Поранешната ѕвезда на Арсенал Сансом заврши на улица
Поранешниот фудбалски репрезентативец на Гордиот Албион Кени Сансом, доживеал целосен банкрот и останал бездомник благодарение на алкохолот и коцкањето. Сансон за англиската репрезентација го облече дресот 86 пати, во периодот од 1979 до 1988 година. Има настапувано на два Мундијали во Шпанија и мексико. Беше стандарден играч во лондонскиот тим Арсенал. За „Топџиите“ играше фудбал 21 година, од кои 14 ги мина во најсилниот ранг. За британските медиуми поранешниот играч откри дека коцкањето и алкохолот го довеле до „питачки стап“.
„Бездомник сум веќе 10 дена и немам ниту пени. Алкохоличар сум и коцкар и не ми е добро. Живеам на улица“, вели тој и додава дека „не престанува да пие“.
Еднаш претерал до тој степен со алкохолот што колабирал на една улица во Лондон.
53 годишниот Сансом се преселил во куќата на неговата сестра пред да замине во непознат правец и покрај тоа што професионалното здружение на фудбалери и неговиот поранешен клуб му понудија помош. Сансон 16 години бил капитен на младинскиот состав на репрезентацијата на Англија а професионално со фудбал започнал на 16 години во тимот на Кристал Палас. Во Арсенал мина осум сезони каде одигра 394 меча. Неговата најдобра сезона ја имаше во 1987 година кога успеа да го освои Лига купот откако во финалниот меч беа подобри од Ливерпул. Во 1988 заминува за Њукасл, а кариерата ја продолжува и во Квинс Парк ренџерс, Ковентри и Евертон. Со фудбалот заврши играјќи за второлигашите Брентфорд и Вотфорд. Има работено и во медиумите а низ целиот тој период посетувал и програми за да се одвикне од алкохолизмот.
Меѓу познатите играчи кои банкротирале во последните 10-на години се Ерик Џемба Џемба, Ли Хендри, Селестин Бабајаро, Џејсон Јуел, Карл Корт и се уште активниот Јон Арне Рисе. Поранешниот бек на Ливерпул во меѓувреме успеа да застане на нозе, исто како и легендата на овој клуб од 80-те Џон Барнс.