Деспотоски: Милевски веднаш да се извини за навредите упатени кон Армијата и припадниците на АРМ
„Жалам што пратеникот Милевски ги навреди сите оние 99,9 проценти чесни и поштени луѓе кои што се спремни да го жртвуваат својот живот за Република Македонија да ја претстават како земја сојузничка на сите оние кои што се за мир во светот“, вака реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотоски на обвинувањата и оцрнувањата упатени кон Армијата на Република Македонија од страна на пратеникот од опозицијата Горан Милевски.
Имено, на денешната 74-та седница во Собранието на Република Македонија пратениците дискутираат за точката од дневниот ред односно за Предлог - одлуката за испраќање на припадници Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
„Мислев дека ова никогаш нема биде кажано од оваа говорница за нашата армија. Многу ми е жал и срам сето ова да го слушам од оваа говорница“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Деспотоски.
За Деспотоски несфатливо е како пратениците од опозицијата се дрзнуваат да ја навредуваат армијата и припадници на армијата бидејќи како што рече тој, лично познава и голем број на припадници на армијата и голем број на припадници на полицијата и дека таму работат големи професионалци кои чесно си ја извршуваат својата работа.
На крајот, пратеникот Деспотоски уште еднаш упати апел и го повика пратеникот од пратеничката група на СДСМ Милевски поради ваквите напади и навреди, пред целата македонската јавност да се извини на Армијата на Република Македонија и нејзините припадници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа