Десетици бесплатни проекти од Владата - милионски заштеди за граѓаните

Десетици бесплатни проекти има воспоставено и тековно ги спроведува Владата. Проектите се спроведуваат во различни области и имаат широк опфат на населението.

Корисници на услугите од овие бесплатни проекти се припадници на различни општествени групи, како што се младите лица, возрасните граѓани, учениците, студентите, земјоделците, социјално ранливите лица.

Со реализацијата на ваков вид на проекти, Владата презема дел од трошоците на сопствена сметка и истовремено ги ослободува индивидуите и семејствата од трошоци на нивните буџети, кои порано ги имале, а денес со воведувањето на овие проекти веќе како трошок не постојат.

Доколку се направи груба пресметка на вкупниот опфат на граѓани кои ги користат придобивките на бесплатните проекти, се доаѓа до огромен опфат на граѓани кои користат некоја бесплатна поволност, помеѓу кои и околу 300.000 пензионери, 100.000 средношколци, околу 60.000 студенти,  стотина илјади земјоделци, над 150.000 семејства кои имаат деца кои учат во основни училишта.

Прецизна бројка на опфат не може да се утврди, имајќи во предвид дека одредени категории на бесплатни проекти и услуги како што се бесплатните проекти за куќи, бесплатните здравствени прегледи, бесплатните интернет клубови и едукации се наменети за целото население, односно немаат некое посериозно ограничување и зависат само од волјата и интенцијата на граѓанинот да ги искористи како можности.

Преку ваквите проекти се остваруваат заштеди на населението, односно заштедени средства кои остануваат во семејниот буџет и може да се искористат за други намени. Или пак доколку се направи едноставна пресметка, студентите кои користат бесплатен превоз на годишно ниво заштедуваат 200 евра, пензионерот заштедува приближно толку со бесплатната бања, семејството заштедува помеѓу 150-200 евра со бесплатниот одмор за децата, со бесплатните учебници се заштедуваат неколку илјади денари, со бесплатните курсеви за странски јазици и компјутери заштедите се помеѓу 100 и 200 евра, со бесплатниот железнички сообраќај се заштедуваат до 2000 денари месечно, исто и со бесплатните влезници во установите од областа на културата итн.

Но има и примери на големи заштеди како на пример со бесплатните студии на 100 најдобри универзитети каде што заштедата може да се мери со десетици илјади евра, или пак со бесплатните патувања за најдобрите студенти каде што заштедите се по неколку стотини евра.

-Основна цел на сите овие бесплатни проекти и мерки коишто ги воведуваме и реализираме е државата да покрие дел од трошоците, а граѓаните и семејствата коишто порано имале издатоци во однос на овие услуги, сега тие заштеди во средства да може да ги употребат за задоволување на други нивни потреби. Мерките се димензионирани да опфаќаат поголем број на општествени групи и согласно пресметките коишто се направени во изминатиот период населението по однос на сите овие мерки коишто ги финансира државата има остварено значителни заштеди. Од истите овие причини и во следниот период ќе се продолжи со реализација на овие мерки затоа што имаат добар број на корисници, но и ќе се разгледаат можностите во идниот период да бидат воведени и други од ваков вид коишто ќе значат дополнително олеснување на семејниот буџет, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Владата спроведува десетици вакви проекти. Меѓу најзначајните кои се наменети за пензионерите се бањско-климатска реакреација која ја искористија 32.632 корисници на пензија. Тука е и мерката за бесплатен туристички викенд за пензионери, која ја искористија 2.567 корисници на пензија. Пензионерите бесплатно се возат во автобус 4 дена во неделата- вторник, петок, сабота и недела. Над 40.000 пензионери го искористија и бесплатниот викенд за стари лица за превоз во железничкиот сообраќај.

 

Низа вакви проекти се наменети и за младите, меѓу кои : бесплатен викенд за млади луѓе до 27 години за превоз во железничкиот сообраќај ја искористиле вкупно 48.758 млади луѓе.

Бесплатен превоз за сите студенти секој четврток во месецот на жичарницата на Водно и железничкиот сообраќај во Република Македонија, а бесплатно можат да ги посетат театрите и музеите во Скопје и државата. Средношколска среда, бесплатна влезница за средношколците која се однесува на сите содржини кои се во продукција на установите од културата. Бесплатно студирање на студенти кои ќе успеат да се запишат на еден од најдобрите 100 универзитети во светот. Проектот за користење услуга за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик. Бесплатни учебници за сите ученици во основно и средно образование, за што досега се вложени повеќе од 40 милиони евра. Бесплатен превоз за учениците коишто посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Бесплатно патување за најдобрите студенти. Во Париз, Венеција и Барселона. Бесплатни спортски тренинзи за децата од социјално ранливи семејства во соработка со Кошаркарската, Фудбалската, Пливачката, Боречката и Карате-федерацијата на Македонија. Бесплатно средно образование

Во областа на домувањето исто така има значајни проекти. Бесплатни идејни решенија и основни проекти за 6 видови објекти за индивидуално домување, за изградба на куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 квадратни метри, како и бесплатна изработка на геодетски елаборат за социјално ранливите категории граѓани.

Во однос на едукацијата еве дел од бесплатните проекти: Интернет-киосци за бесплатен безжичен Интернет во руралните средини. Поставени се 680 WiFi киосци преку кои за 32.000 граѓани од 13 региони се обезбеди бесплатен Интернет преку безжична мрежа, бесплатни Интернет-клубови. во 28 општини во Република Македонија. Бесплатни основни ИТ-курсеви со кои се опфатени преку 50.000 граѓани. Бесплатни основни ИТ обуки и бесплатни обуки за изучување на странски јазик за млади до 29 години кои се невработени. Бесплатни стручни совети за земјоделците од страна на државната советодавна помош, а донесен е и закон за бесплатна правна помош во 2009 година, преку кој помош можат да добијат корисници од социјално ранливи категории.

Во областа на здравството воведени се бесплатна едукација и обуки на здравствени работници во странство, бесплатни петовалентни и шестовалентни вакцини, бесплатен мамографски скрининг за рано откривање карцином на дојка, бесплатна вакцина против хемофилус инфлуенца тип Б (ХИБ), бесплатни таблети фолна киселина и јод, бесплатни гинеколошки, микробиолошки прегледи, биохемиски анализи, бесплатно ин витро.

 
 
28.03.2016 - 15:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега