Се спроведуваат процедурите за проектите за средношколците и студентите

Владата на Република Македонија во својот примарен фокус ги има младите лица. Со години се спроведуваат низа проекти наменети за нив, а најнови во низата се мерките за повеќе добробити за средношколците и студентите. Процедурите за нивна реализација веќе се спроведуваат.

Бесплатен градски превоз за студентите и дополнителни поволности за средношколците се дел проектите кои ги најави премиерот Никола Груевски во своето обраќање на свечената академија по повод празникот Свети Климент Охридски. Новите два проекта се дел од 100-те мерки за младите и за образованието кои ги спроведува Владата.

Портпаролот на македонската Влада, Александар Ѓорѓиев потенцира дека проектите се подготвени и систематизирани на начин на кој што ги најави премиерот и на ист начин ќе бидат реализирани.

-Институциите на централно и локално ниво имаат во најголем дел подготвено планови и процедури за имплементација на овие проекти, а во следниот проект останува да се допрецизираат мали модалитети околу конкретната меѓусебна соработка на органите на централната и локалната власт, за потоа ние да информираме за конкретните правци и процедури за користење на ова право од страна на студентите и средношколците, во смисла на тоа- начинот на аплицирање, рокот за аплицирање за добивање на бесплатниот билет, начинот за користење на правото за бесплатна посета на културно-уметнички манифестации и останати аспекти кои имаат врска со овие проекти, изјави Ѓорѓиев.

Од 2016 година бесплатен превоз за студентите

-Првиот проект кој сакам да го објавам и кој се однесува на студентите, е проектот бесплатен превоз за студентите. Започнувајќи од 1 јануари 2016 година, и со цел грижа за повисок студентски стандард, на сите редовни студенти на државните универзитети ќе им биде овозможен бесплатен превоз во јавниот градски сообраќај, односно во јавниот автобуски превоз во Скопје и во другите градови каде што има организиран јавен автобуски превоз. Сите редовни студенти од државните универзитети ќе можат да користат бесплатен јавен градски превоз секој ден во неделата, на сите линии. Со оваа мерка е предвидено на сите редовни студенти од државните универзитети да им се доделат картички од ЈСП Скопје и другите јавни претпријатија во градовите каде што има јавен автобуски превоз, со цел да можат бесплатно да ја користат услугата на јавните сообраќајни претпријатија. Владата со цел да се имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа, истакна Груевски.

Средношколците ќе добијат бесплатни билети за железницата, театрите, кината и музеите- проектите за младите ќе продолжат

Вториот проект е наменет за средношколците и исто така започнува со важност од 1 јануари 2016 година. Преку овој проект наречен „Средношколска среда“ секоја среда на сите средношколци, ќе им се овозможи бесплатен превоз на жичарницата на Водно и со железничкиот сообраќај во Република Македонија, како и бесплатни билети за театрите, музеите и кината во државата.

-Верувам дека ќе придонесат за интересот на овие категории и ќе обезбедат дополнителна вредност во тие полиња. Овие два проекта се дел од една поширока палета од 100 мерки и проекти кои се наменети за младите и за образованието како составен дел од младинскиот живот, и кои во идниот период ќе бидат објавувани од страна на нашата политичка гарнитура, проекти и мерки на кои сериозно работевме подолг период, и тоа од страна на стручни лица, но пред се како резултат на добиени идеи од страна на младите лица кои се најмногу засегнати од младинските предизвици и најдобро ги чувствуваат младинските потреби, и како резултат на тоа имаат најдобри решенија за истите, изјави премиерот Груевски.

Масовна поддршка за владините проекти за младите

Овие мерки со огромно задоволство беа примени од јавноста. Студентите кои не треба да плаќаат месечен билет, на годишно ниво ќе заштедат околу 200 евра кои можат да ги пренаменат за други потреби.  Средношколците, пак, бесплатно ќе можат да уживаат во низа добробити, културни манифестации и забава.

Ова се само мал дел од проектите на Владата наменети за младата генерација. Граѓаните коментираат дека помошта за младите лица со овие мерки е голема и додаваат дека истите претставуват големо растеретување на буџетот на студентите и средношколците.

Mерката е подеднакво поздравена и од студентите и од родителите, бидејќи со тоа ќе им се олесни студирањето и ќе се намалат трошоците. Во дел од коментарите студентите велат:

-Ми се допаѓа тоа што ќе имаме бесплатен превоз и навистина е добро што премиерот го обезбеди тоа за да ние можеме да одиме бесплатно на факултет. Да, ми се допаѓа идејата и предлогот.

-Тоа е добра новина. Јас сум студент според мене и за мене е ок. Супер е, затоа што имаме трошоци и од нивна страна е коректно.

-Добро е, се согласувам со тоа и така треба да биде.

Студентите велат дека се задоволни од новата владина мерка, која според нив ќе значи повисок студентски стандард.

-Ова значи дека нема да трошиме толку пари за превоз. Мислам дека ова го има и во други земји, мислам дека е добро за развојот на образованието, вели Бојан Х,. студент на УКИМ.

-Идејата е одлична и многу ќе ни помогне, ќе го подигне стандардот, ќе се олесни транспортот, вели студентка од Велес.

-Може некој ќе рече дека не се големи пари ама за нас се големи, со правилна распределба ќе можат да се покријат дел од трошоците, вели Александар С. од Скопје.

На иста линија се и средношколците, сметаат дека со проектот „Средношколска среда“ ќе се поттикне културниот дух кај младите.

„Ова е одличен проект, сметам дека културните институции треба да ги отворат вратите за младата публика, да ги привлечат“

„Сметам дека ќе има голем интерес, особено за на кино“

„Добар е проектот, може ќе добиеме и уште некој ден“ – велат средношколците.

Новите два проекта се дел од 100-те мерки за младите и за образованието кои ги спроведува Владата.

 
 
09.12.2015 - 21:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега