Пет милиони нови садници ќе никнат на територијата на Македонија
Јавното претпријатие Македонски шуми предвидува пошумување на површина повеќе од 1.035,23 хектари, со засадување од 4 000 000 - 5 000 000 шумски садници, информира генералниот директор на претпријатието, Жарко Караџоски.
Годинава, пошумувањето со шумски садници на предвидените локалитети ќе се реализира од почетокот на октомври се до моментот на поволните климатски услови и можности. Со есенската акција како и секоја година вклучена е и локалната самоправа – ЗЕЛС.
- Со есенската акција како приоритети за пошумување се предвидени опожарени површини - последица од шумски пожари, голини во шума и вон шума во склоп на „Шумско стопанските eдиници“, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини и локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија, посочи Караџоски.
- Оваа есен сакаме уште повеќе да ги мотивираме општините и граѓаните да се вклучат во пошумувањето за да се уредат хортикултурно поголеми урбани површини со декоративни садници (лисјари и четинари). За оваа цел нудиме повеќе годишни садници од над 75 дрвни видови: даб, питом и див костен, јасен, јавор, каталпа, дива маслинка, липи, смрча, чемпрес, црн орев, багрем, бреза, бор, дуглазија, туја и други, рече тој.
Ако и овие садници се додадат на првично планираните 4 до 5 милиони садници, се добива бројка од околу 6 милиони садници кои што годинава ќе бидат засадени на територијата на Република Македонија.
Инаку, во изминатите 4 години биле засадени околу 40 000 садници во Скопје.
ФОТО: Кирилица