Подметнат пожар го потресе скопски Аеродром
Помал пожар вчера попладне изби во складиште за оштетени дрвени прагови од пруга, лоцирано во близина на касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром.
Според Благоја Менковски, командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, иако бил забележан густ чад се работи за мал пожар со незначителна штета.
- По дојавата за пожар веднаш испративме три противпожарни возила, но кога стигнавме на местото на настанот увидовме дека се работи за незначителен пожар и две возила веднаш повлековме во базата. Едно противпожарно возило остана на терен за да го локализира пожарот, изјавил Менковски за МИА.
Тој посочил дека најверојатно станува збор за намерно подметнат пожар при кој само незаначително се оштетени складираните стари дрвени прагови.