Седуммина малолетници го претепале момчето во скопско Ново Лисиче

 

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека го расчистиле случајот во врска со претепаното момче од Скопје, кое во неделата пријавило дека околу 01 часот на крстосницата помеѓу булеварите “Видое Смилевски-Бато“ и “Србија“, поточно во паркот во населбата Ново Лисиче, бил претепан од група непознати лица.

Во неделата додека 18 годишниот И.Ј. седел со неговите другари С.И., Р.И., М.Е., М.Е. и Д.А. во два наврати им се приближило машко лице кое го прашувало каде живее. Момчето одговорило дека живее на локации од подрачјето на општината Аеродром, па дури потоа кажал дека живее во населбата Чаир. По извесно време, на местото каде било момчето, се собрале повеќе машки лица кои почнале да ги напаѓаат него и другите лица кои биле со него. Другарите на И.Ј. се разбегале, а тој се онесвестил од ударите.

-По превземените оперативни мерки и извршените службени разговори, утврдено е дека на горенаведениот датум на пријавителот и петмината кои го придружувале, им пришле малолетниот Б.Л.(14), кој ги прашувал од каде се и откако утврдил, заминал, по што телефонски контактирал со А.М.(16) и заедно ги повикале Д.В.(15), В.Х.(14), М.И.(15), М.Ј.(18) и Б.Б.(15), по што седуммината заедно заминале на местото каде претходно се наоѓал пријавителот. При самото приближување кон местото, новоформираната група била забележана од пријавителот и другите со него, по што трите женски лица набрзина се оддалечиле, додека С.И. со еден удар со рака бил удрен од страна на Б.Л., а И.Ј. со повеќе удари бил нападнат од групата. Со еден до два удари бил удрен и Р.И. кој бил во групата на нападнатите, по што напаѓачите го напуштиле местото. Од страна на итна медицинска помош И.Ј. бил пренесен во Ургентен Центар Скопје, каде му е констатирана тешка телесна повреда во вид на скршеница на долната вилица и набиеници на главата, стои во соопштението од МВР.

 

Од МВР најавуваат дека наскоро ќе биде дефинирано кривичното дело, а поцелосно расветлување на случајот против напаѓачите ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

најчитано сега