Третоодделенец затвори две училишта: По „11 Октомври“ и во „Лазо Ангеловски“ бојкот на наставата

 

По „11 Октомври“, од утре ќе има бојкот на наставата и во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Аеродром. Родителите одлучија да не ги пуштат нивните деца на настава во знак на револт бидејќи институциите не го решаваат проблемот со ученикот кој има историја на насилство.

Последните три дена, родителите и учениците од ООУ „11 Октомври“ во скопски Центар ја бојкотираа наставата, затоа што не сакаа да посетуваат настава со проблематичниот ученик, откако тој доби согласност за преместување во тоа училиште. Откако е повлечена согласноста за негово посетување на наставата во училиштето во Центар, детето е вратено да учи во ООУ „Лазо Ангеловски“ во општината Аеродром.

Утрово, родителите го донеле ученикот пред вратата на училиштето, но и покрај отпорот на родителите и соучениците од неговиот клас, обезбедувањето немало друг избор, освен да го пушти ученикот во училница, затоа што неговите родители си заминале, а тој е малолетен и училиштето одговара за него.

Министерката за образование смета дека овој случај доби премногу јавност. Вели дека Министерството за образование нема ингеренции за случајот. Децидна е дека детето не смее да остане на улица туку училиштата се должни да ги решаваат овие проблеми посериозно. За овој случај вели дека стручните лица препорачале ученикот да го промени училиштето.

Овој случај трае премногу. Преземени се одредени мерки, па дури и МОН формираше Комисија која се вмеша во решавање на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината – изjави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Таа вели дека доколку поради ова дете се дозволило други деца да се отпишат од училиште тогаш виновни се стручните служби од училиштето.

Проблемот можеби е голем, јас не сум запознаена со деталите. Но, затоа постои систем за да го реши проблемот. Ако било дозволено да се отпишуваат ученици заради присуството на ова дете тогаш ние вината не треба да ја бараме ниту кај родителите ниту кај учениците. Системот затоа постои. Училиштето има препораки и упатства – додаде Јаневска.

Јаневска ги повика директорите и градоначалниците да го решат проблемот. Доколку за неколку дена тие не успеат да го решат проблемот ќе се вклучи Министерството. Вчера, учениците од училиштето „11 Октомври“ во Општина Центар ја бојкотираа наставата откако дознале дека проблематичниот ученик треба да се запише во нивното училиште.

 

04.12.2024 - 16:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега