Во АРМ до крајот на годината ќе се вработат нови 250 војници

До крајот на годинава, во АРМ ќе бидат вработени нови 250 војници, дознава весникот Вечер од државниот секретар во Одбраната, Стефановски.

- Република Македонија во согласност со своите национални интереси и стратешките определби, кои произлегуваат од аспирацијата за членство во НАТО алијансата, продолжува да придонесува за зачувувањето и унапредувањето на мирот, безбедноста и стабилноста во светот преку партиципирање во мировни мисии. Во моментов учествуваме во три мировни мисии: ИСАФ во Авганистан, АЛТЕА на ЕУ во БиХ и УНИФИЛ на ОН во Либан. Со задоволство би потенцирал дека почнувајќи од 2002 година, па се до денес сме учествувале со повеќе од 3.000 мировници, од кои над 2.100 биле дел од контингентите во ИСАФ, бројка која сама по себе говори за нашиот придонес и посветеност. Конкретно, со самото наше активно партиципирање во планирачкиот процес заедно со НАТО сојузниците, де факто изразуваме подготвеност за понатамошно учество во пост-мисијата. Армијата располага со квалитети и капацитети кои ќе ги стави на располагање со придонес преку експерти за обука, едукација и поддршка на авганистанските безбедносни сили, но се разгледуваат и други опции и можности за наше активно партиципирање, вели Стефаноски за Вечер.

- Членството во НАТО за Македонија е врвен приоритет и таков и ќе остане. Покрај тоа што ги делиме истите вредности и интереси со сите членки на Алијансата, ги прифативме и имплетиравме принципите, целите и основните задачи кои произлегуваат од овој Концепт. Критериумите кои беа услов за нашето членство се во целост исполнети уште во 2008 година. Македонија треба што поскоро да биде примена во Алијансата и ќе констатирам дека, за жал, единствената причина поради која не сме членка е ирационалниот спор за името на нашата земја и македонскиот идентитет од страна на јужниот сосед, истакнува тој за Вечер.

Стефаноски најавува и вработување на нови војници.

- Владата покажува разбирање за потребите на Армијата и во услови на економска криза успева со конкретни мерки да го поддржи развојот на АРМ. Кога зборувам за конкретни мерки мислам на обезбедените финансиски средства од нејзина страна за вработување на нови, потенцирам, нови 250 професионални војници кои согласно формациската поставеност ќе бидат распределени на соодветни работни места во нејзината структура. Вработувањата очекувам да се реализираат најдоцна до крајот на 2013 година. Во контекст на тоа би сакал да ги споменам и измените на Законот за служба во АРМ кои беа донесени минатата година, а се однесуваат на посебните услови за прием на професионални војници, односно зголемување на старосната граница од 23 на 25 години. Сите оние што ги исполнуваат општите и посебните услови за да станат професионални војници и не се постари од 25 години ќе имаат можност да аплицираат и еднакви шанси да бидат избрани, додава тој.

ФОТО: Утрински

Извор: Вечер

најчитано сега