Македонските автори се афирмираат низ светот
Македонскиот поет, критичар и есеист Јовица Тасевски-Етернијан е именуван за член на издавачкиот совет на научното списание „Сајбер литература“, заедно со д-р Даниел Селден од Универзитетот на Калифорнија и со американската писателка м-р Мишел Коен Корасанти.
Членови на редакцијата на ова списание се професори од неколку индиски универзитети, а издавачкиот совет има интернационален состав. „Сајбер литература“ излегува на англиски јазик и во него се објавуваат научно-истражувачки трудови од областа на литературата, уметноста и општествено-хуманитарните науки.
Во новиот број на списанието е објавена книжевна студија од проф. д-р Венко Андоновски „Писател од европски постмодерен формат“, за прозниот опус на еден од најпознатите и најнаградувани македонски писатели Блаже Миневски, со посебен акцент на неговиот роман „Нишан“.
Списанието е вклучено во светскиот директориум на референтни научни списанија на слободен достап.