На 28. август ќе блесне нов асфалтиран пат до Трескавец
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска ги посети екипите на градежното претпријатие „Гранит“ кои го асфалтираат патот до манастирскиот комплекс Трескавец.
Тој изрази задоволство од текот на работите за асфалтирање на патот, за што Министерството за транспорт и врски вложи 2 милиона евра. Патот е во должина од 7,5 километри и досега е асфалтиран еден километар.
- Задоволен сум како се одвиваат работите. Лани на 28 август, на големиот празник „Успение на пресвета Богородица“, го ставивме камен-темелникот и наместо за година и пол, екипите од „Гранит“ ветија и исполнија дека патот ќе биде готов за една година. Повеќе од јасно е дека на 28 август ќе биде пуштен во употреба. Тогаш голем број граѓани од Македонија и Прилеп го посетуваат овој манастир, изјави Јанакиески, нагласувајќи дека манастирот останува битен за развојот на туризмот.
Претседателот на Советот на општина Прилеп Никола Димески информира дека во меѓувреме стигнуваат донации од сите страни за обнова на опожарените конаци кои страдаа во катастрофалниот пожар од 4 февруари годинава. Димески го повтори апелот сите добронамерници да даруваат за да се обнови што поскоро големото светилиште.
Проектот за обнова на конаците е во завршна фаза и надежите се дека напролет може да почнат градежните работи.
Манастирот Трескавец е светски познат споменик на културата.
Хана Вансхумник од Белгија со пријателка патува низ Македонија и денеска се искачи на манастирот. - Од Белгија сме. Патуваме низ Македонија. Сега ќе се искачеме до Трескавец. За манастирот сме слушнале од светските патници. Еве и пат се гради, вели Вансхумник.