Цената на огревното дрво останува непроменета

Цената на огревното дрво и годинава ќе биде непроменета, најави генералниот директор на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски на денешната прес-конференција.

- Огревното дрво веќе петта години се продава по иста цена, 2.470 денари за просторен метар буково дрво и 2.570 денари за просторен метар дабово дрво во склад. Годинава нема да важи попустот од 10 до 20 отсто што го дававме лани, рече Караџоски во одговор на новинарско прашање.

Тој истакна дека сега за сега не се најавени ни поволности за социјалците, доколку Владата не препорача во наредниот период.

Караџоски додаде дека цената на огревното дрво ќе зависи и од понудата и побарувачката и посочи дека приватните складишта можат да понудат и пониска цена.

- Во овој момент има доста понуда на пазарот така што цената може да биде и пониска, но и оваа цена што ја нудиме е задоволителна и реална, рече Караџоски.

Очекува годинава ЈП „Македонски шуми“ да произведе 650 до 700 илјади метри кубни дрвна маса од кои 150 илјади тони ќе бидат техничко дрво, а сето останато огревно дрво.

- Тоа е нешто поголема количина од ланската со која ги задоволивме сите потреби на граѓаните кои сакаа огревно дрво да купат од ЈП „Македонски шуми“. Покрај нас постојат и приватни складови и национални паркови кои, исто така, продаваат огревно дрво за потребите на граѓаните, појасни Караџоски.

ФОТО: Вис.мк

13:42

најчитано сега