Живко Јанкулоски: СДСМ нема да прифати избори се додека има низок рејтинг

 


„Опозицијата на чело со Зоран Заев и странски служби, нема да прифатат избори  или ќе бараат перманентно пролонгирање, се додека не постигнат повисок рејтинг од позицијата, а тоа во догледно време тешко дека ќе се случи.“ Вака претседателот на ПОДЕМ, Живко Јанкулоски, во интервју за Прес24, ја анализира актуелната политичка состојба во државата во контекст на прочистувањето на избирачкиот список, уставниот суд и медиумите.

Опозицијата, вели Јанкулоски води премногу проѕирна политика за бегство од избори предводена од невладините организации и нивните медиуми кои се обидуваат преку манипулации да наметнат одредени невистини, со цел да ги избегнат изборите на кои доколку излезат ќе се стави крај на политичката кариера на овие луѓе и  ќе доведе до распад на СДСМ.

-Доколку за опозицијата избирачкиот список е со многу фантомски гласачи и невалиден за одржување на изборен процес, тогаш зошто Зоран Заев сè уште седи на градоначалничката фотелја кога е избран со тој избирачки список и од тие т.н. „фантомски“ гласачи, вели за Прес 24, Јанкулоски, потенцирајќи дека ДИК сериозно треба да си ја сфати својата обврска.

- И да не создава вештачки дополнителни проблеми кои не се такви како што се прикажуваат и во најкраток можен период да ги завршат пречистувањата на избирачкиот список, за да се создадат услови за фер и демократски избори, вели Јанкулоски.

За ПОДЕМ, особено проблематично станува функционирањето на СЈО, кое се појасно е дека не е во состојба независно да ги расчисти сите дилеми со и околу прислушувањето.

-Сите очекувавме дека токму СЈО ќе допринесе да се разјаснат многу прашања, кои беа предмет на дискусија и во центарот на случувањата во Македонија. Но, морам да ви кажам дека не само јас, туку и граѓаните на Република Македонија се надевавме на многу повеќе, во расчистување на настанатата состојба, а имаме тотално разочарување и чувство како СЈО се продолжена рака на опозицијата и сите оние кои го организираа ова заложништво на граѓаните на РМ, вели во интервјуто за Прес24, претседателот на ПОДЕМ.

-Сведоци сме дека на различни социјални мрежи, секојдневно се појавуваат нови снимени материјали во зависност од актуелната ситуација или настан  во државата. Нормално би било на ваквите објавувања да реагира СЈО и МВР, но тоа го нема, а како да го има, како што претходно истакнав, СЈО е продолжена рака на лидерот на опозицијата, а техничкиот министер е секретар на нарачателот, вели во интерјву за Прес24, Живко Јанкулоски, претседател на ПОДЕМ.

ПРЕС24: Македонија веќе втора година е во перманентна политичка криза која иако се најавува дека треба да заврши со избори, тие беа пролонгирани. Дали опозицијата повторно крои сценарио за ново одлагање на изборите закажани за 5 јуни?

ЈАНКУЛОСКИ: Не можам да се согласам дека втора година Македонија е перманентно во политичка криза, туку вистината е дека Македонија е перманентно под притисок од опозицијата за да се организираат избори, почнувај ќи од одржувањто на предвремените избори во 2008 година, кога најпрво се обидоа да формираат ново парламентарно мнозинство, при што не успеа со тој план, па се отиде на предвремени избори.

Да потсетиме, резултатот беше тежок пораз на опозицијата, но и покрај тоа не застанаа, туку напротив само што се формира новата влада започнаа со организирање и барање на нови парламентарни избори.

Таквиот притисок придонесе да се организираат предвремени избори во 2011 година, а по катастрофалниот пораз со истото барање излегоа во 2014 година, при што го доживејаа  најтешкиот пораз во низата и единствен излез им беше непризнавањето на изборите,  две годишно бегање од избори,  соработка со странски служби, објавување на незаконски прислушкувани разговори и останати валкани игри,  со цел по секоја цена да дојдат на власт.

На крајот на Вашето прашање, можете да го претпоставите и мојот одговор, не само што воопшто не верував дека ќе има избори на 24 април, туку запишете, дека опозицијата на чело со Зоран Заев и странски служби, нема да прифатат избори  или ќе бараат перманентно пролонгирање, се додека не постигнат повисок рејтинг од позицијата, а тоа во догледно време тешко дека ќе се случи. Опозицијата води премногу проѕирна политика за бегство од избори предводена од невладините организации и нивните медиуми кои се обидуваат преку манипулации да наметнат одредени невистини, со цел да ги избегнат изборите на кои доколку излезат ќе се стави крај на политичката кариера на овие луѓе и  ќе доведе до распад на СДСМ.

ПРЕС24: Во моментов ДИК врши прочистување на избирачкиот список, но изминативе денови излегоа многу шпекулативни податоци со кои се тврди дека во избирачкиот список има фантомски гласачи. Дали проблемот кој се појавува со исти адреси за некои гласачи може да го искористи СДСМ како алиби за бегање од избори? И Дали оваа ситуација во јавноста е вештачки креирана за да создаде дополнителна недоверба во избирачкиот список?

ЈАНКУЛОСКИ: Ако внимателно се анализира работата ( неработењето ) на ДИК, ќе може да се извлече краток и многу јасен одговор, дека ДИК едноставно не си ја врши законската обврска која ја има прифатено да ја заврши за еден определен временски период, во услови на овозможена комплетна логистичка поддршка од страна на Владата на РМ.

На сите граѓани им е јасно дека во 90% од селата во Македонија нема уличен нумериран систем и дека сите се евидентирани на ББ така што и овој обид за манипулација на граѓаните излезе неуспешен.  Доколку за опозицијата избирачкиот список е со многу фантомски гласачи и невалиден за одржување на изборен процес, тогаш зошто Зоран Заев сè уште седи на градоначалничката фотелја кога е избран со тој избирачки список и од тие т.н. „фантомски“ гласачи.

Затоа, ние од ПОДЕМ и јас лично, порачуваме ДИК сериозно да си ја сфати својата обврска и да не создава вештачки дополнителни проблеми кои не се такви како што се прикажуваат и во најкраток можен период да ги завршат пречистувањата на избирачкиот список, за да се создадат услови за фер и демократски избори. Им порачуваме на опозицијата дека повеќе нема никакво алиби за барање на одложување на изборите на 5 јуни.

ПРЕС24: Се спомнуваат бројки од околу 150.000 гласачи како непостоечки, колку тоа е реално, а колку фикција на опозицијата?

ЈАНКУЛОСКИ:  Убеден сум дека не станува збор за толкава бројка на непостоечки гласачи, тоа е измислено од страна на опозицијата и како што кажав претходно, неуспешен обид за одложување на изборите од страна на опозицијата, закажани за 5 јуни. Исто така, сметам дека  премногу е несериозно да се изјавуваат вакви искази, ако се знае дека во пет изборни циклуси, претседателот на ДИК е од редовите на СДСМ и како не можеле да ги откријат непостоечките гласови. Но како и сите други обиди за создавање  нереална слика и ова ќе се докаже многу брзо, дека е само уште една неуспешна лага од опозицијата и од нивните „проевропски“ медиуми.

ПРЕС24: Дали во Македонија има услови за фер и демократски избори?

ЈАНКУЛОСКИ: Со оглед на фактот дека сите барања кои ги имаше опозицијата, а беа дефинирани во Пржинскиот договор се исполнети, секако очекувам за краток временски период да биде затворено и последното прашање со избирачкиот список, а ќе бидат овозможени услови за фер и демократски избори. Истовремено, ја повикувам опозицијата да престане со понатамошна опструкција за одложување на изборите, пред сè како приоритет да ги имаат  граѓаните на Република Македонија и конечно да ги ослободат од оваа напната и неизвесна ситуација, која трае предолго и во која токму граѓаните се  заложници на еден човек. Потребно е да се покаже големина и државност, а не предатство и опортунизам.

ПРЕС24: Анкетите покажуваат убедлива предност на власта наспроти опозицијата. Дали уште еден пораз на опозицијата на избори ќе значи конечно освестување и реформирање на сопствените редови?

ЈАНКУЛОСКИ: Најголемата причина за настанатата ситуација со барањето алиби за одложување на изборите се токму анкетите, кои покажуваат низок рејтинг на СДСМ, што гарантира голем дебакл, доколку излезат на избори. Не постои опозициска партија во светот, која не сака да излезе на избори. Ова дефинитивно се случува само кај нас и никаде на друго место. 

Сите анкети покажуваат убедлива предност на власта наспроти опозицијата што е резултат на ветените и реализираните проекти, подобрувањето на економската ситуација, намалувањето на невработеноста на рекордно ниво, грижата и проектите за младите, а наспроти ова од страна на опозицијата имаме аболициран лидер,  против кого се водат повеќе нови кривични постапки. Тие и со моменталното учество во власта, ништо не добиваат и со ништо не го подобруваат својот рејтинг, туку напротив сè се послаби.

Им порачувам, да ги засукаат ракавите и со вистински реформи во својата партија да се организираат и на некои од следните редовни избори да се надеваат на подобри резултати.

ПРЕС24:  Ако се направи анализа за последиците од оваа криза, пред сè врз економијата можеме ли да процениме колку време ќе биде потребно за нормализирање на политичката и на бизнис климата?

ЈАНКУЛОСКИ: Оваа криза има непроценлива штета врз економскиот развој на државата, а секој потенцијален инвеститор кој има најавено доаѓање во нашата држава, истото го одложува, се до евентуално стабилизирање на ситуацијата во државата. Слична е ситуацијата и кај домашните стопанственици, никој не се осмелува да започне или да планира иден развој на својата бизнис. Само со одржување на фер и демократски избори во Република Македонија ќе може да се очекува и стабилизирање на политичката и бизнис климата, но секако ќе ни треба време да се врати довербата и спокојот на граѓаните.

ПРЕС24:  Од договорот од Пржино произлезе специјалното јавно обвинителство. Неговата работа изминатиов период беше доста критикувана како пристрасна кон опозицијата. Како Вие ја оценувате работа на СЈО?

ЈАНКУЛОСКИ: Сите очекувавме дека токму СЈО ќе допринесе да се разјаснат многу прашања, кои беа предмет на дискусија и во центарот на случувањата во Македонија. Но, морам да ви кажам дека не само јас, туку и граѓаните на Република Македонија се надевавме на многу повеќе, во расчистување на настанатата состојба, а имаме тотално разочарување и чувство како СЈО се продолжена рака на опозицијата и сите оние кои го организираа ова заложништво на граѓаните на РМ. Сведоци бевме на многу изречени небулози , на многу т.н бомби, како за позоцијата, исто така и за опозицијата. А што видовме? Видовме само реализација на опозоциони желби, со цел граѓаните да  стекнат перцепција за власта дека таа е виновна за настанатата ситуација, преку подготвување клевети и  притвори. Сведоци бевме на режирани опозициски нарачки и отворена соработка со лидерот на опозицијата. Искрено веќе не очекувам ништо спектакуларно да се случува од она што ќе го сработи СЈО во наредниов период, едноставно ќе продолжи и понатаму пристрасноста, ќе се појават најверојатно нови случаи како и претходните, сето тоа ќе се случува се до 5 јуни и со тоа ќе се заврши нивната мисија.

ПРЕС24: Она на што многумина предупредуваа додека лидерот на СДСМ ги објавуваше бомбите почна да се остварува. Во јавноста веќе се појавија нови прислушувани телефонски разговори, што пак ја доведува во прашање сигурноста и приватноста на граѓаните. Интересно е што специјалното јавно обвинителство и МВР не реагираат на овој случај?

ЈАНКУЛОСКИ:  Со објавувањето на бомбите сме единствена држава на која и се случило вакво нешто. Морам за ова да ја искритикувам и власта како дозволи толку долг период на неоткривање на прислушувањето на домашни и странски служби, а потоа и на некој начин одобрување, поседување и објавување на тој прислушкуван материјал.

Замислете, кој било граѓанин на РМ доколку си дозволи да ве прислушкува, веднаш ќе биде осуден, а тука се случија толку многу снимени разговори, што дури имам чувство дека не постои граѓанин кој не е прислушкуван и на кој му се нема навлезено во неговиот приватен и интимен живот. До денес се објавени веќе познатите бомби, а никој не може да предвиди што понатаму ќе се објави  и за која личност ќе се објавува. Имам чувство дека овој материјал го поседуваат многу лица, дека е премногу размножен, при што невозможно е да се каже дека повеќе нема да биде дистрибуиран во јавноста. Сведоци сме дека на различни социјални мрежи, секојдневно се појавуваат нови снимени материјали во зависност од актуелната ситуација или настан  во државата. Нормално би било на ваквите објавувања да реагира СЈО и МВР, но тоа го нема, а како да го има, како што претходно истакнав, СЈО е продолжена рака на лидерот на опозицијата, а техничкиот министер е секретар на нарачателот.

ПРЕС24: Дали во Македонија може да се случи рекетот и уцените со вакви разговори да станат секојдневен кошмар за бизнисмени, политичари, јавни личности, а можеби и обични граѓани?

ЈАНКУЛОСКИ: Токму тоа и сакав да го истакнам, дека овие снимени разговори кои како што можеме да видиме, се дадени на располагање кај многу други лица, при што нормално е да се очекува во нареден период да имаме уцени на јавни личности, политичари, бизнисмени и на секоја друга личност која ќе им застане на патот. Тешко можат да бидат ставени под контрола кога се толку многу распространети. Ова е страшна работа која не смееше да се случи или кога веќе се случи веднаш требаше да биде спречено појавувањето во јавност, а сите учесници да бидат најстрого казнети за еден ваков предавнички чин.

ПРЕС24:  Изминативе недели Уставниот суд е под постојан притисок. На протести излезе и СДСМ. Како го оценувате овој чекор и  дали СДСМ ја помина црвената линија со тоа што организираше и учествуваше на протести против суд каков што е Уставниот суд?

 

ЈАНКУЛОСКИ:  Уставниот суд е орган кој ја штити уставноста и законитоста во Република Македонија, во таа насока претставува гаранција за остварување на човековите права во земјата. Основните атрибути на судскиот систем се самостојноста и независноста , организирањето на протестите како начин на вршење притисок од страна на опозицијата , директно влијае врз независноста и објективноста во одлучувањето на Уставниот суд и секако може да се смета за нарушување на целокупниот уставен поредок.

 
 
21.03.2016 - 11:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега