Честитка од Груевски по повод еврејската Нова година Рош Хашана
По повод празникот Рош Хашана - Новата 5776 година според еврејскиот календар, премиерот Никола Груевски лично и во име на Владата на РМ упати честитка до членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија и до нејзината претседателка Берта Романо-Николиќ со желби за среќна и успешна нова година.
- Празникот што го прославува еврејскиот народ на овој ден претставува симбол на новите почетоци, на прифаќањето на минатото и на смело зачекорување кон непознатото кое го носи иднината. Исчекувањето, можноста за остварување на соништата и желбите во времето кое доаѓа ни дава сила да се соочиме со секојдневието, ни ги ослободува умот и душата и им дозволува да живеат необременети од стегите на минатото. Истовремено, очекувањата од иднината нè упатуваат на пат кој води до посакуваните резултати и до успесите кон кои се стремиме. Овој празник носи длабока мудрост пренесувана низ генерациите на еден народ која нè учи дека човек секогаш треба да гледа напред, но и дека за да се исполнат желбите потребно е да работиме, да бидеме вредни, да сме добри и дарежливи зашто само тогаш можеме да очекуваме да бидеме благословени со истата среќа, радост и милост со кои и самите сме ги дарувале другите, пишува во честитката на премиерот Груевски по повод празникот Рош Хашана.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа