Одбележување 20 години од отворањето на првите македонски амбасади
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше средба со амбасадорите Димитар Мирчев и Данчо Марковски, по повод 20-годишнината од отворањето на првите дипломатско-конзуларни претставништва на Република Македонија во Турција и во Словенија.
На средбата се разговарало за искуствата, развојот и проширувањето на дипломатската мрежа на Македонија во изминатите 20 години, а разменети се и мислења и ставови за предизвиците на сегашната македонска дипломатија и можностите за нејзино натамошно унапредување, согласно светските стандарди на современата дипломатија.
- Тоа беа трауматични почетоци за македонската дипломатија. Под блокади и напори од соседството да не опстои нашата држава. Тогаш некои измислуваа алиби како да ни воведат ембарга, а ние баравме добрососедство. Сега измислуваат како да одбегнат средби за решавање на спорови, ние пак бараме дијалог со добра воља. Притоа, Словенија и Турција беа на страна на граѓаните на Македонија. И тогаш и сега, истакнал министерот Попоски осврнувајќи се на јубилејот.
ФОТО: Влада