Борче Давитковски си поднесува оставка
Поради неможноста да се усогласат заклучоците во извештајот за настаните од 24 декември, претседателот на Комисијата, Борче Давитковски, денеска изјави дека донел одлука да поднесе оставка.
- Комисијата е блокирана. Сакам да се повлечам од неа бидејќи фактички ги изгубив допирните точки од двете страни, така што мислам дека моето натамошно опстојување во неа е излишно. Разликите се многу големи. Мислам дека направивме прекрасен извештај, прекрасни препораки, дојдовме многу блиску до заеднички став, но едноставно пак се разидуваме, така што сакав да го информирам претседателот и евентуално да ме ослободи од оваа должност, рече Давитковски.
Од Кабинетот на претседателот го информирале дека ќе го прими, но без прецизен термин. - Се надевам дека можеби денеска, утре, подоцна, не знам, едноставно сакам да му ги образложам лично причините и да се повлечам од претседател на Комисијата, изјави Давитковски.
- Кога ќе се најдете во таков клинч од една страна ќе испеглате со едните, другите одат на ѓон, па бараат максималистички, па другите како одговор на максималистички па претходно негираат така што верувајте таква е ситуацијата да мора да се изнајде заедничко решение, рече Давитковски.
- Ако се согласат за правните квалификации, за препораките ако најдат заедничко решение јас веднаш со две раце би потпишал. Тоа беше и мојата идеја, да најдам некој разумен компромис или евентуално балансирани квалификации, балансирани препораки во интерес на државата, рече Давитковски.
Доколку двете страни се договорат и го потпишат извештајот и тој ќе застане зад него.
ФОТО: Дневник