„Што значи и што ќе донесе задолжителната котација?“
Денеска во Скопје ќе биде отворена работилница „Што значи и што ќе донесе задолжителната котација?“.
Организатори се Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), дел од Групацијата на Светска банка, СЕКО-Секретаријат за економски прашања на Швајцарија, Македонската берза АД Скопје и Институтот на директори на Македонија.
- Работилницата има цел да им укаже на компаниите дека со задолжителната котација се очекува да се подигне транспарентноста за нивното работење, да се даде нов импулс за развој на пазарот на хартии од вредност, како и да се зголеми тргувањето со хартии од вредност, посочуваат организаторите.
Задолжителната котација ќе овозможи централизирано собирање, обработка и користење на информациите за котираните друштва што ќе влијае кон создавање на поефикасен пазар на капитал во Република Македонија како за издавачите, така и за инвеститорите.
Исто така, работилницата се организира и заради објаснување на обврските што ќе ги имаат како компании, кои треба да котираат на Македонската берза АД Скопје, а ќе им се укаже и кои чекори треба да ги преземат и каква постапка треба да спроведат за да ја исполнат законската обврска за задолжителна котација.
Воведно обраќање ќе имаат Елизабета Чингаровска, претседател на Комисијата за хартии од вредност и Катарина Штокер, заменик директор на швајцарската канцеларија за соработка.
Свои видувања за задолжителната котација во панел дискусија ќе дадат и претставници на Одборот на директори во Македонската берза, на Институтот на директори на Македонија, на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во Македонија и претставник на Охридска банка АД Охрид.
На работилницата ќе биде промовиран и водич насловен „Што значи и што ќе донесе задолжителната котација“ што се очекува да биде соодветна алатка за компаниите за исполнување на обврските од задолжителната котација.
ФОТО: Фактор.мк