Васко Ефтов: Ако кампањата потраеше уште малку, Шилегов немаше да влезе во шестата изборна единица

 

Членовите три години молчеа во очекување на голема изборна победа гарантирана со печатот на Чадорот и секој сомнеж дека не се во право го ставаа под тепих со констатацијата - зарем Големиот Чадор може да погреши. Затоа беа тие силни изблици на шокираност од победата на Трамп, или уште повеќе од појавата на австрискиот министер за надворешни работи Курц на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Тоа беа знаци на освестување, но тие беа и недоволни и задоцнети за нешто да се направи и да се смени правецот во кој плови бродот на опозицијата. Но да бидам прецизен - судирот во СДСМ нема да биде меѓу т.н. бранковисти и т.н. заевисти. Судирот ќе биде меѓу т.н. заевисти, соросови кадри кои ќе се обидат локално и без силна поддршка од чадорот да ја преземат партијата, и т.н. импланти на Чадорот кој на местата на старите пломби беа имплантирани во врвот на СДСМ или преку Шарената Револуцијата во институциите на државата. Тоа ќе биде мачен процес. Ќе видиме дали Катица Јанева ќе биде Меркел или Заев. Што правиме ако Катица Јанева биде адаптибилна како Меркел!? Во чив двор тогаш ќе пукнат бомбите!?, вели Ефтов за Прес24.

 

Во тој контекст Ефтов го гледа и вклучувањето на бомбите во кампањата, што според него значи непочитување на договорот постигнат со Викторија Нуланд.

- Не со Бејли, не со амбасадорот на ЕУ во Македонија, не со британскиот амбасадор Гарет, тоа значи непочитување на договорот со Викторија Нуланд. Да ја поткрепам таа теза со уште една поента. Во ВМРО ДПМНЕ одбраа да не го јавнат бранот Доналд Трамп и таа тема да не ја вклучат во изборната кампања - иако тоа ќе значеше барем неколку пратеници повеќе на нивната изборна сметка. Зошто? Бидејќи очигледно сакаа да го испочитуваат до крај договорорт со Викторија Нуланд. Вклучувањето на бомбите во кампањата и оној повик на Бранко Героски - цитирам: Друже Заев од мене кратко и јасно-бомби!!!, завршен цитат, отвора неколку прашања. Прво, дали Заев ги предал сите бомби кај Катица Јанева? Второ, зошто Катица Јанева не се јави со став, соопштение или прашање до Зоран Заев дали и се доставени сите бомби согласно законски превземените обврски? Трето, ако сите бомби не се предени дали тие бомби се користат за рекетирање на крупни бизнисмени во Македонија кои необјавувањето на бомбите за нив го плаќаат со големи пари? И четврто дали бомбите ќе бидат искористени за нови немири во Македонија? Ми се чини дека оваа тема ќе биде лакмусот како во иднина ќе бидат разрешени сите отворени прашања во самата опозиција и во коалицијата на опозицијата, шарената револуција и чадорот, вели новинарот Васко Ефтов во интервјуто за Прес24.

 ПРЕС24: В недела Македонија ќе гласа за решение на политичката криза или за продолжување на агонијата на државата. Прашањето е во контекст на понудите на двете наголеми политички субјекти и во контекст на централното прашање од оваа кампања, дека овие избори се референдум за иднината на Македонија?

ЕФТОВ: Двата референдуми кои се случија оваа година и тој во Велика Британија и тој во Италија беа неуспешни. Се повеќе сум приврзаник на идејата дека политиката не треба да се води на референдумски начин-кога граѓаните се тераат да направат избор гласајќи за ДА или НЕ. Затоа се надевам дека овие наши избори нема да бидат сведени на референдумско гласање, туку ќе бидат дел од еден процес кој нема да заврши на 11 декември. Во наредните 18 месеци ние ќе имаме уште најмалку две изборни соочувања и дури на крајот од тој продолжен изборен циклус очекувам или се надевам дека ќе бидат создадени предуслови за стабилизирање на изборните процеси и постепено излегување од политичката криза. За жал тој процес ќе биде малку подолг од тоа што ние го посакуваме и ќе ни се потребни од пет до десет години за санирање на штетите од сегашната политичка криза. Така што овие избори ќе бидат само првиот чекор, се надевам успешен, на тој пат од пет или десет години.

ПРЕС24: До пред почетокот на изборната кампања, речиси никој и да не очекуваше дека оваа кампања ќе се сведе на ова што сега го имаме. Темата за двојазичност и федерализација несомнено ја отвори самиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, за потоа на митинзите да ретерира. Но, моето прашање е од каде идејата за ова. По чиј совет и памет тргна Заев?

ЕФТОВ: Јас не верувам во големи победи во политиката. Во замислената битка меѓу еден диносаурус и една лисица сигурно ќе победи диносаурусот. Но диносаурусот не ги преживеа промените во светот и исчезна од земјината топка. За разлика од лисицата. Времето ни покажува дека победници на изборите не се тие кои се најсилни туку тие кои најдобро ги антиципираат промените и се приспособуваат или адаптираат на тие промени. Гледате што прави Ангела Меркел. Ги разбра промените во светот кои се случија и ќе се случуваат по 8-ми ноември и победата на Доналд Трамп и се адаптира на тие промени. Почна драматично да ја заострува лексиката ( а прашање на време кога ќе ја заостри и политиката ) во однос на бегалците. И оваа нова Ангела Меркел која сега се создава ќе биде најголем противник на старата Ангела Меркел од пред шест месеци. Истото важи и за Зоран Заев. Не е важно кој му ја дал идејата за двојазичност и федерализација. Еве да претпоставиме дека таа идеа е творба на чадорот. Но секој политичар кој знае да ги прочита сигналите на новото време се прилагодува и се адаптира. Мислам дека амбасадорот Бејли многу подобро ги прочита сигналите на новото време и ќе се обиде да се адаптира ( колку тоа ќе биде можно ) за разлика од Зоран Заев кој упорно ја трча својата диносауруска трка. Парадигмата на тие промени можеби ќе ги видиме веќе за Нова Година кога Заев со сериозни изборни рани ќе ја дочека 2017 година во некој хотел во Струмица, а амбасадорот Бејли во некој хотел во Тајланд, на пример.

ПРЕС24: Вие сте долги години политички новинар, ги познавате голем дел од релациите внатре во партиите. Како мислите дека тоа се одразува внатре во СДСМ. Речиси најголем дел од раководството на СДСМ молчеше во оваа кампања за овие прашања. Дел од членството реално беше збунето....?

ЕФТОВ: Есента 2012 година старото СДСМ ја изгуби битката против Сорос. Изборот на тандемот Заев и Шекеринска на двете челни позиции во СДСМ, во летото 2013 година, беа само верификација на поразот на Црвенковски против Сорос. Ако победеше Хилари Клинтон на изборите во САД соросоизацијата на СДСМ можеби ќе беше добитна карта за Заев и Шекеринска. Вака опозицијата ја чекаат длабоки процеси на внатрешна ферментација. Затоа е тоа молчење пред изборите. Членовите три години молчеа во очекување на голема изборна победа гарантирана со печатот на Чадорот и секој сомнеж дека не се во право го ставаа под тепих со констатацијата - зарем Големиот Чадор може да погреши. Затоа беа тие силни изблици на шокираност од победата на Трамп, или уште повеќе од појавата на австрискиот министер за надворешни работи Курц на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Тоа беа знаци на освестување, но тие беа и недоволни и задоцнети за нешто да се направи и да се смени правецот во кој плови бродот на опозицијата. Но да бидам прецизен - судирот во СДСМ нема да биде меѓу т.н. бранковисти и т.н. заевисти. Судирот ќе биде меѓу т.н. заевисти, соросови кадри кои ќе се обидат локално и без силна поддршка од чадорот да ја преземат партијата, и т.н. импланти на Чадорот кој на местата на старите пломби беа имплантирани во врвот на СДСМ или преку Шарената Револуцијата во институциите на државата. Тоа ќе биде мачен процес. Ќе видиме дали Катица Јанева ќе биде Меркел или Заев. Што правиме ако Катица Јанева биде адаптибилна како Меркел!? Во чив двор тогаш ќе пукнат бомбите!?

ПРЕС24: Ако оваа реторика е таргет на албански гласови, како што некои оценуваат, колку според Вас в недела тоа може позитивно да се рефлектира на изборното конто на СДСМ?

ЕФТОВ: Јас сум секогаш приврзаник на идејата дека во канцеларијата на лидерот на опозицијата, уште подобро над неговата фотеља, треба да биде закачена табла со јасна порака: Додека не дојдеш на власт не зборувај за Албанците, не верувај во ветувањата на Албанците и не се мешај во прашањето за името. Секогаш кога опозицијата, во која и во каква и да е персонална форма, влегувала во метематики спротивни на овие препораки порано или подоцна завршувала неславно. Да бидам до крај јасен - ако кампањата потраеше уште неколку недели и ако власта ја нагазеше темата со федерализацијата со цела сила и логистика која и стои на располагање тогаш ќе беше крајно неизвесно дали носителот на листата на СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов ќе влезеше во Парламентот. Да не беше Никола Груевски на чело на ВМРО ДПМНЕ и ако таа партија не ги форсираше темите за Тодор Александров и Ванчо Михајлов јас сум сигурен дека многу стари членови на СДСМ (поранешни офицери на ЈНА, функционери од времето на комунизмот и слично ) поради таа тема со федерализацијата немаше да гласаат за СДСМ на овие избори.

ПРЕС24: Зошто СДСМ не издржа и реши во кампањата да ги вклучи т.н. бомби?

ЕФТОВ: Вклучувањето на бомбите во кампањата значи непочитување на договорот постигнат со Викторија Нуланд. Не со Бејли, не со амбасадорот на ЕУ во Македонија, не со британскиот амбасадор Гарет, тоа значи непочитување на договорот со Викторија Нуланд. Да ја поткрепам таа теза со уште една поента. Во ВМРО ДПМНЕ одбраа да не го јавнат бранот Доналд Трамп и таа тема да не ја вклучат во изборната кампања - иако тоа ќе значеше барем неколку пратеници повеќе на нивната изборна сметка. Зошто? Бидејќи очигледно сакаа да го испочитуваат до крај договорорт со Викторија Нуланд. Вклучувањето на бомбите во кампањата и оној повик на Бранко Героски - цитирам: Друже Заев од мене кратко и јасно-бомби!!!, завршен цитат, отвора неколку прашања. Прво, дали Заев ги предал сите бомби кај Катица Јанева? Второ, зошто Катица Јанева не се јави со став, соопштение или прашање до Зоран Заев дали и се доставени сите бомби согласно законски превземените обврски? Трето, ако сите бомби не се предени дали тие бомби се користат за рекетирање на крупни бизнисмени во Македонија кои необјавувањето на бомбите за нив го плаќаат со големи пари? И четврто дали бомбите ќе бидат искористени за нови немири во Македонија? Ми се чини дека оваа тема ќе биде лакмусот како во иднина ќе бидат разрешени сите отворени прашања во самата опозиција и во коалицијата на опозицијата, шарената револуција и чадорот.

ПРЕС24: Како од денешна дистанца го оценувате процесот на „бомбите“. Дали после се може да се констатира дека тоа беше една од најголемите заблуди на политичката сцена во Македонија?

ЕФТОВ: Без разлика на мојот принципиелен став против таков тип на политичко делување, како што е објавување на незаконски снимени материјали во јавноста, бомбите ја потенцираа потребата од драматичен ресет на македонската политика. А во поширок контекст и на целото опшстествено миље во државата вклучително и потребата од длабоки промени во македонските медиуми. Македонија беше зрела за едно Специјално Јавно Обвинителство кое независно и стручно ќе си ја завршеше својата работа. Се плашам дека сегашното делување на СЈО трајно ја погреба и идејата и надежите дека со специјални мерки и специјални институции е можно да се води битка против криминалот и корупцијата. Со некадарната опозиција и некадарното СЈО власта има огромна шанса да добие легитимитет за сите предходни избори и за своето владеење изминатите десет години.

ПРЕС24: Ќе имаат ли поширок регионален контекст случувањата во Македонија по изборите в недела?

ЕФТОВ: Случувањата во Македонија би имале поширок регионален контекст само во две претпоставени ситуации. Прво, во Македонија да има нови конфликти во која било форма: Албанци против Албанци, Македонци против Македонци, Албанци и Македонци против Македонци и Македонци против Албанци. И второ, во ситуација на договор меѓу Русија и САД на Доналд Трамп за поделба на зоните на влијание на Балканот. Каде тогаш ќе припадне Македонија. Кај нас имаме албанско малцинство кое е за САД. Имаме муслиманско малцинство кое е за Ердоган. И имаме македонско мнозинство кое е поделено меѓу Доналд Трамп и Путин. Во Македонија, во споредба со сите останати балкански народи и држави, таа можна линија на разграничување ќе биде најтешко да се дефинира.

ПРЕС24: Во едно интревју за Прес24 пред повеќе од година и половина рековте дека Заев има шанси да стане Шешељ  во Македонија и дека ја води СДСМ во распад... Од денешна дистанца дали распадот на СДСМ е поблиску или подалеку?

ЕФТОВ: Ако сум кажал така тогаш му се извинувам на Шешељ!!! Шешељ има се поголеми шанси да стане Претседател на Србија. Заев има се помали шанси да остане градоначалник на Струмица. За мене не е клучно прашањето дали ќе се распадне СДСМ. Тоа е нивна партиска работа. За мене е клучно прашањето зошто опозицијата не успева изборно да го “монетаризира “ сегашното огромно опозициско расположение во јавноста. И зошто дозволи легитимното опозициско стремење да дојде до промена на власта да биде искористено како доказ за опозицски сценарија за рушење на државата.

ПРЕС24: Кои се вашите проценки за помалите политички субјекти учесници во оваа кампања?

ЕФТОВ: Ќе ви одговорам со прашање. Зошто Љубчо Георгиевски одбра да биде носител во четвртата изборна единица каде се кандидираше и Никола Груевски а не како досега да биде носител во третата или во петтата изборна единица? Или што мислите: Дали Ферид Мухиќ ќе му биде лојален на Зоран Заев или на еден од најбогатите Бошњаци во Македонија кој се залагаше Мухиќ да биде на добитно место на пратеничките листи на СДСМ? Сума сумарум, малите ќе служат само за карамбол и да има повеќе топчиња на масата за билијард на 11 декември и по изборите.

 

 

 

 

 
 
09.12.2016 - 12:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега