Попоски: Македонија не е посебен случај во однос на билатералните прашања

Прашања за внатрешната инклузија и за соседските односи преовладуваа на денешната дебата на 13. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија на кој присуствуваше и одговараше на прашања шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Хрватската пратеничка Марјана Петир истакна дека Македонија треба да ги отвори преговорите и оти билатералниот спор за името треба да продолжи да се решава паралелно со процесот на ускладување со европското законодавство. Таа воедно обвини дека Европската унија и НАТО имаат двојни стандарди кога се во прашање Србија и Турција.

- Отворањето на преговорите секако ќе ги поттикнат македонските власти да вложат напори во исполнување на сите критериуми за Македонија да му се придружи на европското семејство на кое му припаѓа, рече Петир и праша што треба да направи Парламентот за да и помогне на Македонија во евроинтеграциите.

Грчката европратеничка Марија Спираки рече дека како држава ја поддржуваат евроинтеграцијата на целиот регион. Според неа, ова е приод да се направи исчекор за името и ги повтори грчките црвени линиии за име прифатливо за двете страни за севкупна употреба. Таа со критики во однос на поставувањето ограда на јужната граница и третманот на бегалците во однос на тоа дали доаѓаат од кризните региони или се економски мигранти.

Европратеникот од Бугарија Андреј Ковачев зборувајќи за добрососедските односи укажа на значењето за надминување на некои несогласувања во однос на историјата.  

Министерот Попоски одговарајќи на прашањата истакна дека во Македонија не може да се доведе во прашање мотивираноста за реформи со посочените предизвици во Извештајот на ЕК.

 - Сосем спротивно, во Македонија одамна сме во фаза во која правиме реформи или прифаќаме нешто што е во корист на нашите граѓани, а не затоа што тоа го очекува Брисел, рече Попоски.

Во однос на доборососедството нагласи дека Македонија нема привилегирани односи со кого било од соседите.

- Македонија е добар пример за тоа како земја во прилично деликатна ситуација во регион исполнет со предизвици има можеби најдобри билатерални односи. Дајте ни пример на две други земји во Балканот било да се во ЕУ или надвор од Унијата кои имаат помал број отворени прашања со некои од своите соседи. Да не креваме илузии дека Македонија е некаков посебен случај и дека ние треба да ги надминуваме сите билатерални предизвици, а дека сите други се одлични. На Балканот речиси секои  две земји кои ќе ги земете ќе видите дека имаат прилично содржајна листа на билатерални прашања кои треба да ги надминуваат. Разликата е во тоа начинот на кои ги надминуваат, нагласи Попоски.

Дистинкцијата која, вели, ја направивме условно речено меѓу сегашните земји членки на ЕУ и оние кои се во нашата група односно имаат аспирации  е пред се практична.

- Ние нема да почнеме преговори со ЕУ додека не ги усреќиме сите земји членки на ЕУ на ниво на кое ние би го прифатиле тоа, бидејќи секоја друга алтернатива би значела дека би ги влошиле билатералните односи. И тука веројатно земјите членки кои се во нашето соседство имаат и поголемо ниво на одговорност затоа што факт е дека кога сте во ЕУ имате позиција на сила да поставувате услови. Но, од друга страна треба да го ставите тоа на вага колку е фер и принципиелно и колку би сакале тоа да ви го направат вам некој друг, а тука одговорот треба да ни е на сите јасен, рече Попоски.

Во однос на спорот за името, Попоски истакна дека Македонија има направено многу сериозни отстапки со цел да добие гаранции дека Грција нема да не блокира за влез во ЕУ и НАТО. Тој потсети  на одлуката на Меѓународниот суд на правдата дека Грција со своето однесување го прекршила меѓународно правно - воспоставениот однос  меѓу нашите земји.

За правата на малцинствата истакна дека најдобро е доколку секој во својот двор гледа да применува стандарди кои се општо прифатени и кои целат кон тоа никој да не се чувствува дека му е нарушено правото. - Тоа што би не охрабрило нас е доколку видиме дека тежнееме кон исти стандарди за сите, порача Попоски.

Во контекст на третманот на бегалците посочи оти Македонија покажа дека една мала земја со ограничени ресурси и без сериозна помош од надвор обезбеди хуман и безбеден третман на мигрантите во рамки на еден европски мигрантски коридор. Земјата, додаде, само ги следи препораките на ЕУ.

- Македонија не е земјата која има капацитет да го реши целиот овој проблем и затоа би повикал да се вратиме на основните принципи дека цела Европа треба да реагира. Треба да се признае дека Македонија во вака сложени услови даде вонсериски резултат како се справи со оваа криза. Ние сме одлучни да продолжиме така и во тој правец ќе соработуваме и со Грција и со Србија и со другите земји кои се главна дестинација на мигарнтите, рече министерот Попоски.

Состанокот 13-ти по ред на Мешовитиот парламентарен комитет заврши попладнево со заклучоци кои беа презентирани на прес-конференција од страна на копретседавачите Кенан Хасипи и Алојз Петерле.

 
 
04.12.2015 - 16:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега