Владините проекти – двигатели на градежништвото

Владините проекти „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ ќе бидат главните двигатели на градежништвото. Едниот веќе оперативен, другиот во најава, ќе внесат нов импулс во градежништвото и другите гранки поврзани со него, пишува Лидер.мк.

-Сметам дека проектот „Купи куќа за млади“ е од национален интерес за Република Македонија. Очекувам да има експанзија во делот на изградба на куќи. Градежништвото е гранка поврзана со уште 26 други гранки, се работи за добавувачи и за поизведувачи, за дејности како продажба на материјали, на мебел, буквално за сè што треба да има во домаќинството. Очекувам нов бум во овие сектори – вели првиот човек на Градежната комора, Роберт Хот.

На иста линија е и претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска. Бизнис – секторот очекува нов инвестициски циклус.

-Треба да се стремиме, градежништвото да не се развива само со инфраструктурните проекти, туку и преку зголемување на личната потрошувачка, што ќе им овозможи на граѓаните да си го решат станбеното прашање, вели Арсовска.

Растот на градежништвото е една од зацртаните цели на Владата.

-На овој начин ставаме фокус на дополнителна поддршка на градежништвото и на градежните компании во Македонија, што ќе придонесе за нивна поголема профитабилност и за отворање нови работни места во градежниот сектор, вели премиерот Груевски.

Граѓаните го решаваат станбеното прашање

Преку проектот „Купи куќа, купи стан“ досега се доделени субвенции за станбен кредит во износ од 4,7 милиони евра. Речиси 730 семејства се стекнаа со свој, сопствен дом.

-Проектот резултираше со раздвижување на пазарот, со зголемување на финансиско – економскиот обрт и со поголема побарувачка на станови, од што позитивни придобивки имаат сите, граѓаните, инвеститорите, производителите на градежни материјали, оценува првиот човек на Адора, Ванчо Чифлиганец.

Паѓаат каматите и цената на квадратот!

За граѓаните проектот значи решение за станбеното прашање. Проектот повлече намалување на цената на станбениот квадрат, но и пад на каматите на стабените кредити. Во последниве години, цената на станбениот квадрат е пониска за околу 100 евра, а станбените кредити за само една година пораснаа за 73 милиони евра, што е рекорден раст од над 18 проценти.

-Кога каматните стапки паѓаат и се ниски, економските субјекти инвестираат во недвижности или во акции и на тој план гледаме придвижување во купување недвижнини од страна на македонските граѓани. Моментално каматните стапки за станбените кредити се едни од најповолните во поновата историја на Република Македонија, вели првиот човек на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев.

Што нуди „Купи куќа, купи стан“?

Проектот „Купи куќа, купи стан“ е атрактивен, а тоа се должи на поволните каматни стапки и услови. Предвидени се два модела, првиот се однесува за ратата, вториот за учеството.

Кај првиот модел на рата, Владата за изградба или купување куќа покрива 75% од месечната рата (главница + камата) и тоа во првите 5 години од отплатата на кредитот, кога е и најтешко да се застане на нозе. За стан, се покрива половина од месечната рата за истиот период. Субвенционираната камата изнесува 3,95% во првите 3 години и 4,44% во четвртата и петтата година од отплатата.

Вториот модел е помош околу учеството. Владата плаќа 75% од учеството за изградба или купување куќа, за стан покрива половина од учеството. Каматата за станбениот кредит исто така е субвенционирана и изнесува ЕУРИБОР + 4,5% во текот на периодот на отплатата.

„Оние кои имаат заштедено одреден износ и влегуваат во инвестицијата со поголемо учество се решаваат за моделот половина рата, бидејќи им се олеснува враќањето на кредитот во следните 5 години. Оние кои немаат поголема заштеда одат на моделот субвенционирано учество“ – објаснува  банкарката Маја Палчевска.

Што нуди „Купи куќа за млади“?

Премиерот Груевски неделава го лансираше новиот проект „Купи куќа за млади“, вицепремиерот Ставрески ја направи пресметката. Парите се обезбедени. Ќе им се излезе во пресрет на сите млади луѓе до 35 години кои се уште не го решиле прашањето на домување.

„Ова е доказ дека некој се грижи за младите во оваа држава, ова е можност да почнат да го живеат својот сон“

„Одличен проект, овозможува решавање на животното прашање“ – се само дел од позитивните коментари на јавноста за новиот проект.

Повторно се оди на два модела: субвенционирана рата или покривање на учеството. Со првиот модел, за кредит до 20 години во максимален износ од 50 илјади евра, државата ќе ја субвенционира ратата цели 11 години, во првите осум години – државата ќе покрие 80% од ратата, во другите три години – 50%. Можноста да се заштеди преку овој проект е фантастични 33 илјади евра, а каматите се исти како и кај „Купи куќа, купи стан“.

Вториот модел е субвенционирано учество, државата покрива 100%, односно 12.500 евра државна субвенција за кредит од 50 илјади евра. Каматата е фиксна, 4,5% + месечен еурибор.

-Во случај младите да го одберат првиот модел, за рата од 200 евра во која влегуваат и главнината и каматата, Владата ќе плаќа 160 евра, а корисникот на кредитот 40 евра во првите осум години од кредитот, а во наредните три години, субвенцијата месечно ќе изнесува 100 евра, а исто толку ќе биде и износот на кредитобарателот. Младите што ќе го одберат моделот наречен „учество“  ќе добијат 100 процентна субвенција на учеството за кредитот, односно максимум до 12.500 евра ако го користат максималниот износ за субвенционирање на кредит до 50.000 евра, вели премиерот Груевски.

 
 
19.12.2015 - 10:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега