СМК: Македонија да ги прекине преговорите за името - државното име е идентитетот на нацијата
Македонија да ги прекине преговорите за името, оти државното име е идентитетот на нацијата. Промената на државното име е трајна промена на името на македонскиот народ и на македонскиот јазик, порача денеска Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, повторувајќи го нивниот став за името и додаде дека Македонија треба со нота да го извести генералниот секретар дека го продолжува членството во ОН под нејзиното државно име, затоа што ОН не дебатираат за името на државите бидејќи тоа е суверено право на сите држави членки на Светската организација.
- Ние поддржуваме секакви разговори за унапредување на односите меѓу двата народи и двете држави, но не и разговори за промена на уставното име на Македонија, вели Петров на денешната прес-конференција на СМК, Матицата на иселениците, Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“ и Сојузот на Македонците со исламска религија, а по повод претстојната Светска македонска средба во Трново која годинава ќе се одржи во знакот на 100 години од Балканските војни 1912-1913 и од Букурешкиот договор.
- Нерешни отворени прашања меѓу државите, било во ЕУ или надвор во ЕУ, ако постоеле ќе продолжат да постојат. По автоматизам прашањата ниту се елиминираат ниту се решаваат. Членството на Македонија во ЕУ го затвора просторот, меѓутоа анимозитетот и сегрегацијата не ги решаваат. И Бугарија стана членка на ЕУ, меѓутоа и Бугарија не признава постоење на Македонци, затоа што основата на тие држави од нивното формирање е во антимакедонизмот и антисемитизмот, појаснува Петров.
На новинарско прашање дали е можна ревизија на Букурешкиот договор од 1913 година кој претставува трагедија за македонскиот народ со последици до денес, Петров рече дека не постои суд каде тој може да биде поништен, но на 100 годишнината тие ќе декларираат дека за Македонците тој веќе не важи.
- Балканските војни за Македонија и Македонците се окупаторски, а земјите учеснички во војните, потписнички на Букурешкиот договор извршија окупација врз Македонија и геноцид врз македонскиот народ кој се’ уште трае. За Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, Букурешкиот договор повеќе не важи. Бараме права и слободи во земјите каде што живееме, извинување и репарации од владите на окупаторските земји, повикуваме на семакедонско помирување и обединување, репатријација и реституција, бараме враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни, се вели меѓудруготто во деклрацијата од овие здруженија.
Организаторите очекуваат на 2 август на празникот Илинден, на 42. Светска македонска средба, што традиционално се одржува во потпелистерското село Трново, битолско, да учествуваат Македонци од соседните држави и од дијаспората.
ФОТО: А1.он