Полскиот композитор и диригент Кшиштоф Пендерецки на гости кај Иванов
Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов денеска го прими маестро Кшиштоф Пендерецки, полски композитор и диригент.
Претседателот Иванов му посакал добредојде на полскиот диригент и успешен настап на авторскиот концерт, кој маестро Пендерецки треба да го одржи во рамки на полската вечер на 53-то издание на Охридско лето на 03 август во сабота во предворјето на Црквата „Света Софија“ во Охрид.
-Македонскиот претседател го поздрави учеството на полскиот композитор на една од нашите најзначајни културни манифестации и изрази очекување дека неговиот настап ќе даде посебен белег на ова издание на Охридско лето. Претседателот Иванов, потенцирајќи дека фестивалот Охридско лето повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот, изрази задоволство што македонската публика ќе има можност да проследи настап на светски значаен уметник. Настап што истовремено е од особено значење и за афирмација на Република Македонија на светската културна мапа, дотолку што концертот на маестро Пендерцеки во Охрид се одржува во годината кога низ целиот свет се реализираат концерти токму по повод јубилејните 80 години од неговото раѓање, информираат од Кабинетот на претседателот.
Маестро Пендерецки се заблагодарил за гостопримството и изразил задоволство од можноста за средба со македонскиот претседател, кој традиционално е покровител на фестивалот Охридско лето. Полскиот композитор и диригент ја поздравил поддршката која претседателот Иванов во континуитет ја дава на културните манифестации и изјавил дека се чувствува особено среќен и почестен што ќе настапи пред македонската публика во Охрид.