Радовишани ги дадоа своите идеи за новата програма на ВМРО-ДПМНЕ
Како резултат на барањата и идеите на граѓаните досега се реализирани многу проекти во сите градови во Македонија.
Градоначалникот на општината Сашко Николов истакна дека праксата која ВМРО-ДПМНЕ како партија ја воведе со давање идеи од граѓаните се покажа како многу успешна со тоа што од претходните програми голем дел од идеите на граѓаните се реализираа.
-Граѓаните знаат дека со нас се на сигурно, знаат дека дадените ветувања ги исполнуваме и ги реализираме планираните проекти. Ги почитуваме граѓаните и нивното мислење. И ги вградуваме во партиската програма нивните идеи, од кои како производ во Радовиш се реализирани повеќе проекти и во населените места и во градот. На пример: хортикултурно уредување на булеварот Александар Македонски, реконструкцијата на стариот мост во Радовиш и други, истакна Николов.
Градоначалникот посочи дека во тек се многу проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Радовиш.
-Започна градбата на пешачката патека од с. Ораовица до манастирот Свети Георѓи Великомаченик, потоа отпочнуваме со изградба на локалниот пат помеѓу Подареш и Калуѓерица, во тек е изградба на основно училиште во с.Покрајчево, и кон крајот на ова недела отпочнуваме со реализација на два најгорливи проблеми за жителите на населените места Калуѓерица и Воиславци, а тоа е изградбата на канализациона мрежа во овие две населени места. И во целост да опстоиме на ветениот збор и да го оправдаме дадениот глас за нас како политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, рече Николов.
Драги Миленков, претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека програмата која ја пишуваат народот и експертите ќе биде новиот успех на претстојните избори година кои треба да бидат одржани во месец април следната година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа