Јолевски во Конгресот на САД: Македонија бара преговори за името

 Македонија бара да се интензивираат разговорите по покровителство на ОН за спорот за името, а статус-кво состојбата со интеграцијата е неодржлива, оценил македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски во обраќањето во Конгресот пред членовите на Парламентарното собрание на НАТО, пренесува Дојче Веле.

Јолевски, како што пренесува Дојче веле, ја потенцирал искрената посветеност на Македонија за изнаоѓање заемно прифатливо  решение за разликите околу името, со кое ќе се зачувуваат националниот идентитет и достоинство. Тој истакнал дека Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во овие разговори.

Јолевски истакнал дека амбасадорот Метју Нимиц, на 7. април годинава, им презентирал предлог на двете страни. По неколку дена, Нимиц бил информиран дека македонската страна е подготвена за средба на која ќе се разговара за предлогот. За жал, рекол Јолевски, поминати се три месеци оттогаш и сеуште нема одговор од Грција. Македонскиот амбасадор ги информирал присутните и за писмото кое премиерот Никола Груевски го испрати до грчкиот премиер Самарас со предлог за состанок на преговарачките тимови на двете земји, предводени од страна на премиерите, а со посредство на Нимиц.

Јолевски се осврнал и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011, истакнувајќи дека Македонија очекува Грција да ја почитува пресудата на Судот и да не го блокира консензусот Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и во ЕУ.

- Состојбата на статус-кво е неодржлива за Република Македонија. Таа е неодржлива и за Европа. Интеграцијата на мојата земја во НАТО ќе има позитивно влијание не само во мојата земја и нејзините граѓани, туку за целиот регион на Југоисточна Европа, вклучувајќи го и нашиот сосед Грција“, истакнал амбасадорот Зоран Јолевски, пренесува Дојче Веле.

ФОТО: Дневник

најчитано сега