Тања Каракамишева: СЈО заигра кампањски за СДСМ
„Подиректно влијание врз изборен процес од ова не може да се замисли. Подиректно ставање на СЈО во партиска служба и во функција на интересите на СДСМ, Република Македонија нема видено. Целта е таа, но реализацијата ќе има сосема обратен ефект.“ Универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска во интервју за Прес24 вели дека СЈО освен што е против уставно, дејствува како класична продолжена рака на СДСМ и реализатор на нејзината политичка кампања.
-За очекување е дека СЈО уште поинтензивно ќе се стави на услуга на СДСМ до изборите и дека ќе одработува политички случаи во кои таргетот ќе биде ставен исклучиво на личности од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За очекување се уште подраматични холивудски сцени, театарски претстави, упади во државни органи, медиумски сензационализми што треба да ја покријат празнотијата на случаите што СЈО бомбастично ќе ги изнесува во јавноста, но и празнотијата на понудата на СДСМ на изборите. СЈО имаше и ќе има сериозен проблем да испорача обвиненија засновани врз цврсти докази. Доказите и вистината за правдата и владеењето на правото се единствените непријатели со кои СЈО се соочува во оваа јалова и сценариски зададена задача да се уништи срцевината на ВМРО-ДПМНЕ, вели Каракамишева-Јовановска за Прес24.
Професорката по уставно право вели дека СЈО е само дел од целиот процес на неколку сценарија за рушење на уставниот поредок на државата. Најголем дел од нив поминаа безуспешно, но главниот збор ќе го имаат граѓаните на денот на изборите.
-11. декември треба да биде референдумскиот „Д“ ден кога сите сценаристи, активни и пасивни актери, статисти, супозитории и слични малигни фигури во државата ќе го добијат в лице гласот на македонскиот народ. Директно. Колку повеќе граѓани излезат на избори, толку се помали шансите да добијат на сила овие малигни клетки во државата. Тие ќе бидат принудени или да прифатат изолација, или да бидат ставени под граѓански третман со цел нивно соработување со системот во иднина. Токму затоа овие избори треба да се гледаат како повеќе од обични избори. Тие треба да се сфатат како граѓански плебисцит за опстанок на македонската држава во постојната форма, и со постојното уредување. Другата опција е веќе насликана во извештајот за имплементацијата на Рамковниот договор во земјата, но и во изјавите на Заев каде во детали се проектирани клучните компоненти на идната македонската држава-двојазичност, федерализација, дводомно Собрание, ротационен премиер, и слично, вели универзитетската професорка во интервјуто.
За нејзе нема никакви дилеми дека СДСМ овој пат ќе мора да го признае резултатот од изборниот пораз.
-Опозицијата ќе мора да се помири со волјата на народот. Нема друг избор. Ако сака и натаму да ја гази волјата на народот, тогаш ќе се соочи со народот. Никој нема од Бога дадено право да игра мајтап со волјата на граѓаните. Помирувањето со политичкиот пораз не е лесна работа, но тој кој не знае да се помири со пораз не е за во политика. Ако СДСМ сака и натаму да опстане на политичката сцена ќе мора да почне да учи од сопствените грешки. Сите игри, сите евтини блефови на кои се „возеа“ овие две години ќе мора да завршат откако граѓаните ќе ја донесат конечната одлука. Играње со конечната одлука на граѓаните не смее да се дозволи ниту од страната на изборниот победник, ниту од страна на изборниот губитник, вели проф.Д-р Тања Каракамишева-Јовановска во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: За распуштање на Парламентот овој пат гласаа и власта и опозицијата. Тоа би требало да значи дека патот до избори е трасиран со исполнети услови. Дали конечно може да се констатира дека ова е веќе почеток на крајот на политичката криза?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Самораспуштањето на Собранието се случи со толку очекуваниот од граѓаните меѓупартиски консензус за почеток на излезот од вештачки наметнатата политичка криза во земјата. Конечно пратениците на СДСМ собраа храброст да притиснат на копчето „за“ распуштање на претставничкиот орган на граѓаните откако по исполнувањето на нивните бројни измислени и ирационални барања и желби од страна на власта веќе немаа каде, буквално беа притиснати до ѕид. Пратениците од опозицијата беа приморани да се надминат себе си и да се приклучат кон волјата на мнозинството пратеници, кон волјата на мнозинството граѓани во земјата, но и кон заложбите на меѓународниот фактор да се стави крај на политичката криза преку избори. Првиот чекор за крај на политичката криза е направен. Но, само првиот. Следуваат уште многу други од кои ќе може да се процени дали навистина станува збор за искрена политичка волја и подготвеност на сите релевантни политички субјекти, Република Македонија да излезе од кризата, или повторно станува збор за политичко лицемерство и насочување на државата кон уште подлабока бездна на меѓуетничка и политичка конфликтност. Во овој момент имаме само едно затворено поглавје што не значи по автоматизам успешно затворање на сите поглавја. Правилото на ЕУ дека „ништо не е затворено додека се не се затвори“ важи и за нашата политичка состојба. Да се надеваме дека овојпат новиот претседател на Уставниот суд нема да биде ставен на мака да го растегнува Уставот по политичка и партиска мерка, и да прави уште еден преседан за повторно враќање на пратениците во пратеничките клупи. Тоа навистина би било премногу.
ПРЕС24: ДПА, но и некои анонимни експерти ја заговараат тезата дека изборите на 11 декември ќе бидат нелегитимни поради тоа што изборната единица број 6 отстапува повеќе од 5% законски дозволен број гласачи. Колку ова може да биде некоја пречка за изборите?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Во периодов навистина се изнаслушаме разно-разни коментари, експертски мислења, и партиски ставови во врска со ова прашање. Исто така, пред неколку месеци беше поднесена и индивидуална иницијатива од член на ДУИ до Уставниот суд за оценување на уставноста на ова прашање. Позадината на целата оваа правна фама има за цел да подготви терен за оспорување на изборните резултати согласно одредени партиски потреби. Која било партија што нема да биде задоволна од изборниот резултат ќе може да се повикува на ова минорно отстапување како правен аргумент за оспорување на законитоста на изборниот процес. Иако отстапувањето е незначајно од само 0.28% од законски утврдениот праг, на партиите посебно од албанскиот блок им се остава аргумент во рака да го оспоруваат изборниот резултат. Со цел да се спречи каква било можност од евентуална манипулација со изборните резултати, ДИК ќе треба одговорно да се постави по ова прашање и навреме да го затвори „вентилот“ од каде што е можно да се излее одредено партиско незадоволство како причина за дискредитирање на целокупниот изборен процес. Постојното отстапување на гласачите од само 0.28% во шестата изборна единица е прашање што може без никаков проблем технички да се затвори од страна на ДИК. Согласно член 167 од Изборниот законик, Државната изборна комисија во соработка со МНР и неколку други органи и управни организации е надлежна да ги изработи стручно-техничките описи на избирачките места во сите шест изборни единици, вклучително и седмата изборна единица каде гласа дијаспората. Врз основа на овие стручно-технички описи (кои содржат информации за општината, бројот на изборната единица, бројот на избирачкото место, населеното место, и локацијата на избирачкото место), ДИК донесува решение со кое се утврдува бројот и описот за секое избирачко место посебно, со назначување на улиците и куќните броеви кои влегуваат во избирачките места, како и самиот објект на гласање. Врз основа на член 169 од Изборниот законик ДИК има овластување да направи промена на описот на избирачкото место преку додавање, или бришење на улици, куќни броеви на гласачите итн., и нивно пренесување од едно на друго избирачко место, посебно во случаи ако ДИК утврдил дека постои зголемување на бројот на избирачите во некое избирачко место, или ако постои законска несоодветност во однос на просторната оддалеченост на одредено избирачко место. Во таков случај, ДИК има овластување да направи промена во описите на избирачките места согласно новонастанатите околности.
Секако, ДИК кога прави промени во описите на избирачките места мора истите да ги усогласи со член 166 од Изборниот законик каде стои дека избирачкото место по правило не смее да биде оддалечено повеќе од 3 км од најоддалечената адреса во градските населби, и повеќе од 5км во селските населби. Ова практично значи дека постојното отстапување на гласачите може да се реши со менување на описите на неколку избирачи места, и со префрлување на неколку улици и куќни броеви од избирачките места во шестата изборна единица, во избирачки места на петата или четвртата изборна единица. За целата оваа „операција“ не се потребни законски измени како што се сугерираше од страна на партиите од албанскиот блок. Наведената корекција е можно да се направи согласно постојните одредби од Изборниот законик имајќи ги предвид законските надлежности на ДИК. Она што исто така е важно да се напомене за овој процес на внатрешно усогласување на описите на избирачките места е промената да се изврши најдоцна 30 дена пред изборниот ден со цел гласачите да бидат навреме информирани на кое избирачко место можат да го остварат избирачкото право.
ПРЕС24: Се чини дека веднаш по распишувањето на изборите, СЈО го засили темпото. Нови случаи, влегувања во институции... Дали ова е сигнал дека СЈО ќе биде политички мотор на опозицијата во овие избори?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Политичката поврзаност и координираност меѓу специјалното јавно обвинителство и СДСМ е ноторен факт. Јавна тајна. Од првата до последната прес-конференција на СЈО сведоци сме на класичен политичко-правен линч, класичен „лов на вештерки“ насочен исклучиво против највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО целосно разочара во постапувањето и покрај големата доверба што на почетокот граѓаните и партиите му ја дадоа. СЈО целосно се стави во партиска служба на СДСМ и наместо професионално, одговорно, отчетно, и непристрасно јавно обвинителство, државата доби обвинителство кое е прво противуставно, и второ, кое делува како продолжена рака на опозицијата, спотер и реализатор на нивната политичка кампања. Дополнително на пристрасноста и навивачкиот однос кон СДСМ, СЈО покажа и сериозна правна нестручност и неподготвеност да се носи со доделените надлежности. Во многу наврати до сега специјалните јавни обвинители покажаа класично непознавање на правото. Покажаа голема селективност во постапувањето со партиска позадина, покажаа непочитување на основните начела на кои се заснова и води кривичната постапка, манифестираа невидена ароганција и дрскост, надреденост па дури и негирање на легитимитетот на сите органи и институции во земјата. За очекување е дека СЈО уште поинтензивно ќе се стави на услуга на СДСМ до изборите и дека ќе одработува политички случаи во кои таргетот ќе биде ставен исклучиво на личности од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За очекување се уште подраматични холивудски сцени, театарски претстави, упади во државни органи, медиумски сензационализми што треба да ја покријат празнотијата на случаите што СЈО бомбастично ќе ги изнесува во јавноста, но и празнотијата на понудата на СДСМ на изборите. СЈО имаше и ќе има сериозен проблем да испорача обвиненија засновани врз цврсти докази. Доказите и вистината за правдата и владеењето на правото се единствените непријатели со кои СЈО се соочува во оваа јалова и сценариски зададена задача да се уништи срцевината на ВМРО-ДПМНЕ.
ПРЕС24: Може ли да се толкуваат како влијание врз изборниот процес ваквите активности на СЈО во овој период?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Подиректно влијание врз изборен процес од ова не може да се замисли. Подиректно ставање на СЈО во партиска служба и во функција на интересите на СДСМ, Република Македонија нема видено. Целта е таа, но реализацијата ќе има сосема обратен ефект.
ПРЕС24: Во МВР ден пред и по распишувањето на изборите се случуваат кадровски смени. Каква очекувате да биде улогата на МВР во овие избори, некои велат дека овие смени се во функција на предизвикување, други пак за спречување инциденти на денот на изборите?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Улогата на МВР и на сите вработени во безбедносниот сектор мора да биде крајно професионална, непристрасна, неполитичка и ставена во функција на заштита на интересите на граѓаните и на државата. Направените смени на дел од челните позиции во МВР од страна на техничкиот министер за внатрешни работи г-дин Спасовски не ветуваат промени на подобро, туку промени заради правење проблеми. Ако се земат предвид досијеата на поголем дел од нив ќе се види несоодветноста на овие луѓе за работните позиции на кои се поставени. Не може на човек со дебело криминално досие да му се доверуваат раководни овластувања. Тоа е недозволиво, и законски недопуштено. Човек што се огрешил пред законот и издржувал затворска казна, или сторил друг вид незаконски дејствија не е подобен согласно закон да работи на многу работни места. Ова особено важи за полициските и друг вид безбедносни работни задачи за кои како основен критериум се бара лицето да биде неосудувано како и да има примерно однесување. Намерното кршење на законските критериуми и услови, како и поставување несоодветни лица на раководни позиции во МВР имплицира сомнеж дека МВР не се подготвува за организирање фер, демократски и кредибилни избори во земјата, туку избори кои ќе можат да се оспорат. Причините за оспорувањето секако би можеле да бидат поврзани и со намерните провокации што се очекуваат да ги прават овие вбризгани луѓе од криминалното подземје со цел уште едно делегитимирање на волјата на граѓаните. Она што исто така загрижува е што техничкиот министер при промените на дел од раководните позиции во МВР не ги почитувал законските критериуми, ниту ја почитувал постојната систематизација на работните места, и при нивното назначување прескокнувал пет, десет, а во одредени случаи и по 12 скалила за унапредување. Техничкиот министер не го испочитувал ниту она што последно беше договорено меѓу партиите, и десетте проценти од хоризонталните промени. Наместо 120 лица, Спасовски променил 140 лица, што е за дваесет повеќе од договореното. МВР благодарение на техничкиот министер буквално се дави во сопствената незаконитост, а токму МВР се очекува најдисциплинирано да ги применува законите и да креира стабилност во клучните моменти за државата. И не случајно СДСМ и неговиот надворешен ментор во земјата во меѓупартиските преговори инсистираа да го добијат овој ресор под своја контрола. Однесувањето на МВР во текот на изборниот период ќе биде клучен показател во која насока ќе се движи политичката состојба во земјата. Оттаму, и најголема ќе биде одговорноста токму на СДСМ ако се случат одредени изборни или пост-изборни инциденти што МВР би ги толерирал или би се обидел да ги забошоти.
ПРЕС24: Може ли Македонија да си дозволи луксуз и од овие избори да излезе една лоша слика, во смисла на организација на изборите, инциденти и слични дејствија.. И кому би му одговарало едно такво сценарио?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Многу е важно, од неколкуте сценарија ставени во оптек во земјата, кое сценарио ќе победи или кое ќе биде доминантно по изборите. Контурите, но и актерите на негативните сценарија се веќе познати. Република Македонија во изминатите две години успеа да извлече жива глава од неколку лоши сценарија подготвени со цел меѓусебно закрвавување на Македонци со Македонци, и на Македонци со Албанци, како и втурнување на земјата во граѓанска војна. Како резултат на граѓанската прибраност и смиреност успеавме да куртулиме. Го видовме и сценариото за закрвавување меѓу институциите на системот и државните органи (полицијата, армијата, и сл.), од една, и т.н. група незадоволни граѓани во земјата, од друга страна. Повторно за среќа, без успех. Го видовме и сценариото на увезен проблем кое требаше да креира неконтролирано мигрантско стампедо во земјата со краен епилог внатрешно дестабилизирање на државата и клекнување на колена на институциите на системот. Го видовме, и се уште го гледаме сценариото на класично замешателство на странскиот фактор во внатрешните работи на земјата. Сценариото на давање упатства и инстант решенија за секој проблем од страна на една група амбасадори во земјата. Сумарно, поминавме низ многу премрежија, се надевам дека извлековме и многу поуки, ги видовме на дело многу македонски граѓани, паднаа маските на многумина од нив, ги видовме нивните вистински лица, видовме кои политичари за што се залагаат, видовме какви се идните планови на опозицијата за државата, видовме кои се плановите на ВМРО-ДПМНЕ за иднината на земјата, видовме се. Единствено што чекаме да го видиме е граѓанскиот, народниот одговор на овие сценарија. Иако многумина од нас го знаат одговорот, сепак 11. декември треба да биде референдумскиот „Д“ ден кога сите сценаристи, активни и пасивни актери, статисти, супозитории и слични малигни фигури во државата ќе го добијат в лице гласот на македонскиот народ. Директно. Колку повеќе граѓани излезат на избори, толку се помали шансите да добијат на сила овие малигни клетки во државата. Тие ќе бидат принудени или да прифатат изолација, или да бидат ставени под граѓански третман со цел нивно соработување со системот во иднина. Токму затоа овие избори треба да се гледаат како повеќе од обични избори. Тие треба да се сфатат како граѓански плебисцит за опстанок на македонската држава во постојната форма, и со постојното уредување. Другата опција е веќе насликана во извештајот за имплементацијата на Рамковниот договор во земјата, но и во изјавите на Заев каде во детали се проектирани клучните компоненти на идната македонската држава-двојазичност, федерализација, дводомно Собрание, ротационен премиер, и слично. На овие плебисцитарни избори македонските граѓани ќе гласаат за продолжување на континуитетот на македонската државност, или за веќе стокменото сценарио во кое Република Македонија во постојната форма и содржина едноставно ја нема.
ПРЕС24: Ако се биде во ред со изборниот процес и ако рејтинзите од анкетите сега се пресликаат како изборен резултат, тогаш сосема извесен е победникот на овие избори. Мислите ли дека опозицијата така лесно ќе се помири со пораз?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Опозицијата ќе мора да се помири со волјата на народот. Нема друг избор. Ако сака и натаму да ја гази волјата на народот, тогаш ќе се соочи со народот. Никој нема од Бога дадено право да игра мајтап со волјата на граѓаните. Помирувањето со политичкиот пораз не е лесна работа, но тој кој не знае да се помири со пораз не е за во политика. Ако СДСМ сака и натаму да опстане на политичката сцена ќе мора да почне да учи од сопствените грешки. Сите игри, сите евтини блефови на кои се „возеа“ овие две години ќе мора да завршат откако граѓаните ќе ја донесат конечната одлука. Играње со конечната одлука на граѓаните не смее да се дозволи ниту од страната на изборниот победник, ниту од страна на изборниот губитник. Опозицијата предводена од СДСМ ќе мора сериозно да се посвети и да дава предлози за градење и за унапредување на државата во интерес на сите граѓани. Епизодата на деструкција мора да заврши.
ПРЕС24: Како го оценувате влогот на ВМРО ДПМНЕ, а како на СДСМ во овие избори? Во смисла на тоа кој што може да добие, а кој што да изгуби?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: По десет години практикување власт на државно и на локално ниво логично е да се очекува партијата на власт повеќе да губи отколку да добие на нареден изборен циклус. Логично е да се очекува рејтингот на опозицијата да расте пропорционално со очекуваното незадоволство кај дел од граѓаните од резултатите и ефектите на владеачките политики. Десет години поминати на власт неминовно оставаат траги врз рејтингот на владеачката партија. Но, кај нас работите не одат во таа насока. Сите испитувања на јавното мислење покажуваат одличен тренд на граѓанска доверба во власта, и надолен тренд на доверба во опозицијата што е интересен феномен за политичко истражување. За разлика од порано кога граѓаните на избори ја казнуваа власта со гласање за опозицијата, во Македонија десет години по ред имаме ситуација во која граѓаните на државно и на локално ниво ја казнуваат опозицијата затоа што не е конкурентна на власта. Граѓаните изградија сосема поинакви вредносни критериуми за евалуација на партиите благодарение на новиот политички стандард на работење што го наметна ВМРО-ДПМНЕ. Ниту еден граѓанин повеќе не верува на жими мајка програма и ветувања во политиката, туку се верува на конкретни, реални и сеопфатни проекти и дела видливи за сите. СДСМ и опозицијата ќе мора да се прилагоди на новото време и да менува многу во својата појавна форма и делување.
ПРЕС24: На изборната трка веројатно ќе се појават уште две три опции. Едната е коалициски блок на десницата, другиот пак радикалната левица, но и веројатно помали субјекти како ЛП... Што можат тие да земат од изборниот колач?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Со оглед дека станува збор за нови субјекти со стари и истрошени политички ликови очекувањата дека ќе направат некаков позначителен успех на овие избори се сведени на минимум. Факт е дека тие ќе се обидат да откинат дел од традиционалното гласачко тело на двата дела од македонскиот партиски блок, и можеби ќе „уловат“ одреден број неопределени гласачи, но крајната бројка нема да биде поголемо изненадување за оние што ги следат политичките прилики. Донтовиот систем со шест изборни единици не е многу наклонет кон помалите политички партии па оттаму и не дава многу парламентарна надеж за нив. Овие партии би требало да бидат пресреќни ако успеат да освојат два пратеника.
ПРЕС24: Сосема извесно е дека дел од шарените револуционери ќе се најдат на добитни позиции на листите на СДСМ, а со тоа ќе им се овозможи и влез во Парламентот. Дали таа карта за СДСМ може да биде корисна или контраподуктивна?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Откако шарените избербатија се во главниот град по директива на СДСМ, веројатно наградата што ќе ја добијат за возврат ќе биде високо позиционирање на нивните најистурени претставници во рамките на сите шест изборни листи. Конечно ќе се ефектуира на дело синергијата што постојано е присутна меѓу СДСМ и СОРОС со што голем дел од т.н. невладини организации и наводни активисти за човекови права конечно ќе ја добијат заслужената партиска кошула. Влезот на шарените во Собранието ќе биде добитна карта за натамошниот развој на македонското цивилно општество, бидејќи тоа во голем дел ќе се растовари од лажните граѓански активисти кои изминативе години буквално го окупираа граѓанскиот простор. Ќе се остави простор за заживување на вистински автохтони граѓански иницијативи кои ќе добијат шанса да го ревитализираат и деполитизираат македонското општество на вистински начин. Во однос на прашањето кој ќе добие повеќе од оваа политичка соработка, СДСМ или шарените, одговорот би бил дека и двете структури ќе добијат подеднакво, односно и двете структури ќе изгубат исто. Имено, тие и до сега делуваа секогаш заедно. Разликата е во тоа што до сега нивното заедничко делување се трудеа невешто да го прикријат. Сега нема да има потреба да се кријат од граѓаните. Се додека на раководна позиција во СДСМ е г-ѓата Шеќеринска членовите на Сорос инсталациите во земјата ќе котираат високо во партијата. Ако има промена во тој дел, тоа сигурно ќе се одрази и во (не)вклученоста на шарените во политиката.
ПРЕС24: СДСМ на овие избори игра и на картата за гласови од албанскиот електорат. Колку е тоа реално, особено кога се кокетира со теми како федерализација, двојазичност?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Картата на која игра СДСМ на овие избори е повеќе од хазардерска. На крај ќе се покаже како погубна за оваа партија, но поголем проблем е што оваа игра сериозно ќе оди на штета на целата држава. Со опасните тези што веќе јавно ги испласира лидерот на СДСМ, државата и политичките партии ја изгубија досегашната политичка и меѓупартиска преговарачка позиција, односно СДСМ со нив целосно ја избриша црвената линија за политичко преговарање и ја остави државата на бришан простор без политичка заштита. Кокетрирањето и егзибиционизмот на Заев со албанските гласачи ги урнаа сите постојни стартни преговарачки позиции на македонските партии. Албанскиот фактор во земјата доби политичко бинго, доби десетка на лото каква што ни на сон не можеше да ја замисли. Доби одврзани раце да условува, да игра игри со државата и да се пазари до конечно целосно разнебитување на македонската држава. Тоа што Заев и го направи на Република Македонија, ни десет Ахметовци и Тачисти не можеа да го смислат. Заев ја стави на тацна Република Македонија и заедно со ружа и локум ги почасти и изборно ги усреќи албанските лидери.
ПРЕС24: Ако се направи еден аналитичен пресек на она што СДСМ го имаше како услови за избори, односно што го користеше како аргументи за оспорување на изборните резултати од 2014 година и она што денеска го има како „реформи или промени“ на тие полиња (избирачки список, медиуми, партија-држава, корупција, фантоми), како таа анализа би изгледала?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Пресекот би бил гола вода, или пресекот ги однесе во гола вода сите празни сдсмовски флоскули, наводни барања за демократизирање на системот, наводни фантоми во избирачкиот список, и што се не. Пресекот покажа дека сите тие фрази и барања за наводно поголема демократија и слобода во земјата биле само помошни алатки за реализирање на вистинското сценарио на СДСМ, разнебитување на Република Македонија и нејзино ставање во скутот на протекторскиот „чадор“ кој е режисерот и реализаторот на сценарото. СДСМ е само политичка маша на „чадорот“, а луѓето во СДСМ обични извршители на мастер планот за дестабилизирање на народната власт во државата и нејзина замена со странски послушници и заморчиња кои без прашање ќе аминуваат се што „чадорот“ во иднина ќе даде како налог. Одделувањето на државата од партијата, борбата против корупцијата, медиумските реформи, фантомите и сличните француски клучеви со кои се служи СДСМ во периодов се само дел од алатите во торбата во која е ставена државата. Многу покрупни политички интереси се кријат зад политичкиот извештај на Прибе кој сака да биде правен ама не е. Многу поголеми геостратегиски планови се кријат зад завесата на слободните медиуми, реформата на изборните правила, владеење на правото и што ли уште не. Како и во сите други балкански држави, така и во Република Македонија се случува груба манипулација и злоупотреба на правото и на индивидуалните слободи и права на граѓаните заради корпоративните потреби и интереси на мултимилијардерите и корумпираните западни политичари кои за жал го држат светот во раце. Ако не успеавме до сега да го разбереме ова, тогаш веројатно и никогаш нема да имаме уште една шанса. Токму затоа одговорот на ова сценарио мора да биде големо граѓанско „не“. Друга алтернатива за опстанок на нашата држава во формата во која денес живееме нема.
ПРЕС24: Листите на партиите се уште не се готови, но очекувате ли изненадувања и промени во нив кај владејачката ВМРО ДПМНЕ?
КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Во целиов изминат период и ВМРО-ДПМНЕ беше ставен на бројни искушенија. Искушенијата треба да ја научат оваа партија многу, секако во корелација со направените грешки во минатото. Партијата мора да извлече поука од луѓето кои и го свртеја грбот на првиот предизвик, на првата кривина. Партијата треба да научи многу од искушенијата пред кои денес е ставена државата, и со уште посилен капацитет и уште помотивирано да влезе во нов партиски и политички циклус за заштита, одбрана на државата и за нејзин позасилен економски развој. Нови луѓе и се потребни на секоја партија, партиското освежување е природна работа. ВМРО-ДПМНЕ овојпат ќе мора многу повеќе од до сега да направи партиско освежување во кое ќе бидат земени предвид одредени дополнителни критериуми кои можеби порано немале толку големо значење. Ќе мора многу повеќе да се обрне внимание кого се партијата става на пратенички листи, кого се поставува на високи позиции и, можеби најважно, која е заслугата на тие личности во градењето на вкупниот имиџ на партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа