Иван Мирчевски: Нема да има законски измени без ММА
Македонската медиумска асоцијација, составена од петте национални телевизии, Алфа, Алсат-М, Телма, Канал 5 и Сител, цврсто е решена да не дозволи какви било законски измени, без нивна согласност. Иван Мирчевски, директор на Канал5 Телевизија, и член на ММА, во интервју за Прес24, вели дека до петок чекаат одговор на последното барање испратено од ММА до партиите и до Владата.
-Ние само сме се уште „фини и културни“ со партиите, па на љубезен начин им објаснуваме дека не може да преговараат за нас без нас!, вели за Прес24, Мирчевски потенцирајќи дека асоцијацијата има и План Б.
-Да објаснам дека нема проблем во медиумската сфера, партиите не преговараат за закон за медиуми, туку очигледно преговараат за Закон за Национални Телевизии или поконкретно - за Закон за Уредувачката политика на информативните редакции, вели Мирчевски во Интервјуто.
Потенцира дека партиите имаат непознавања од функционирањето на телевизиите и затоа решенијата кои се носат се на штета на медиумите и затоа смета дека ММА мора да биде дел од овој процес.
-Ги оставивме да интервенираат во Изборниот законик и партиите си изгласа, нормално без да не прашаат, цели 18 минути политички маркетинг во еден реален час! Страшно! Тоа значи дека покрај тие минути, ние имаме и 12 минути за нашите реклами и 5 минути за промо, и на крај ќе добиеме ваква ситуација – ако сакаме да емитуваме еден филм од 100 минути, тој со сите овие рекламни блокови ќе трае 4 часа или 240 минути! Токму поради ова нивно не знаење бараме да присуствуваме на нивните средби и да им објасниме зошто нивните досегашни идеи се катастрофални по нас и нашата работа. Ние ќе чекаме на некаква реакција уште малку, па потоа одиме по планот Б, вели Иван Мирчевски во интервјуто за Прес24.
ПРЕС24: Македонската медиумска асоцијација неколку пати повикува политичките партии да ги прифатат Вашите предлози како дел од процесот на реформа во медиумската сфера, но се чини дека ова е како повик во ветар?
МИРЧЕВСКИ: Во Ноември 2014 година формирана е најмоќната медиумска асоцијација на овие простори како резултат на потребата нашиот телевизиски еснаф да си ги оствари правата и на некој начин да биде заштитен од бесмислени барања на некои структури. Како пример би го посочил тврдењето што во изминатиов период е актуелно, дека во Европа речиси нигде нема случај на т.н. владини реклами , што е крајно погрешно, а при тоа тие што го бараат тоа забораваат дека треба да добијат плата од тие на кои им се „мешаат во бизнисот“.
Велам најмоќна од проста причина што во нејзе членуваат менаџерските тимови на сите 5 национални терестријални телевизии, нешто што е незабележано на овие балкански простори но и пошироко. Замислете колку ни беше тешко, 5 телевизии, секоја со различна уредувачка политика на информативната програма, со различен концепт, визија, гледаност, влијание, па ако сакате и перцепција кај гледалиштето да седнеме, да се погледнеме во очи и да се обединиме. Тоа беше ѓаволски тешка задача. Но кога видовме колку заеднички проблеми и „непријатели“ имаме, бевме едногласни: Телма, Алсат-М, Алфа, Сител и Канал 5 се и ќе бидат главните играчи на овој пазар, а тоа впрочем го потврдуваат рејтинзите и влијанието.
Изминатава година и половина , како сме заедно, станавме поблиски, почнавме многу повеќе да соработуваме, си помагаме и се дружиме многу често. Имаме работни состаноци најмалку 3-4 пати месечно, но во последниве месеци можеби и двапати неделно.
Позади нашата асоцијација не стојат ниту странски фондови, ниту домашни донации – сами се финансираме и сакаме така да остане. Токму оваа независност ја прави асоцијацијата сериозно кредибилна и моќна.
Дали сега навистина мислите дека нашиот повик е како во ветер? Не би рекол, ние само сме се уште „фини и културни“ со партиите, па на љубезен начин им објаснуваме дека не може да преговараат за нас без нас!
ПРЕС24: Последниот апел на ММА беше со назнака „ургентно“. Побаравте и Владата да ги достави предлозите до Собранието, но сепак реакции изостануваат. Има ли ММА модалитет како да ги натера партиите да ги разберат потребите на телевизиите?
МИРЧЕВСКИ: Точно е, упативме барање до Владата , за ургентно решавање и прифаќање на нашите принципиелни забелешки на актуелниот Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и свикување на итна собраниска седница, и чекаме на одговор до Петок.
Ние не сакаме да ги „тераме“ партиите затоа што нам ни се ќефнално, туку затоа што очигледно не ја знаат оваа сфера. Ги оставивме да интервенираат во Изборниот законик и партиите си изгласа, нормално без да не прашаат, цели 18 минути политички маркетинг во еден реален час! Страшно! Тоа значи дека покрај тие минути, ние имаме и 12 минути за нашите реклами и 5 минути за промо, и на крај ќе добиеме ваква ситуација – ако сакаме да емитуваме еден филм од 100 минути, тој со сите овие рекламни блокови ќе трае 4 часа или 240 минути!
Токму поради ова нивно не знаење бараме да присуствуваме на нивните средби и да им објасниме зошто нивните досегашни идеи се катастрофални по нас и нашата работа. Ние ќе чекаме на некаква реакција уште малку, па потоа одиме по планот Б.
ПРЕС24: Што доколку Вашите предлози останата само предлози?
МИРЧЕВСКИ: Ќе се бориме и понатаму, но мислам дека никој не може да одбие принципиелни, еснафски предлози какви што се нашите. Нашиот потпретседател , Саки, пред неколку недели тоа убаво го кажа пред камерите – доколку се оглушите, го задржуваме нашето право на протест, секој на свој начин!
ПРЕС24: Што е она што ММА, го нуди како измени и како тие ќе влијаат на решавањето на проблемите во медиумската сфера?
МИРЧЕВСКИ: Прво да објаснам дека нема проблем во медиумската сфера, партиите не преговараат за закон за медиуми, туку очигледно преговараат за Закон за Национални Телевизии или поконкретно - за Закон за Уредувачката политика на информативните редакции.
Би сакал да потенцирам дека нашите предлози нудат праведно решение за Агенцијата за Медиуми, во делот на деполитизација на Советот, и за круцијалните елементи од овој закон, кој е пракса секаде во Европа – ниски казни за прекршоци, ургентно решавање на авторските права кај кабелските оператори , решавање на наметнатите високи квоти за домашна продукција.
Не може со закон и драконски високи казни, и на кантар мерени, да се уредуваат вестите и новинарските прилози –да си го заборават веднаш сите оние кои го заговараат тоа! Овој дел може и мора да се уреди конечно со етички кодекси и саморегулација, точка.
ПРЕС24: Дали тоа се единствените проблеми со кои се соочуваат македонските медиуми?
МИРЧЕВСКИ: Не, има уште многу други, но ова се главните и ургентните кои мораат сега и веднаш да се решат! Нашата борба за средување на условите за работа ќе продолжи и по 24ти Април 2016 год.
ПРЕС24: За разлика од барањата на ММА, во јавноста актуелни се предлозите кои доаѓаат од партиите. Последниот таков предлог е на СДСМ, кој во јавноста беше доживеан како скандалозен. Кој е Вашиот став за тие предлози?
МИРЧЕВСКИ: Како сериозна асоцијација, се договоривме да не ги коментираме предлозите кои доаѓаат од партиите, така да и јас ќе се придржувам до тој договор. Претпоставувам дека нашиот писмен допис до јавноста и Владата на РМ наредниот ден, јасно зборува што мислиме за досегашните предлози.
ПРЕС24: Македонската асоцијација на новинари предлага кодекс за известување за време на изборите. Дали тоа може да биде задоволително решение?
МИРЧЕВСКИ: Може сериозно да помогне во овој момент и тоа го гледаме не како бајпас , туку како едно постојано решение. ММА сака да поддржи секакви иницијативи кои можат да помогнат во оваа рашомонијада.
ПРЕС24: Како ја оценувате улогата на ЗНМ во овој процес?
МИРЧЕВСКИ: ММА има сериозни забелешки на делувањето на ЗНМ не само сега туку во последниве 18 месеци, особено во однос на нивното мешање во делови кои ниту ги познаваат ниту ги разбираат – маркетинг, односно пари од јавни кампањи. А види чудо, воопшто не ги интересира тоа што порталите шират зла крв, пиратираат, крадат текстови и материјали...тоа не го гледаат, но затоа пак се фатиле за т.н. владини кампањи.
Кога ќе заврши ова лудило, ММА сигурно ќе почне да се занимава и со овој проблем, ќе видиме како и со кое здружение на новинари ќе соработуваме и под кои услови.
Добро е што се појави МАН, и нормално ние, ММА, за да конечно се слушнат пред се и други идеи и да се среди овој хаос.
ПРЕС24: Како Вие гледате на состојбата со медиумите во Македонија. И дали пресудно за тоа дали некоја партија ќе победи или не на избори се медиумите?
МИРЧЕВСКИ: Според мене не е пресудно. Сепак, мислам дека бев доволно јасен дека како ММА имаме принципиелен став да не коментираме работење и ставови на политички партии. Нашата задача, која ја преточивме во предлог измени на Законот, е пред се еснафска и крајно професионално-логична, се со цел заштита и унапредување на сферата на нашето секојдневно работење и опстојување.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа