Костадиновски: Проценката на тутунот реална, просечната цена 177 денари

Откупот на тутунот се одвива во најдобар ред и досега е постината просечна цена од 177 денари. Најголем дел од производителите се задоволни со реалното вреднување на квалитетот и на класите, рече заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски по денешната посета на откупните пунктови на Сокотаб и на Тутунскиот комбинат во Прилеп.

Костадиновски нагласи дека земјоделскиот инспекторат го следи откупот и повика секоја неправилност веднаш да се пријави. Владата ги подготви и субвенциите за исплата по завршувањето на откупот.

- Досега, просечната откупна цена е околу три евра по килограм тутун. Во наредниот период цената може да се зголеми, зашто сега се носат првите, пониски класи. Уште еднаш ги повикуваме откупувачите реално да го ценат тутунот, зашто инспекоратот со зајакнати тимови будно ќе ја следи ситуацијата на теренот. Битно е навреме да се отворат и сите откупни места и релно да се откупи тутунот, реално да се процени и побрзо тутунопроизводителите да си ги добијат субвенциите за произведените 22.000 до 23 000 тони, посочи заменик-министерот.

Околу 23 милиони евра се предвидени со програмата за поддршка, но, Владата, како што нагласи Костадиновски, не застанува тука. Постојано ќе биде во комуникација со земјоделците и доколку има проблем, ќе реагира навреме за да бидат задоволни земјоделците и да биде откупот во најдобар ред.

Според Костадиновски, изминатите четири години во Прилеп и во Кривогаштани на тутунарите им се исплатени вкупно 1,8 милијарди денари или 30 милиони евра се слеани на сметките на земјоделците.

- Секоја година се одвојуваат средства за поддршка на сите 29.000 тутунари, за тие нормално и достоинствено да егзистираат од производството на тутун, рече заменик-министерот.

Директорот на Земјоделскиот инспекторат Цветан Трипуновски кој беше во придружба на Костадиновски, информира дека од 145 моментно се отворени 67 пунктови во Македонија.

- Од деветте откупни компании, засега шест се подготвени да откупуваат. Инспекторатот будно ја следи состојбата и ќе реагира ако утврди какви било неправилности, изјави Трипуновски.

Според Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, нема проблеми во досегашниот откуп, а проценката е реална процена.

Генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат Александар Дерменџиев, пак, истакна дека нивните кооперанти во рок од седум дена по преземањето на родот ќе си ги земат парите. - Освен градскиот, деновиве ќе ги отвориме и 13-те пункта во населените места и ќе се зголеми интензитетот на откупот. Пари има за исплата и наместо до 30 дена, тутунарите-кооперанти парите ќе си ги добијат во за седум дена од преземањето на родот, информира Дерменџиев.

Заменик-министерот за земјоделство Костадиновски по Прилеп, продолжи на средба со земјоделците од Кривогаштанско.

 
 
09.12.2015 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега