Врие во СДСМ: Раководството ја крие вистинската атмосфера на Централниот одбор
Во опозициската СДСМ врие. После речиси 4 месеци од последната седница која се одржа на 16 јули, опозициската партија вчера одржа Централен одбор. Како што дознава Прес24 од високи партиски извори на Бихаќка на седницата не присуствувале повеќе од 1/3 од членовите на овој најбитен партиски орган меѓу два Конгреси. Особено било видливо отсуството на поранешните пратеници и видни членови на СДСМ.
Дури, поранешната пратеничка од Битола, Весна Бендевска, упатила писмо до претседавачот на Централниот одбор, Диме Велковски, со кое, своето отсуство го објаснила со многу сериозни обвинувања дека Зоран Заев и Радмила Шекеринска директно го кршат Статутот на СДСМ, ги понижуваат органите на партијата, ја гушат демократијата, со тоа што според неа ниту една одлука поврзана со преговарачкиот процес и кадровските решенија, претходно не е одобрен низ вообичаените партиски процедури.
Уште една потврда за незадоволството во СДСМ е отсуството на заменик претседателот Радмила Шекеринска, на која се почесто и се случува, симптоматично, да ја нема на клучни седници на партиските органи, обидувајќи се да се амнестира од сопствената одговорност за неповолниот исход од преговорите. Нашиот висок извор од партијата, тврди дека отсуството на Радмила Шекеринска од вчерашната седница е последица на тоа што незадоволството од кадровските решенија ма Заев односно фактот дека меѓу новите министри и заменици ги нема нејзините фаворити.
Единствената утешна компензација, која може да го ублажи отсуството на кадровскиот потпис на Шекеринска во министерскиот кампус, е назначувањето на нејзиниот пулен Дамјан Манчевски за шеф на изборниот штаб на партијата, непопуларна, одговорна и многу неблагодарна позиција, која сепак, според неговите прогнози можела да стане некаква гаранција за конечно остварување на неговата опсесија да стане кандидат за пратеник.
Нервозата од предложените кадровски решенија, со кои Заев ги вдомува своите најблиски луѓе, го надополнува уште една околност, за која нашиот извор вели дека е потврда за очигледната лична нетрпеливост кај членовите на Извршниот одбор на СДСМ, кои се чувствуваат изневерени од лидерот на партијата. Имено, Максим Димитриевски, актуелниот претседавач со Советот во Општина Куманово, сметал дека тој, исто како и неговиот сограѓанин Оливер Спасовски, требало да стане министер.
Ист е случајот со професорката Татјана Прентовиќ, која заедно со поранешната новинарка од А1 телевизија и пратеничка, Ленче Николовска, до последен момент биле кандидатките на Заев за дополнителното заменичко место во министерството за земјоделие. Сепак, лидерот на СДСМ, за оваа позиција се одлучил за својот шеф на кабинет, Љупчо Николовски, со единствено образложение дека тој ја имал привилегијата да ги слуша таканаречените „бомби“ и заради тоа бил повеќе квалификуван да ја обавува функцијата.
Димитриевски и Прентовиќ, во знак на револт ја напуштиле вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ, за да го избегнат гласањето за кадровските решенија. Според нашиот висок партиски извор, не помало било незадоволство и за кандидирањето на Фросина Ременски за министер за труд и социјална политика, на која не можело да и се заборави што била потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров, и како увезен кадар многу лесно и брзо се искачила на највисоките партиски скалила.
Истовремено, претседателот на СДСМ, Зоран Заев се обидувал да ги намали очекувањата на членството, кое сметало дека сега е моментот да се вработи или да добие по некој тендер во министерствата каде СДСМ ќе има свои кадри, бидејќи јавно се говорело дека партијата не е приватна фирма на лидерот и неговите најблиски соработници, па само тие да ги уживаат привилегиите од влезот во Владата на ВМРО ДПМНЕ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа