ВМРО-ДПМНЕ: Ги поддржуваме измените и дополнувањата на Кривичниот законик

 

Во прилог е ингетрален текст од соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја даде својата поддршка во понатамошното читање и собраниска процедура на овој пакет позитивни измени и дополнувања на Кривичниот законик како што се:

 Измени во делот на повредата на правата од работен однос;

 Измени во делот на измамата на купувачи;

 Имплементирање на предлози од Националната Комисија  за борба против трговија со луѓе и илегална миграција;

 Создавање на предуслови за функционирање на новиот систем на пробација;

 Како и измени и дополнување од областа на тероризмот. 

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека покрај сите овие измени и дополнувања на Кривичниот законик, најзачајна е измената која се однесува на правата од работен однос. Преку секојдневните средби со граѓаните постојано се соочувавме со случаи кои ги нотираа граѓаните, а се однесуваа на проблемот кога работодавачите им ја исплаќаа минималната плата на работниците, а потоа им бараа да ја вратат дел од сумата на парите кои што им биле исплатени. Токму преку овие измени на Кривичниот законик, се најде начин како да се стимулираат работниците да ги пријавуваат ваквите случаи и се изнајде системско решение за ограничување на работодавачите при вршење на овие дејствија.

Со овие измени на Кривичниот законик кои се однесуваат на делот на повредата на правата од работниот однос, во голема мера се заштитуваат правата на работниците во однос на работодавците односно работодавачот кој што ќе побара од работникот да му врати одреден дел од плата или друг вид на надоместоци, тогаш, овие измени, работодавачот ќе биде санкциониран со казна затвор со времетраење од 3 месеци до 1 година. Исто така, со овие измени, санкциониран ќе биде работодавачот кој што на работникот ќе му врачи отказ поради тоа што го пријавил работодавачот или дал исказ во својство на сведок затоа што му побарал на работник да врати одреден износ од плата или друг вид надоместоци исплатени од работодавачот.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е задоволна што конечно овој проблем со кој што се соочуваа голем број на работници во Република Македонија, особено по воведувањето на минималната плата, со овие измени се решава и ќе стане минато.

Како пратеници, нашата поддршка за измените и дополнувањата на овој закон, пред се' се должи на барањата на граѓаните кои секојдневно се соочуваа со непријатни ситуации каде што мораа дел од своите вредно заработени месечни примања да ги враќаат на работодавачите. Конечно, со ова законско решение уште повеќе се зголемуваат правата на работниците и во иднина се превенира и се спречува секој вид на уцена од страна на работодавачите. 

Ова е уште едно од низата законски решенија, со кои што ние како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се бориме и залагаме за заштита на правата на работниците и како и досега, така и отсега, ќе продолжиме да се бориме, залагаме и излегуваме во пресрет на нивните барања кои што ќе значат подобрување и заштита на статусот на работниците во нашето општество.

 
 
13.11.2015 - 15:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега