој начин се повратат во живот и го премостат предолгиот период во кој се надвор од власта и од изворите на моќ, интереси и влијание. Веројатно, во таа градација на приоритети тие очекуваат, од позиција на власт да се престројат кадровски, финансиски и програмски пред очекуваните локални избори и на тој начин да остварат предност пред политичкиот противник.

Тука секогаш стои прашањето по која цена? Дали сериозната опасност од нагло губење на авторитетот кај граѓанството со прифаќање на политиката на исклучивост, уцени и притисоци од страна на сега веќе, јавно обзнанениот партнер во евентуалната влада е доволно силен аргумент за носење на исправни политички одлуки, или ќе опстојат на сегашните намери и настојувања по секоја цена да се дојде на власт, е сепак нивна одлука, која секако ќе има несогледливи последици, како по иднината на СДСМ како партија, на нејзиното политичко водство од оваа генерација, така и на  идните политички престројувања. Влогот е огромен, ризикот е преголем за нив, последиците по идните односи во општеството исто така, а корисноста ќе ја ценат тие самите и историјата ќе си го даде својот одговор на овие прашања.

ПРЕС24:  Која е најсоодветната солуција за излез од оваа криза, или барем нејзино омекнување.  ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе поддржи малцинска влада на СДСМ, ако Заев се откаже од платформата на албанските партии?

РИСТОВСКИ: Довербата во институциите на политичкиот систем е сериозно нарушена, исто така и во политичките водства од оваа генерација на политичари. Френсис Фукујама во своето дело Доверба вели дека довербата е општествена доблесност и поради тоа таа постанува дури и сериозен економски и општествен фактор. Оттука, следствено на севкупната општествена состојба, и довербата помеѓу политичките водства е сведена на најнизок можен минимум, а тоа секако се одразува и на носењето на политичките одлуки. Омразата е движечка сила кај актуелните политички противници, денес. Премногу време е изгубено на меѓусебно докажување кој е во право, а кој не. Истрошена е огромна општествена енергија напразно. Таа загуба ја чувствуваме и во секојдневниот живот. Дефетизмот ја зазеде сцената, општата клима на сеопшто разочарување од државата и владата како цунами ни ја зафати младата генерација, територијата ни се празни забрзано, младите тонат во мизерното чувство на бесперкспективност.

Оттука, понудата од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се гледа со недоверба и се цени како акт на скриени намери. Концептот на “жртвено јагне“ (“Scapgoat” concept) е позната политичка практика. Во ситуација на крајно изразена недоверба, перспективите за приближување во ставовите кај македонскиот табор се сведени на минимум. Не велам дека не е можно да преовладее разумот, оти во залог е иднината на државата и нацијата.

Вредно е барем да се започне сериозно да се промислува околу можниот излез од кризава со концептот на натпартиска влада на широка коалиција, со доминантно натпартиски членови на владата, кој не мора нужно да се само експерти. Потребни се нови ликови, професионалци кои немаат долг спрема ниту еден од политичките првенци на двете доминантни политички партии, кои се независни во своите ставови, и кои со доза на храброст и одважност критички ја опсервираат општествената стварност. Знам дека ова е наизглед тешко, свесен сум дека за ваков концепт се потребни сизифовски маки за да се дојде до конечен договор и усогласување на кадровскиот дел. Веројатно и степенот на изводливост на една ваква солуција во оваа фаза изгледа низок, но јас сум убеден дека и во двете политички партии, но особено и во општеството генерално, ние имаме доблесни луѓе со морална вредност и чесност во себе. Убеден сум дека нацијата може да изнедри една екипа на професионалци кои пред се и над се си ја сакаат државата и нацијата, а имаат во себе доволен демократски капацитет за независно опсервирање и носење на политички одлуки. Да, таквиот состав секако ќе мора да биде политички подржан и од двете опции, но и од албанските политички првенци. И секако тоа бреме ќе мора да го изнесат на своите плеќи. Ќе биде потребна голема умешност и политичка мудрост за да се изгладат крајно спротивставените политички опсервации и визијата за иднината на нацијата и државата кај главните политички субјекти, но не е и неможно, секако со Божја помош.

ПРЕС24:  Колку би треаела една широка влада, или експертска, со кои цели би била формирана?

РИСТОВСКИ: Секако за ограничен период на време од 18-тина месеци, период во кој ќе се рестартира демократскиот капацитет на државата по сите основи и ќе се создаде општествена клима на доверба, а со крајна цел, на нови избори после тој период, да се оцрта нова политичка карта, која со полн политички легитимитет и капацитет ќе влезе во новите предизвици, во периодот кој претстои.

Клучните цели би биле реализација на препораките од Прибе, како сериозен исчекор кон добивање на рано отпочнување на преговори за членство, во првите 6 месеци, а со тоа санирање на политичкиот систем и јакнење на демократскиот капацитет на државата, владеењето на правото, поделбата на власта, функционирање на институциите, вредносно ре-постулирање на поредокот во клучните пилари: правдата, слободата и еднаквоста, но и расчистување на сите дилеми кои се појавија на сцената како резултат од претпоставената злоупотреба на позицијата на моќ и влијание преку прислушкуваните разговори, вклучително и сите основани или неосновани сомневања за криминогени активности на носителите на извршна власт во наведениот период од законот.

Потоа, ќе биде потребна целосна општествена посветеност за членство во НАТО и брз влез во предворјето на безбедносната алијанса како врвен приоритет за нацијата и државата, евентуално нов попис согласно сите светски стандарди и иновативни решенија во тој сегмент, како и продолжување на поддршката за приватните инвестиции (домашни и странски подеднакво) и сетот на економски политики во правец кон заздравување на стопанството, значи без нагли пресврти, потреси и ломови во било кој сегмент на општеството. Секако не смее да биде запоставен и корпусот на идентитетски права, за кои ќе треба во тој период да се отвори сериозна општествена дебата, период во кој ќе се анимира се што може да даде допринос во изнаоѓање на најправилни и општествено прифатливи решенија од сите заедници во Македонија, вклучително и од Македонскиот народ. Потребно е заеднички напор за да се надмине чувството на загрозеност во идентитетска смисла кај било кого во Македонија. Секако, таквиот општествен дискурс треба да не доведе до конкретни решенија и политички одлуки кои ќе значат максимално можно унапредување на идентитетските права на сите, согласно светските академски искуства, стандарди, но и согласно препораките на Комитетот за човечки права на Обединетите нации, во делот на јазичните и другите малцински права.

Прашањето за името треба да се остави за политичка влада која ќе обезбеди стабилно парламентарно мнозинство по истекот на периодот од 18 месеци и евентуално непосредно пред самиот влез како членка во ЕУ, можеби е можно да се создаде поволна општествена клима за носење на соодветни одлуки и во таа насока.

ПРЕС24:  Мислите ли дека самите партии во Македонија би се согласиле на такво сценарио, и дали албанските партии би отстапиле од идејата за платформата?

РИСТОВСКИ: Мојата проценка е дека ваквиот расплет на политичката криза, која сепак има претензии да не однесе во внатре национален судир со сериозни последици, е едно од можните сценарија со сериозен потенцијал во себе за општествена релаксација на вкупните односи. Корисноста од ваквиот расплет е подеднакво добра за трите доминантни политички субјекти, но е и пристоен излез од безизлезот во кој сепак тие не внесоа како држава. Политичките првенци на оваа генерација не доведоа до состојба на меѓусебно политичко истребување и го фрлија народот во Макијалевистичка гладијаторска арена. Доколку дозволиме да се остават таквите процеси да се движат по досега востановената траекторија, проценката е дека хаосот не ни бега, а следствено и провалијата и бездната исто така. Изборот е – ќе внесеме ли малку ум и разум, или и понатаму ќе удираме со главата во ѕид, надевајќи се дека ѕидот ќе стане помек или ќе попушти под силата на тврдоглавоста на сегашните политички првенци. Тие си ја удираат главата, а граѓаните крварат. Тоа нема перспектива.

Оттука и албанските партии ќе треба да промислат мудро и да донесат исправни одлуки. Временото повлекување од исклучивиот пристап во однос на наметнувањето на етничкиот идентитетски дискурс, нема да значи крајно повлекување од потребата за унапредување на идентитетските прашања. Но, уверен сум дека и тие се свесни дека како и се друго во животот, така и платформата има своја сезона. Таа треба да се остави за периодот кога ќе стапнеме во предворјето во НАТО и ЕУ, кога нацијата и државата ќе биде подготвена да презема демократски исчекори од историски формат. Се си има свое време.

ПРЕС24: Законот за јазиците е едно од основните од кои ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците не отстапуваат. Во јавноста има многу дилеми, различни толкувања од позиција на претставници на албанските партии и од друга страна од позициите на СДСМ. Она што е дополнително збунувачки е што тој закон не се обелоденува јавно. Сакам да Ве прашам, дали сето ова не е сценарио за подгревање на тензиите во државата?

РИСТОВСКИ: Значи, прашањата за јазичните идентитетски права се регулирани со Охридскиот рамковен договор. Таму е предвидено, следствено и во 5-от амандман од Уставот, дека прашањето за албанскиот како втор службен јазик на целата територија на државата ќе се регулира со посебен Анекс Б, каде пак што во точка 8, стои дека на ниво на држава, албанскиот јазик ќе биде унапреден како службен во Собранието на Република Македонија, што е и сторено.

