Осум тинејџери од Македонија дел од филмскиот фестивал „Џифони“ во Италија
Осум тинејџери од Македонија ќе бидат дел од меѓународното жири на најголемиот и најстар филмски фестивал за деца во светот „Џифони експириенс“ во Италија, од 18-ти до 28 јули.
На „Џифони“ секоја година гостуваат познати филмски автори, а оваа младиот американски актер Логан Лерман и италијанскиот режисер Марко Белокио.
Шесте девојчиња и двете момчиња кои ќе отпатуваат во малото место Џифони на југот на Италија ќе бидат сместени во семејства. Тие денеска на прес-конференција истакнаа дека се среќни за претстојното искуство и што ќе имаат можност и да ја претстават својата земја.
Директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески рече дека во рамки на фестивалот, на 23 јули ќе биде организиран „Македонски ден на Џифони“, со проекција на пет кратки македонски филмови („Бардо“, „Девојчето со кибритчињата“, „Синот“, „Образ“ и „Жарче“), изложба на триесетина фотографии од Македонија, вечерен настап на групата „Фолтин“ и дегустација на македонско вино, сирење, ајвар и слатко.
- На 30 мај во Скопје е потпишана тригодишна спогодба помеѓу Филмскиот фонд на РМ и „Џифони експириенс“, со која се предвидува италијанската страна да вложи 74.000 евра за развој на фестивалот „Џифони Македонија“ како регионален фестивал за деца и млади, рече Башески.
Филмскиот фестивал „Џифони“ е бренд што Италија го гради 43 години и е високорангиран меѓу нејзините културни производи. Соработува со локални фестивали низ светот, а некои од нив целосно го преземаат брендот и плаќаат за него. Македонија е меѓу ретките земји кои го добија бесплатно.