Трагедија: Млад тетовчанец умре од убод од оса
33 годишниот Јусуф Р. од тетовско Милетино, починал откако го каснала оса, објавува весникот Вест. Жителите на селото, пренесува весникот, раскажале дека Јусуф, после ифтарот, односно крајот на рамазанот пост за тој ден, излегол со другари да се напие кафе во селската чајџилница. Во еден момент додека седел во чајџилницара, почувствувал дека под кошулата, во грбот, му влегла оса. Тој се обидел да ја избрка, но, не обрнал премногу внимание и продолжил да седи со другарите. Набргу, Јусуф почувствувал мачнина и веднаш отрчал во својот дом.
Домашните направиле се што можеле, но, на Јусуф му се влошувала состојбата. Никој од нив не знаел дека тој всушност бил алергичен на убод од оса. Јусуф бил пренесен во амбулантата во соседно Челопек, но, докторите не успеале да му го спасат животот. Тој починал на пат кон тетовската болница.
Вест пренесува дека според жителите на Милетино, Јусуф бил мирен, работлив човек кој бил оженет и имал едно малолетно дете.