А за употребата на албанскиот јазик во останатите државни институции е внесена клаузула дека истото право ќе се регулира со посебен закон, кој секако бара дво-третинско мнозинство. Оттука ДУИ треба да продолжи посветено да соработува со сите политички субјекти, но и со јавноста, за овие теми, како ние сите заедно како општество да создадеме клима која сплотува и како да создадеме плодно тло за било каков идентитетски исчекор, наместо како сега клима која разделува и создава раздори и потреси. Нели рековме, политиката е умешност на можното, но никако со исклучивост едни кон други, никако со уцени, притисоци, туку во една демократска атмосфера, со изградено високо ниво на доверба едни кон други, во еден транспарентен процес и со искрени намери, секако ќе бидеме на добар пат да ги усогласиме како држава и општество и овие круцијални прашања, од животна важност за сите нас.

ПРЕС24:  Зошто СДСМ и ДУИ го кријат предлог законот за јазици?

РИСТОВСКИ: Ова е добро прашање и одговорот самиот се налага. Затоа што тие се свесни дека општествената клима е неповолна во оваа фаза. Зошто? Затоа што некој во изминатиов период не работел посветено и искрено кон создавање на поволна клима и атмосфера на доверба помеѓу заедниците, како би ги доближил крајно спротивставените ставови и би ги изгладил крајно изострените острици во општеството. Охридскиот рамковен договор никогаш не заживеа кај Македонскиот народ, и ден денес мнозинството го смета за наметнат, изнуден, по пат на воен судир и крвопролевање, кај Македонскиот корпус се смета за нанесен срам врз нацијата. Иако, за волја на вистината тој во себе содржи солидни решенија за доближување на прашањата од идентитетскиот корпус и истиот донесе соодветна релаксација на општеството и какво такво функционирање на системот. Можеби ќе треба сериозно да се размислува во следната влада, кога и да се формира, и во каков и да е облик да се формира, позицијата Потпретседател на Владата задолжен за Рамковниот договор да биде Македонец по етничка определба, токму заради јазот кој досега се создаваше дека тоа е чисто Албански интерес и прашање на кое треба само Албанците да работат. Не. Целосната имплементација на ОРД и струењето на духот од неговите одредби, како и потенцијалот за зближување кој во себе го носат амандманските интервенции во Уставот во тој сегмент, се секако одлична почетна основа за унапредување на севкупната клима и доверба помеѓу заедниците.

ПРЕС24:  Можно ли е политичката криза, која се претвори во системска криза, на крај да ескалира во безбедноста криза. И кој може да спречи такво нешто, ако се знае дека државата нема функционални институции?

РИСТОВСКИ: Секако дека е можна и безбедносна криза. Сите видови на масовни протести, независно од побудите, имаат потенцијал во себе за ескалација во немири, изолирани инциденти – контролирани од било кого или не, потоа истите секогаш се и латентна опасност за недобронамерни групи во општеството од непозната или позната провениенција, да предизвикаат намерно или не, ескалација на состојбите. Тоа се сериозни критички точки во вакви ситуации.

Притоа, не смее дополнително да се подгрева атмосфера на исклучивост едни кон други по етничка линија, да се потпалуваат масите со пресметани изјави за радикализација на протестите, да се подбуцнува народот на пресметка, наводно во име и во интерес на зачувување на унитарниот карактер на државата, а против федерализација, кантонизација, двојазичност, поделби и слични закани. Тоа не е добро и не води никаде. Во услови на ваква латентна опасност, доколку се случи да се пролее дури и капка невина крв, тогаш ние сите сме поразени како општество. Во тој случај никој ништо не добил.

Имајте во предвид дека постои духовна закономерност која вели дека злото во другиот, секогаш го бара злото во вашето срце за да се размножи. И доколку го пронајде, тоа си ја остварило целта заради која постои. Затоа потребни се мудрост, ум и разум. Гласот на разумот ќе мора да е мисла, збор и постапка на политичките првенци и кај Македонците и кај Албанците, но и на секој еден од нас. Нема цена крвта на било која душа родена на ова парче света Македонска земја. Солзите на мајката Македонка и мајката Албанка подеднакво тежат и немаат боја, ниту етничко обележје. Бог не не́ создаде да се ништиме помеѓу себе и да се истребуваме едни со други, заради бесовски интереси, моќ, влијание и гладијаторска предност. Не.

 

Изборот е сепак наш, заеднички. Какво семе сега ќе посееме во разрешницата на оваа сирова политичка криза со разорен потенцијал во себе, такви плодови ќе пожнееме сите, во свое време. Нека не мисли некој дека неговиот плод ќе биде повкусен од тој на другиот. Каин-Авеловата дилема е генерациско проклетство. Моја порака е да не дозволиме и ние да постанеме заложници на злото и демонските бесови. Историското искуство не учи дека додека ние овде гинеме за празноверие, некои одат силовито напред во прогрес и го живеат животот, среќни и задоволни од постигнатото во него. Време е да се освестиме како генерација дејци, кои оставиле во наследство мудрост, политичка зрелост и генерациска предност за нашите поколенија.

 

 

 

05.03.2017 - 11:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега