Дачиќ: Македонија и Србија не смеат да станат собирен центар за мигранти

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ бил еден од најгласните критичари на заедничките политики на Европската унија за бегалците и антитероризмот на денешниот состанок на земјите од западниот Балкан со претставници на ЕУ во организација на „Аспен институтот“ и германското Минстерство за надворешни работи, пренесе МИА.
 
- Европската унија се наоѓа пред еден голем тест да утврди дали може да изнајде единствена заедничка политика за одредени важни прашања, а тоа се прашањата за мигрантската криза и тероризмот. Ние како мали земји на западниот Балкан не можеме да водиме автономна политика кога станува збор за мигрантската криза туку нашата политика секако ќе се заснова на ставовите на земјите кои што се наоѓаат на тој таканаречен западно  „балкански пат на бегалците“. Тоа значи дека ако земјите од западна Европа ги затворат своите граници и ние ќе бидеме принудени да ги затвориме своите граници, предупредил во своето излагање српскиот министер за надворешни работи. 
 
Дачиќ пред присутните се пожалил дека ниту Србија ниту Македонија немаат соодветни информации за плановите на ЕУ. 
 
- Ние од Европската Унија досега не сме добиле одговор каква е нивната политика, што е нивни став, за да знаеме ние како да ги прилагодуваме нашите политики. Во таа смисла претставници на владите на Македонија и Србија во повеќе наврати разговарале на оваа тема и, барем што се однесува до нас, имаме една добра координација кога станува забор за следните денови и недели. Мислам дека ние не смееме да станеме собирен центар за сите мигранти затоа што тоа не е можно и не е реално да се издржи. Од тој аспект доколку нема затворање на европските граници за мигрантите и ние ќе продолжиме со протокот на бегалците, но тие да останат на наша територија една година или постојано мислам дека тоа не е реално, рекол Дачиќ.
 
Затоа, според Дачиќ, ЕУ треба да работи повеќе на утврдување на своите заеднички политики, а кога станува збор за Западниот Балкан да покаже многу повеќе флексибилност и, исто така, да има заедничка политика за проширувањето. Според српскиот министер, вистинско решение за најголем дел од проблемите на Балканот е што е можно побрзо сите земји на регионот да станат членки на Европската Унија. 
 
На средбата на „Аспен институтот“ учествуаат сите министри за надворешни работи од земјите од западниот Балкан меѓу кои и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, кој од ЕУ побарал соодветни информации за плановите на Брисел во врска до бегалците со цел земјата да се подготви подобро за справување со хуманитарните, транспортните и безбедносните аспекти на бегалската криза.
 
 
24.11.2015 - 16:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега