ВИДЕО: Пензиониран полковник на АРМ фатен во криминал тежок 935.000 евра

Во акција на Управата за финансиска полиција откриен е нов, голем случај на добро организиран финансиски криминал во кој како главен актер и органзатор се јавува, лицето С.С од Штип, инаку пензионираниот полковник на АРМ.

-Финансиската полиција спроведе предистражна постапка кај фирмите Стар Груп од Скопје, Витамин Ага од Гостивар, Ванекс од Тетово, Златен Клас ДООЕЛ Куманово, Златен Клас Род Куманово и Златен Клас Џуна исто така од Куманово при што откри постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 935.000 евра.Според податоците од предистражната постапка, шесте осомничени фирми преку нивните сопственици и управители во изминатите неколку години најголем дел од нивното деловно работење го вршеле незаконски, односно прозводите кои ги произведувале или увезувале од странство, ги продавале за готови пари, на црно без притоа да ги пресметаат и да ги платат даночните обврски кон државата, информираат од Финансиската полиција.

До основното јавно обвинителство во Скопје поднесена е кривична пријава против лицата Х.Д сопственик и управител на правниот субјект Стар Груп ДОО Скопје и С.С од Штип. Првопријавениот Х.Д во својство на сопственик и овластен потписник на правниот субјект Стар Груп ДОО, во период од 2011 до 2014 година, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупна вредност од 428.000 евра, ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство.

-Со ваквата постапка сопственикот на Стар Груп ДОО од Скопје се стекнал со противправна имотна корист во иснос од 163.000 евра на име затаен данок.За да го прикрие кривичното дело, на почетокот на 2014 година првопријавениот Х.Д се сретнал со штипјанецот С.С инаку пензиониран полковник на АРМ, при што договориле за одреден паричен надоместок С.С со помош на лицето Р.Т истотака од Штип да организира фиктивна продажба на правниот субјект Стар Груп ДОО Скопје на странскиот државјанин Кирил Рајчов Николов од Ќустендил-Република Бугарија. Бугарскиот државјанин најверојатно несвесен што потпишува, за сума од 50 лева, на нотар во Република Бугарија го ополномоштил лицето Р.Т во негово име и за негова сметка во Република Македонија поточно на нотар во Штип да ја превземе сопственоста и управувањето со Стар Груп ДОО Скопје со сите права и обврски. По потпишувањето на договорот за пренос на удел кај нотарот во Штип, Р.Т како награда од својот партнер С.С добил паричен надоместок од 500,00 денари а тој пак од првопријавениот Х.Д, наплатил сума од 1.200 евра. Истата шема била употребена и при фиктивната продажба на Витамин ага ДОО од Гостивар која е во сопственост на пријавениот А.Ш од Гостивар, кој во периодот од 2011 до 2013 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупен износ од 649.000 евра ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство со што на име неплатени даноци од државната каса си заработил 182.000 евра. За да го прикрие криминалот и да се ослободи од фирмата, пријавениот А.Ш го ангажирал С.С од Штип кој заедно со Р.Т истотака од Штип заминале во Република Бугарија поточно во Ќустендил за да најдат лице кое ќе ја превземе фирмата. За таа цел, на почетокот на 2014 година во Ќустендил, С.С и Р.Т се сретнале со лицето Рачо Борисов Рачев кој го измамиле да потпише полномошно на нотар за лицето Р.Т, за наводно да му најдат работа во Германија. За потписот на полномошното на Рачев му била платена награда од 50 лева. Врз основа на уредно завереното полномошно, Р.Т кај нотар во Штип во име и за сметка на бугарскиот државјанин, склучил договор за пренос на сопственоста на правниот субјект Витамин Ага ДОО од Гостивар со сите права и обврски. Пензионираниот полковник С.С истата шема за превземање на криминално задолжена фирма ја употребил и за правниот субјект Ванекс експорт-импорт од Тетово, фирма која е во сопственост на лицето В.Т од Тетово. Според податоците до кои дојде Финансиската полиција, оваа фирма во периодот 2009-2014 година залихата на трговска стока во вредност од 410.000 евра ја продала за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да ја евидентира во своето сметководство при што државата е оштетена на име даноци за вкупно 115.000 евра.Најголем финансиски криминал сепак е откриен во кумановските фирми Златен Клас ДООЕЛ, Златен Клас Род и Златен Клас Џуна. И овде организатор е истиот С.С од Штип заедно со неговиот партнер Р.Т исто така од Штип, стои во соопштнието.

Првопријавен за овој случај е М.П сопственик и управител на правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово кој се сомничи дека во периодот 2011-2013 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист на штета на државниот буџет, набавената трговската стока евидентирана на залиха во вкупен износ од 415.000 евра ја продал за готовински парични средства без притоа да изготви соодветна документација за продажбата и да плати данок во износ од 116.000 евра.

-Првопријавениот М.П со својот поход за неосновано богатење на сметка на Република Македонија и други коминтенти со кои имал деловна соработка, не запрел тука. Имено, свесен дека има заостанати обврски по основ на закупнина за користење на државно земјоделско земјиште за тековните години 2010, 2011, 2012 и 2013 година за што на Министерство за Земјоделство, шумарство и водостопанство му должел вкупно 132.000 евра и свесен дека на Фабриката за квасец и алкохол АД Битола по основ на набавена стока и должи сума од 122.000 евра, решил во целост да го обезвредни правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово на начин што целокупниот имот на фирмата во текот на 2014 година наводно го продал на фирмата Златен Клас РОД - фирма во сопственост на неговата сопруга Р.П. Доказ дека продажбата на имотот е фиктивна говори и фактот дека купувачот не извршил плаќање за купениот имот. И во оваа фингирана трансакција М.П сторил финансиски криминал бидејќи при наводната продажба не е пресметано и платено ДДВ во износ од 105.000 евра. За да се прикријат кривичните дела сторени со правниот субјект Златен Клас ДООЕЛ Куманово, првопријавениот М.П ги ангажирал штипјаните С.С и А.Д кои на 05.05.2014 година успеале правниот субјект фиктивно без надомест да го префрлат со сите права и обврски на бугарскиот државјанин Асенова Сашева Џуна од Ќустендил. За добро завршената работа, С.С од газдата на Златен Клас ДООЕЛ си наплатил награда од 500 евра а на бугарската државјанка кој не била свесна дека е измамена и платил сума од 50 евра. По претходно добиена Наредба за претрес на дом и помошни простории издадена од Основен суд Штип, извршен е претрес во домот на главниот организатор на криманалните активности С.С од Штип, при што е пронајдена документација која се однесува на правните субјекти кои со неговиот ангажман се пренесени на државјани на Република Бугарија. При претресот кај пријавениот пронајдени се и два преносни компјутери (лаптопи), во кои од извршениот увид од страна на овластено службено лице на Управата за финансиска полиција, утврдено е дека истите се користени за креирање на документација за превземање односно фиктивна продажба на фирмите кои се осомничени за финансиски криинал. Компјутерите и целокупната пронајдена документација се одземени и ќе бидат предмет на натамошно вештачење, соопштуваат од Финансиската полиција.

Во истражувањето на случаите, активно се вклучи и ИНТЕРПОЛ Бугарија кој ги обезбеди сите инволвирани бугарски државјани кои станале сопственици на македонските фирми осомничени за финансиски криминал тежок 935.000 евра при што од истите се обезбедени изјави со кои детално ги потврдуваат наодите од пријавите на Финансиската полиција. Со четирите поднесени кривични пријави до Основните јавни обинителства во Скопје, Гостивар, Тетово и Куманово за кривичните дела „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“, и „Помагање на сторител по извршено кривично дело“, пријавени односно осомничени се вкупно 8 физички и 6 правни лица за вкупна штета од 935.000 евра.

 

 
 
12.11.2015 - 10:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега