Пешевски: Над 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори

Над 500 македонски компании имаат директна соработка и бенефит од отворените производствени капацитети на странските инвеститори, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Прометот на македонските компани од соработката со странските инвеститори во зоните, информира вицепремиерот, досега изнесува 50 милиони евра. Во соработка само со странските компании кои се наоѓаат во слободните економски зони годинава вкупниот износ на трансакции  изнесува 24 милиони евра, рече Пешевски. 

Според него, има зголемување на вработувањата кај речиси сите домашни компании кои соработуваат со инвеститорите во технолошко индустриските развојни зони и во индустриските зони низ државава. Има случиа, како што рече, кога се отворени целосно нови компании за да даваат услуги на компаниите во зоните, за снабдување со храна, за хигиена, во градење на индустриските објекти...

Дел од поставената стратегија на Владата е да се донесат што поголем број компании од трудово-интензивните дејности, но, како што рече, постепено со тек на време се менува и профилот на компании кон кои сме подготвени да дадеме и малку поинтензивна помош. Така се доаѓа до дополнителни економски ефекти, односно интензивна соработка со домашните компании и трансфер на технологии и нови знаења во Македонија.

- Конечната цел не е само да имате и ниска стапка на невработеност, што се разбира е добро, но, истовремено треба да се тежнее и кон подигање на просечните плати кои ќе ги плаќат компаниите, наведе Пешевски, дополнувајќи дека тоа се постигнува со  зголемување на конкуренцијата со носење повеќе компании, како и со ангажирање на вработени со повисоко ниво на образование и обука. Токму затоа, како што рече, се направени интензивни реформи за што поголем број млади по средното продолжат со високо образование и да се одговори на потребите на инвеститорите. 

Истакнувајжи ја инвестицијата на германски „Маркарт“, каде се работи со последната технологија за мехатроника, посочи дека за таа технологија се бараат соодветно образовани кадри. Следен ефект  понатаму е дел од овие лица кои работат да почнат постепено да преминуваат во македонски компании кои ќе станат добавувачи на  „Маркарт“ или други слични компании  токму со цел да има трансфер на технологии, знаења, повисоки примања, повисок степен на додадена вредност, рече Пешевски.

Во подготвителна фаза, како што информира, е проект во соработка со Светска банка, за градење сет на политики и мерки, со цел уште повеќе да им се помогне на домашните компании да станат добавувачи на компаниите од зоните и тоа да биде основа за нивна натамошна експанзија и излез од Македонија.

Во одговор на прашање од пратеничката Светлана Карапетрова од ВМРО-ДПМНЕ за последните најавени инвестиции од автомобилската индустрија во Струмица и во Скопје рече дека се очекуваат 1.500 односно 500 нови работни места.

Вицепремиерот Пешевски истакна и дека споредено со 2005 година кога највисокото ниво на инвестиции изнесуваше милијарда евра, лани има зголемување за 260 проценти, односно странските и домашните инвестиции достигнале 2,6 милијарди евра.

- На крајот на 2005 година вкупната бројка на лица кои имале работа е 540.000, а на крајот на вториот квартал годинава 700.000 лица. За нецели 10 години има зголемување на вработените за 155.000 лица, рече Пешевски.

 
 
29.10.2015 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега