Коњановски: Преземаме мерки за да ги заштитиме земјоделците

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во Битола ја претстави ИПАРД програмата.
 
На средбата со заинтересираните поединци и фирми за користење на европски средства за модернизација на земјоделските стопанства, заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Зоран Коњановски истакна дека трите мерки ќе бидат директно имплементирани бидејќи за нив постои голем интерес од пелагониските, но и другите земјоделци во државата. - Во текот на минатата година направивме добра анализа, извршивме модификација на програмите и создадовме услови за апсорбирање на повеќе европски средства наспроти досегашните огласи и искористените околу 9 милиони евра од европските фондови. Оваа шанса треба да ја искористат потпелистерските села за развој на руралниот туризам, односно мали и средни претпријатија да градат објекти со капацитет до 30 соби и 50 легла и да придонесуваат за руралниот туризам, посочи Коњановски.
  
- На огласот може да учествуваат мали и средни претпријатија чиј број на вработени е до 200 лица, фирми за модернизација на млекарници, кланици или изградба на штали, потоа фирми што имаат намера да градат оранжерии или пластеници, што значи дека со низата преземени мерки очекуваме да се постигне подобар ефект и дека на овој оглас ќе има далеку поголем интерес, нагласи Коњановски.
 
На новинарско прашање во врска со откупот на пченицата од годинешната реколта и собирањето на лебното жито, заменик министерот Коњановски истакна дека во Република Македонија 90 отсто од жетвата е завршена, но има проблеми со откупот кој го вршат мелничарите.
 
- Според моите информации од терен, 90 насто од жетвата е завршена, а 40 насто од пченицата веќе се наоѓа во силосите. Тоа значи дека остануваат околу 40-50 насто од пченицата да биде откупена од мелничката индустрија. Ние како Влада направивме се за да ги заштитиме земјоделците, во еден момент бевме и критикувани затоа што воведовме една мерка која можеби не е најпопуларна во однос на одредени меѓународни аспекти, но сепак ние сме Влада која сака да ги заштити земјоделците и со низа мерки ќе стоиме зад нив. Исто така очекувам мелничарите да имаат многу по фер пристап кон земјоделците и за брзо време да ја откупат пченицата што не е откупена, одговори Коњановски.

ФОТО: Дневник

најчитано сега