Димовски: Фабриката за шински возила од Велес ќе се припои кон МЖ - Транспорт

Фабриката за шински возила од Велес ќе се припои кон МЖ - Транспорт со што ќе се надминат неколкудецениските проблеми, рече попладнево на 99. собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Реплицирајќи му на Марјанчо Николов од СДСМ кој предочи дека вработените од Фабриката и денеска штрајкуваат, барајќи си ги заостанатите 2,5 плати, но и натамошна редовна исплата на примањата, Димовски потенцира дека одлуката за припојување на Фабриката кон МЖ - Транспорт е веќе усвоена на владина седница, а ќе се реализира преку законски измени на следната собраниска седница, в понеделник, на 4 април.

- На следната собраниска седница, во понеделник, ќе има измени на закон со кои ќе се овозможи овие луѓе да добијат работа и сукцесивно, за краток временски период Фабриката за шински возила да се припои кон МЖ - Транспорт со што конечно, ќе се надминат неколкудецениските проблеми. Изработен е акциски план, се прави проценка и ревизија на вредноста на имотот, напомена Димовски.

Собранието во рамки на седницата ги донесе измените на Законот за заштита на природата, на Законот за управување со отпадот и на Законот за сигурност во железничкиот систем, сите по скратена постапка, но не ги усвои измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, за кои беше потребно двотретинско мнозинство.

 
 
29.03.2016 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега